Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Имунитет за екс претседателите на Русија

demerzel21/BigStock.com

Имунитет за екс претседателите на Русија

Долниот дом на рускиот Парламент (Дума) го усвои контроверзниот закон со кој се гарантира доживотен имунитет на претседателите на Русија. Во Москва се верува дека законот е создаден само за актуелниот претседател Владимир Путин.

Според усвоениот закон, оној кој бил на претседателската функција „не може да предмет на кривична, или на управна (судска) постапка, ниту пак да биде уапсен, претресуван или сослушуван“.

Ваков имунитет им е даден и на членовите на семејството на поранешните руски претседатели, кој се однесува и на нивниот имот, на возилата кои ги поседуваат, на комуникацијата, како и на документите што им припаѓаат.

(Не)еднаквост пред законот

Ваквиот имунитет може да се укине само доколку поранешен претседател биде обвинет за предавство, или за исклучително тешко кривично дело.

Но, и за укинувањето на имунитетот за вакви причини, законодавецот има предвидено дополнителни услови.

Потребно е обвинувањето да биде потврдено (!?) од Врховниот и од Уставниот суд на земјата и од две третини од пратениците на државната Дума и од членовите на Горниот дом на Парламентот – Домот на федерацијата.

Критичарите велат дека вакво нешто, практично, е невозможно да се постигне доколку за тоа не постои договор и согласност – како да се определат судовите и како да гласаат членовите на Парламентот.

Како и да е, засега, не е познато зашто е воопшто потребен еден ваков закон, доколку се тргнува од основното начело на правната држава – дека сите граѓани на една земја – вклучувајќи ги и оние кои имаат, или имале државнички функции – се еднакви пред законите.

Горбачов исклучен од имунитетот

Во посткомунистичкиот период на Русија, од распадот на поранешниот Советски Сојуз, а тоа се речиси 30 години – земјата имала само тројца претседатели.

Првиот е Борис Елцин кој е починат, вториот е Владимир Путин, кој е веќе 20 години на власт. Третиот е Дмитри Медведев кој во Кремљ беше еден мандат, меѓу 2008 и 2012 година, кога му го „чуваше местото“ на Путин, додека овој беше премиер.

Предлагачот на законот, Павел Кришењиков, меѓутоа, почувствува потреба да објави во јавноста, дека законот во чие правење и тој учествувал – не се однесува на Михаил Горбачов, првиот и последниот претседател на некогашниот СССР.

Токму ваквата јавна порака, се смета дека само го потврдува раширеното мислење дека законот е создаден за да се обезбеди „мирно повлекување “ на актуелниот шеф на државата.

Во еден момент тоа во некои руски медиуми беше објаснето со (наводната) болест на Путин, но Кремљ категорично ги има отфрлено сите вакви тврдења.

„Владимир Владимирович (Путин) е со сосема добро здравје“ – кусо има изјавено неговиот портпарол, Дмитри Песков.

Закана за Медведев?

Со претходно направените уставни измени, на Путин (68) му се овозможува да го продолжи својот мандат во Кремљ и по истекот на сегашниот втор мандат, што истекува во 2024 година.

Направената промена му дава законска основа тој да остане неприкосновен лидер, како претседател на Русија, се до 2036 година. Или уште во два, едно по друго претседателски мандати – од 2024 година, од по шест години.

Има мислење и дека најмногу полза од законот (засега) може да има Медведев кој (не)очекувано беше сменет од премиерската функција во минатата година.

Тој сега е ставен во длабока политичка сенка, како потпретседател на рускиот совет за национална безбедност (претседател е Путин).

Но, изминатиот период беше често критикуван од Алексеј Навални, за тоа дека има примено мито од руските олигарси и дека располага со „царство од недвижен имот“, како во Русија, така и во странство.

(М.Р.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе