Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Будимпешта молчи за скандалот

SitthipongP/BigStock.com

Будимпешта молчи за скандалот

Во седиштето на ЕУ во Брисел и после неколку денови од скандалот со приватната геј – забава, зачинета со дрога, која полицијата ја откри во стан, над еден познат геј клуб во белгискиот главен град, не се намалува гневот на функционерите на Унијата од однесувањето на една поголема група дипломати – пратеници во Европскиот Парламент кои биле учесници во забавата.

Гневот не е толку од сознанието дека група од 25 европратеници имаат поинаква сексуална ориентација, затоа што таа работа во западниот свет и во европските либерални демократии се третира како едно од човековите права.

Гневот, според извори на Скопје/Глобал, е во дрогирањето и во развратната атмосфера, неприлична за оние кои ги претставуваат своите земји во Парламентот на Европа и во Унијата, без разлика на приватноста на „веселото дружење“ исполнето со оргијашење.

Непочитување на мерките

А, најмногу во тоа што друштвото, во кое според бриселските весници имало повеќемина пратеници од конзервативната, унгарска владејачка партија Фидес на Виктор Орбан, ги има погазено прописите и ограничувањата на самата ЕУ, на Белгија и на градот – за борбата што целата Унија ја води со пандемијата.

Ова раскалашено друштво, не го почитувале полицискиот час – што веројатно, јавно, го барале во разни дебати, која како мерка постои и мора да се почитува и во самата Унгарија.

И додека во Брисел се чека сите приведени и казнети „веселковци“ брзо да ја платат паричната казна, за да не се појават на суд, па таму да бидат идентификувани, и покрај нивниот дипломатски статус, што им овозможува да се сокриваат од јавноста, во Будимпешта, во партијата Фидес и во владата на премиерот Орбан се прават како сето тоа воопшто да не ги погодува.

Таму никој не сака да реагира, ниту да се огласи – барем со осуда, посебно што единствениот демаскиран од геј забавата е Унгарец, европратеник и висок функционер на владејачката партија во Унгарија – позната по својата крајно десничарска ориентација, по национализмот, но и по конзервативизмот и силното спротивставување на европската либерална демократија.

Двоен морал на европратеникот Сајер

Приведениот, казнет, па (како дипломат) ослободен, европратеник Јожеф Сајер веќе има поднесено оставка на европската функција. Но, таа постапка никако не може да го покрие неговото неморално, развратно однесување, неговата дволичност и двојниот морал – еден, наменет за семејството и за унгарската политичка јавност, а другиот за приватниот живот што го водел во Брисел.

Во градот каде е седиштето на ЕУ, овој 59 годишен сопруг и татко, во слободното време им се препуштал на своите посебни сексуални задоволства, кои како политичар јавно ги жигосувал.

Се покажа дека поради него и неговото детинесто однесување – да бега од полицијата, преку прозорецот, целиот раскрвавен од самоповредувањето при бегството, токму тој помогна скандалот да се појави во јавноста.

Меѓутоа, покажа и какви се луѓето од неговото партиско – идеолошко опкружување кои во Унгарија (пред гласачите) и низ ЕУ продаваат моралност, религиозност и зборуваат за божемната светост на семејството и бракот, обвинувајќи го во дебатите на Европскиот Парламент, либерализмот за „моралниот пад на европскиот Запад“!

Близок соработник на Орбан

Сајер и не е обичен европратеник. Во својата земја која се повеќе се изолира како „црната овца“ на европското семејство, е познат како еден од најблиските сојузници и соработници на авторитарниот унгарски премиер Орбан.

Тој е и еден е од основачите на конзервативната и десничарска партија Фидес која една декада ја држи под контрола Унгарија.

Тој го има работено најновиот Устав на земјата, од 2012 година, кој (велат) најмногу на неговото инсистирање, унгарскиот Устав е полн со конзервативни, религиозни и тврдо католички погледи и ставови.

Го заштитува бракот како заедница, исклучиво на маж и на жена, а како остар противник на ЛГБТ заедницата, се има спротивставувано на нејзиното постоење во унгарското општество.

Во Будимпешта, сега се потсетува дека Сајер, како и неговиот партиски лидер, е поранешен стипендист на Фондацијата на Сорос за отворено општество, заедно со некои други функционери на Фидес кои сега Сорос го споредуваат со Адолф Хитлер!?

Удар врз Фидес

Унгарската политичка опозиција која режимот на Орбан ја има целосно маргинализирана, изразува, како што вели, гнасење од хипокризијата на власта, на луѓето од врвот на Фидес и од нејзиниот лидер.

„Сега е сосема јасно каков христијанин, конзервативец и религиозен човек е Јожеф Сајер. За каков сопруг и татко станува збор и каков „морален“ партиец на Фидес е овој човек, фатен во Брисел во една крајно развратна ситуација“ – има изјавено претставник на Демократската коалиција на Унгарија.

Сега е јасна неговата сексуална ориентација, но неговата постапка е силна шлаканица за владејачката партија во Будимпешта и за самиот Орбан.

А, тој и неговата влада одбиваат да зборуваат за скандалот, објаснувајќи само дека тоа „беше и помина“ и дека станува збор за работа на Сајер кој и онака има поднесено оставка.

Против европските стандарди

На новинарските прашања за тоа дали скандалот и постапката на еден близок соработник на лидерот на Фидес ја има ослабнато позицијата на владата во Будимпешта, министрите во унгарскиот главен град, одбегнуваат да одговорат.

Позицијата, во секој случај, е растресена. Но, како сега стојат работите, со голема помош и на европските пари, Орбан продолжува да управува со земјата, онака како што тој сака.

Во судир е со либералните стандарди на ЕУ/Европа, со вистинската демократија, со отвореното општество, со европеизацијата на Унгарија.

Војува дури и со заедницата на европските народни партии (ЕПП), каде тој и неговиот Фидес, формално, се уште членуваат, иако во Европа и во самата унгарска политичка јавност се проценува дека веќе се сосема блиску до „црната Алијанса“ на ултра – десницата.

Не е случајно што претседателот на заедницата ЕПП, Доналд Туск веќе неколкупати досега има запрашано – што уште треба да направи Фидес, веќе со месеци суспендирана од оваа заедница, за да биде и натаму во неа.

„Тие повеќе пати покажаа дека не се дел од нашето семејство“ – изјави деновиве Туск.

(Б.У.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе