Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Хашим Тачи оди на судење во Хаг

Хашим Тачи оди на судење во Хаг

Специјалното обвинителство во Хаг го потврди обвинувањето против Хашим Тачи, претседател на Косово.

Тоа значи дека на Тачи ќе му се суди за времето кога беше на челото на Ослобителната војска на Косово. Тој во Приштина изјави дека во Хаг ќе оди доброволно.

Во исто време, соопшти дека поднесува оставка на сегашната функција, објаснувајќи дека сето тоа го прави во интерес на Косово и на косовската позиција во светот, затоа што е неспоиво натамошното останување на една таква позиција, сега кога е и формално обвинет.

Претседателската функција, до изборот на нов претседател, ќе ја извршува актуелната претседателка на косовскиот Парламент, Вјоса Османи.

Покрај Тачи, Обвинителството го потврди обвинувањето и за Кадри Весели, поранешен претседател на Парламентот.

Злосторства против човештвото

Овие двајца, како и уште десетмина други, заеднички се обвинуваат за десет разни обвинувања, што Специјалниот суд за Косово ги има дадено на разгледување уште на 24 февруари.

Сите се осомничени, прво, за злосторства против човештвото, а потоа и за воени злосторства, вклучувајќи и убиства, присилни исчезнувања, за прогони и за измачување.

Во известувањето за обвинувањето, што Обвинителството го објави уште пред да биде потврдено обвинувањето, се посочува дека станува збор за кривична одговорност, за без малку, стотина убиства.

Се тврди дека жртвите, главно, се познати и меѓу нив има етнички Албанци, Срби и Роми, како и припадници на други националности, но и политички противници.

Хашкото обвинителство, дополнително, ги товари и Тачи и Весели за опструкција на судот. Токму поради ова, во нивниот случај е примената една крајно невообичаена постапка – да се објави дека е поднесено обвинување за извршени воени злосторства, уште пред тоа да биде и потврдено.

Колку за појаснување – според процедурата на судот во Хаг, Специјалното обвинителство може да го потврди, но може и да не прифати покренување формално обвинување, па затоа, вообичаената постапка е ништо да не се објавува се додека обвинителството не се определи. Во овој случај, тоа не беше почитувано.

Потврдени обвинувања за петмина

Работите се открија кога стана јасно дека во Вашингтон, под покровителство на Белата куќа, ќе се одржи средба меѓу косовскиот претседател ( тогаш Тачи) и српскиот претседател Александар Вучиќ, околу постигнувањето спогодба за нормализацијата на косовско – српските (економски) односи.

Таа се одржа и она што Вашингтон го имаше замислено се оствари, но наместо Тачи во главниот американски град патуваше премиерот Хоти.

Како и да е, заедно со она на Весели, засега се потврдени пет обвинувања.

Претходно тоа беше направено и во случајот на Салих Мустафа, обвинет за измачување на најмалку шест лица и за убиство на едно – сето тоа направено во специјално уредениот затвор на ОВК. Тој веќе ги има отфрлено сите обвинувања.

Во меѓувреме, во Приштина беше уапсен Јакуп Красниќи, за кого веќе има потврдено обвинување, но не е откриено за што тој се товари.

Соопштено е дека има обвинување и за Реџеп Селими, шеф на парламентарната група на партијата Самоопределување. За него се вели дека самиот, доброволно, заминал за Хаг.

Таму во притвор, веќе се наоѓаат и Хисни Гуцати и Насим Харадинај. Но, тие двајца се товарат за кривично дело против правдата, поврзано со истекувањето доверливи информации од Обвинителството.

Судење на ОВК

Сите косовски државјани на кои ќе им се суди во Хаг и припаѓаат на т.н. воена генерација политичари, припадници и борци на поранешната ОВК кои влегоа во тамошната политика, или се најдоа на разни државни функции.

Сето тоа значи дека хашкиот Трибунал, конечно, се зафати со расветлувањето на случувањата, на воените дејствија и на злосторствата што се извршени во текот на ослободителната борба, како што во Косово се нарекува тоа време, како последното поглавје од крвавиот распад на поранешна Југославија.

Досега постоеја само сомнежи, крајно спротивставените гледање од Белград и од Приштина, исполнети со меѓусебни обвинувања.

Едните, со инсистирањето да се прикаже вистинското лице на криминалната ОВК и реакцијата на другата страна, за потребата од „неопходен одговор“ на косовските Албанци на злосторствата на српската војска, на нејзините специјални сили, како и на разните српски паравоени единици кои дејствуваа на косовскиот терен.

Тоа (велат) се случувало на косовскиот фронт, се до силната интервенција на меѓународната заедница за запирање на крвавите воени судирања во кои страдаа цивили и од двете страни.

Страдање на цивилите

Сега, Специјалниот суд за Косово ќе се занимава со постапките на припадници на ОВК, кои според обвинувањето, изгледаат дека биле далеку потешки од оние кои може да се објаснуваат со борбата и со потребите на некакви воени операции.

Постојат сомнежи дека во многу случаи имало силно прекорачување на „правилата на војната“ – биле грабнувани и измачувани и убивани обични луѓе, оние кои не војувале.

Постапки, што никој и никаде не може да ги оправда со „високите цели за ослободување“ или за „протерување на окупаторот“, како што луѓето на ОВК ја имаат означувано српската војска и полиција.

Судењето на Тачи, Весели и на сите другите, не значи алиби за српската страна, ниту заборавање и покривање на нивните постапки. Хаг овој пат се занимава со утврдување на одговорноста на косовските Албанци во униформите на ОВК.

Македонските воени денови

Во тој пакет, за прв пат, се става и делувањето на македонските Албанци, на тој начин што Хаг го има повикано и Али Ахмети.

Тој во воените судирања во Македонија 2001 година беше командант за Македонија, во униформа на која стоеја ознаките на ОВК.

По Охридскиот договор, тој ја симна униформата и стана политичар, лидер на најголемата партија на македонските Албанци, која е дел од сите коалициони влади од 2008 година.

Од извори блиски на неговиот круг, се вели дека за него нема обвинување и дека тој е вклучен само како сведок.

Останува да се види како натаму ќе се развиваат работите, кога ќе почнат судењата.

Но, воените судирања на овој терен од пред 19 години, во кои во истите униформи се најдоа „доброволци“ од Косово и овдешни, „незадоволници“ од албанската етничка заедница, со својата положба во општеството, бараат одговор за некои настани во кои на удар се најдоа цивилите.

Брзата интервенција на меѓународната заедница го спречи косовското ( или босанското) сценарио во Македонија.

Во еден момент изгледаше дека тогашната власт во Скопје сака на оруженото „незадоволството“ на албанската страна, да се одговори во некаков „српски стил“, како оној на Косово.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе