Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Каде има најмногу заразување со корона

Каде има најмногу заразување со корона

Германскиот институт „Роберт Кох“ има спроведено истражување за тоа каде најмногу луѓето се заразуваат со коронавирусот, откако вториот бран на пандемијата, која овојпат најтешко ја има погодено Европа, се насочи и кон Германија каде сега се бележат рекордно високи дневни заразувања.

Тоа ја натера владата во Берлин да се врати на некои од мерките за одбрана од епидемијата, што ги применуваше пролетоска, а пред се, за воведување карантин во некои реони, или во области каде заразата се шири побрзо.

Анкетите покажуваат дека 65 отсто од Германците се согласуваат (одново) да се воведе каранатин, но не се согласуваат околу тоа каде да го има и кој да го понесе товарот на изолирањето на луѓето.

Приватни забави и дружења

Тоа , на некој начин, го покажува и институтот „Кох“ , според чии наоди, како најопасно место за ширење на епидемијата се посочуваат приватните дружења, домашните забави и собирање гости, како и журките на младите по становите и куќите.

Многу анкетирани, не само во Германија, туку и низ Европа, меѓутоа, одбиваат да го прифатат тоа.

Најчесто објаснувајќи дека дружењата навистина се интензивирани , но тоа се случува ,меѓу другото, најмногу поради пандемијата.

Епидемиолозите, пак, остануваат на тврдењето дека домашните забави и седенки силно го покренале и продолжуваат да го покренуваат ширењето на вирусот.

Особено кога на нив има повеќе луѓе, како на младешките журки, на кои доаѓаат и малку познати гости.

Така, ваквите дружења, наеднаш се претвораат во „мини“ ресторани, во барови, или ноќни клубови кои , инаку, се опфатени со карантинот и се затвараат.

Ова не е случај само со Германија, туку и со другите земји во Европа.

Франција, Шпанија, Италија, Британија и Холандија ги имаат посочено како опасни места за заразаување, па затоа и го ограничуваат бројот на гостите што може да се примат во едно домаќинство.

Закана од работното место

Најчесто, тоа се шестмина , заедно со домаќините, а некаде , како во делови од Англија, се ограничуваат на само четири лица.

Дури и Шведска, која продолжува да се фали со својот „модел” за колективен имунитет, дига раце од својата формула, па после забрзаниот раст на новозаразените во изминатите недели, владата во Стокхолм определи дека дома, на дружење или забава, може да се соберат најмногу осум лица (со домаќините, секако).

На второто место, во истражувањето на берлинскиот институт „Кох“ за локациите од потенцијално заразување, се домовите за стари луѓе кои остануваат и натаму „опасен терен“ за да се „фати“ короната.

Како трета локација, на која многу треба да се внимава, се посочува работно место, или таму каде луѓето работат и минуваат голем дел од денот, со помал, или со поголем број луѓе кои доаѓаат од разни средини, во кои живеат и се дружат.

Мало заразување во здравството?

Овде има и најмногу разногласија. Истражувањето покажало дека многу малку новозаразени има во она што се означува како – области врзани за слободното време – а епидемиолозите токму овие области ги ставаат (редовно) во сктори кои се под карантин.

Мал процент на заразување (сега) има во областа на медицината – болниците, амбулантите, или ординациите-иако (барем во Германија) во последно време бројките на новозаразени се зголемува и во овој сектор.

Германското истражување, покажува мал процент и кај тамошните ресторани, хотели и пансиони кои, инаку, се затворени уште од почетокот на пандемијата и се сметаат за најтешко погодена област со карантинот.

Малку новозаразени „потекнуваат“ и од јавниот превоз , што се објаснува со драстично намалениот број патници, што од воведените мерки, а што од стравот на луќето да седат близу до сосема непознати луѓе, без разлика што сите би носеле маски на лицето.

Изменет распоред на „виновници“

Конечно, училиштата и градинките, сепак, остануваат отворени во Германија и во Франција. Прво, затоа што образованието за децата и младите е исклучително важна област, а второ, затоа што процентот на новозаразените е мошне низок-барем засега.

Во Ирска, на пример, изнесува само седум отсто. Во Шпанија, која бележи рекорди во новозаразеноста, само шест отсто, додека европскиот просек за заразеноста кај младите, под 18 години , изнесува пет отсто.

Истражувањето на германскиот институт откри и тоа дека распоредот на „виновниците“ за ширењето на епидемијата, оваа пшролет и сега, во октомври, силно се разликува.

Пролетва, медицинските установи и старските домови беа убедливо пред сите – „најопасни места“ за престој на кои може да се „фати“ вирусот. Сега, меѓутоа, локациите како да се превртени.

Тоа се објаснува со целосниот карантин што важеше во март, април и мај, па приватни дружења и немаше. Училиштата и градинките беа затворени, а работните места беа празни.

Бизнисот беше речиси целосно запрен, или луѓето работеа од дома.

Пресвртот настана од почетокот на јуни, кога изолацијата почна да попушта- кога стана јасно дека економијата и кај најбогатите може целосно да крахира, ако сите седат дома и чекаат да земат било каква плата – не работејќи ништо.

(Б.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Здравје

Горе