Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Бајден: Време е да свртиме нова страница

Бајден: Време е да свртиме нова страница

Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден, во својата прва изјава по формалната потврда на изборната победа, остро го критикуваше претседателот на заминување, Доналд Трамп, затоа што и понатаму одбива да ги прифати изборните резултати и изборниот пораз.

Бајден го осуди однесувањето на Трамп кој на само нешто повеќе од еден месец пред инаугурацијата на новиот претседател на САД, продолжува да не ја прифаќа, како што рече Бајден, волјата на народот.

„Против правната држава“

„Станува збор за екстремен став што никогаш не е забележан во САД„ – рекол Бајден во Вилимингтон, во сојузната држава Делавер каде, инаку, постојано живее.

Во своето обраќање до домашната јавност, новоизбраниот претседател рекол дека станува збор за една позиција која одбива да ја почитува волјата на Американците, но во исто време, тоа значи и непочитување на правната држава и конечно, одбивање да се почитува Уставот на САД.

 Интегритетот на американските избори е сочуван, па сега е време да се сврти нова страница. Сега е време сите да се собереме, заедно – рекол Бајден.

Победа на демократијата

Во својот прв, според американските медиуми лидерски говор, Бајден рекол дека ништо не може да го попречи „пламенот на демократијата“ во земјата.

„Тој пламен е одамна запален, а сега знаеме дека не може да го изгасне ниту пандемијата, а ниту злоупотребата на власта“ – порача новоизбраниот претседател, кој за прв пат, јавно го оквалификува претседателствувањето на Трамп како злоупотреба на дадената власт, по изборите од пред четири години.

Засега, не се знае дали претседателот на заминување кој не признава дека победил Бајден, воопшто, ќе присуствува на инаугурацијата на новиот шеф на државата. Претходно, Трамп одбиваше директно да одговори на ова прашања од медиумите.

Наместо него одговори Бајден кој во една прилика истакна дека е многу важно досегашниот претседател да учествува на инаугурацијата – затоа што тоа е во интерес на самата Америка.

Постапка во Конгресот

Познато е само дека продолжува да војува и да зборува дека „тој е изборниот победник“.

По одлуката на Врховниот суд на САД да ја одбие жалбата на републиканците, за изборниот резултат во Пенсилванија, како и по соопштувањето на електорските гласови, Трамп би можел да се обиде да ја користи последната шанса – да побара од Конгресот да не ги потврди изборните резултати.

Според Уставот, станува збор за (до сега) формална постапка, но таа, во атмосферата што ја има создадено поразениот кандидат на републиканците, може да се претвори во уште една очајничка „претстава“ на Трамп за одржување на пост – изборната политичка криза која тој, самиот ја создава.

Конгресот за изборите треба да расправа на 6 јануари, а аналитичарите во Вашингтон, сепак, не се сомневаат дека било што ќе може да се промени, дури Трамп и да се одлучи на ваква постапка, на две недели пред да си замине од Белата куќа.

Меконел со честитка до Бајден

Прво, затоа што во Претставничкиот дом, демократите се во мнозинство. Втората работа е што во Сенатот републиканците, навистина, се во предност, но таму се топи партиската лојалност, која изминатите четири години, го претвори Горниот дом на Конгресот во партиско тело на Трамп.

Некои републикански сенатори уште од порано ја признаа победата на Бајден, како на пример, сенаторот Мит Ромни, кој загуби на претседателските избори во 2012 година од Барак Обама.

Но, во случајов, многу е поважно што честитка до новоизбраниот претседател упати сенаторот Мич Меконел. А, тој е лидер на републиканското мнозинство во Сенатот, угледен и влијателен републиканец и (досега) сојузник на Доналд Трамп.

(В.А.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе