Поврзете се со нас

Skopje Global

Трендови + Општество

Нов Зеланд дозволи еутаназија

motortion/BigStock.com

Нов Зеланд дозволи еутаназија

Од следната 2021 година, во Нов Зеланд ќе може да се практикува еутаназија (прекинување на животот на пациент, под лекарска контрола), откако на референдум, гласачите на оваа далечна островска држава, со големо мнозинство го подржаа владиниот предлог.

И без конечно преброените гласови, беше соопштено дека предлогот поминал, затоа што за еутаназијата гласале 65 отсто од луѓето, додека против биле 34 отсто од Новозеланѓаните.

Ваквата силна поддршка за еутаназијата е примена со изненадување, посебно надвор од оваа земја, затоа што таа се практикува во исклучително малку држави низ светот. Прво, затоа што цркавата, воопшто, католичката, протестантска и православната, се против.

Голем број лекари низ светот се спротивставуваат на ваквото прекинување на животот, тргнувајќи од заклетвата на медицинарите- да се борат за животот на пациентот кого го лекуваат, до последниот момент.

„Помагање при самоубиство“

Конечно, против еутаназијата, што практично се третира како самоубиство, со помош, или со придружба, се и правниците. За нив, станува збор за кривично дело кое го имаат набележано најголемиот број кривични законодавства, па затоа против оние кои извршуваат, или помагаат еутаназија, се покренува обвинување и тоа е така во многу држави низ светот.

Сега, некаков облик на еутаназија дозволува Холандија, но се практикува и во Луксембург, Белгија, Канада и Колумбија.

Во Европа и во светот, како посебен „феномен“ се третира случајот со специјализираната, приватна „болница“ во Цирих – „Дигнитис“ – каде под лекарски надзор се извршува еутаназија, за која, секако, се наплатува.

Неизлечиво оболениот пациент – донесен со придружник, најчесто од некоја странска земја, се „ослободува од маките и умира достоинствено“, обично со примање силна доза од некои од средствата за спиење.

Случајот на „Достоинство“

Оваа установа чие име значи “Достоинство“ делува под закрила на законите на циришкиот кантон, кој единствен во швајцарската конфедерација тоа го дозволуваат.

Пред неколку години, беше покрената истрага за тоа дека имало злоупотреба на „правилата“ на оваа „болница за умирање“, на тој начин што еутаназија била практикувана и на пациенти за кои немало потврда дека се неизлечиво болни.

Колку што се знае, никој не беше обвинет, или осуден, но полицијата продолжува да предупредува дека еутаназијата може да се злоупотреби за криминални дела и за убиство.

Во Нов Зеланд еутаназија ќе се извршува само врз возрасни пациенти кои ќе мора да бидат означени како неизлечиво болни и за кои се очекува дека ќе починат во период до шест месеци.

Исто така законот ќе бара, стручна, лекарска, комисија да потврди дека нивното оставање во живот, во период што претставува само вегетирање, за нив би бил период на тешки страдања.

Против легализација на марихуаната

Паралелно со референдумот за еутаназијата, Новозеланѓаните гласаа и на референдум за легализирање на „рекреациска употреба“ на марихуаната.

Но, овој предлог на либералната лабуристичка партија на Јасинда Арден, која токму во време на референдумското изјаснување, одново уверливо победи на изборите во Нов Зеланд, не ја доби потребната поддршка. За легализацијата на „тревката“ гласале 46 отсто, додека против биле 53 отсто.

Овој референдум е означен како необврзувачки, што значи дека и покрај ваквото изјаснување, постапката за озаконување може да продолжи. Конечно, за тоа и онака е потребно носење на низа законски акти.

Со владиниот предлог, би требало да се дозволи купување до 14 грама дневно, но и давање дозвола за одгледување марихуана.

(Г.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Трендови + Општество

Горе