Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Грција: три недели „под клуч“

bestravelvideo/BigStock.com

Грција: три недели „под клуч“

Владата во Атина одлучи, од сабота, Грција одново да се затвори и да се стави „под клуч“ – во строг карантин – за да се запре натамошното ширење на вториот бран од пандемијата со корона вирусот.

Карантинот ќе трае следните три недели, до крајот на овој месец и во тој период властите, заедно со епидемиолозите треба да дејствуваат заеднички за да се одржуваа оваа мерка и за да може да се постигнат саканите ефекти.

Строгиот карантин значи дека сите продавници ќе бидат затворени, а на користење на луѓето ќе им останат само супермаркетите и продавниците за храна и за други потреби на луѓето.

Овие продавници ќе може да бидат отворени, како и аптеките.

СМС дозвола за излегување

Основата на грчкиот карантин е дека луѓето ќе може да излегуваат од своите домови, само со ОДОБРЕНИЕ на властите (секако во согласност со епидемиолозите).

Таквото одобрение ќе се добива преку мобилните телефони, откако, претходно ќе биде побарана дозвола да се напушти живеалиштето. Се праќа порака на определен број и оној кој сака да излезе треба да наведе која е причината, како и да го наведе времето што му е потребно за тоа.

Откако ќе се прати една ваква порака, треба да се сочека на дозволата од властите. Таа исто така ќе биде испратена преку мобилниот телефон на лицето кое барало излез!

Според грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, станува збор за „тешка одлука“, која според него, морала да се преземе“.

Тој уште објаснил дека, за разлика од карантинот пролетва, во екот на првиот бран на вирусот, овој пат училиштата во земјата нема да се затворат, а видео настава ќе има за средните училишта и за студентите на факултетите кои, на тој начин, исто така ќе мора да останат дома.

Карантинот во Грција почнува во сабота, во 06 часот по локално време.

Опасно опуштање

Земјата го помина полесно од сите другите во ЕУ, пролетниот налет на кинескиот вирус. Бројот на заразените и на починатите беше драстично помал од оној во Италија, Шпанија или Франција.

Тогаш беше забрането движењето (патувањето) на луѓето, од една општина во друга. Сите грчки острови, тогаш, беа „заклучени“ затоа што беше забрането како патувањето кон нив, така и излегувањето од таму. Објаснувањето беше дека на островите јавното здравство, сепак, не е на потребната висина за да секој остров може да се справи со една ваква пандемија.

Од јуни, меѓутоа, а посебно од 1 јули, грчката влада ја отвори земјата за странските туристи. Туризмот е важна гранка за домашната економија, која во создавањето на грчкиот БНП учествува со 30 отсто.

Ова отворање ги „ослободи“ и Грците кои брзо заборавија на заканата од вирусот, па иако во сила останаа низа мерки за заштита, впечаток беше дека малку домашни луѓе ги користеа. Странците уште помалку.

Веќе во август и посебно септември, тамошните здравствени власти почнаа да предупредуваат дека вирусот се вратил во Грција и како „кризни места“ се посочуваше цела Северна Грција, реонот на Солун и Атина, како и десетина од островите во Егејското и во Јонското море.

Меѓусебни обвинувања

Настана период на меѓусебно обвинување околу тоа кој кому му ја има предадено заразата. Особено откако Британија ја обвини Грција дека е виновна што цел еден авион со британски туристи, се вратил од одморот на јонскиот брег, со заразени Британци.

Грчката страна, пак, обвинуваше дека многу гости допатувале заразени, или биле позитивни уште пред да тргнат на одмор, па властите забранија влез за гости од Бугарија, Србија и Романија, каде епидемијата веќе беше силно раширена.

Дури една група од стотина српски туристи, присилно беа вратени назад, откако им беше прекинат одморот кога се разбра дека меѓу нив имало заразени.

Како и да е, вината треба да се бара и кај самите Грци кои не почитувајќи ги предупредувањата, одеа на прослави и посети каде има поголем број луѓе, а посебно на свадби и крштевки, па во внатрешноста на земјата нагло дојде до раст на бројот на новозаразени.

Тоа сега, во време на вториот бран е уште поизразено. Тоа е и објаснувањето, зашто владата во Атина се определила за една ваква, драстична мерка.

Голем број хоспитализирани

Во Грција изминатите четири-пет недели регистрирано е забрзано зголемување на бројот на новозаразените, како и смртноста. Само во средата, во 24 часови имало над 2700 новозаразени и 18 починати.

Тоа е висока бројка за оваа земја, посебно ако се спореди со бројките од пролетоска. Но, Грција и натаму има далеку помалку заразени и починати од просекот во ЕУ – досега над 50 илјади заразени и болни и над 700 починати.

Грчките епидемиолози признаваат дека проблемот е во малите капацитети на здравството, неподготвено за вакви кризни состојби, што станува алармантно поради големиот број пациенти кои морало да се хоспитализираат поради тешката здравствена состојба.

Голема е бројката и на тие кои се сместени на интензивна нега и на респиратори, а овие одделенија се недоволни во грчкото јавно здравство.

За само еден месец, бројот на пациенти ставени на респиратори двојно се зголемил.

(А.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе