Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Америка гласа за излегување од самоизолација

logoff & Divya777 & Red marker/BigStock.com

Америка гласа за излегување од самоизолација

Американците излегуваат на 3 ноември на избори, за да го изберат својот 46-ти по ред претседател, во услови какви досега не се паметат.

Се одржуваат во време на распалениот втор бран на пандемијата со коронавирусот и на рекордно заболени и починати пациенти, како што нема никаде на друго место во светот, кога политичарите ( и јавноста) се раскарани околу- во основа- банални работи. Дали да се носат маски за лицето и да се одржува социјална дистанца, на што инсистираат епидемиолозите, или целосно да се негираат короната и лекарските сугестии за борбата со вирусот, како што продолжува да сугерира Белата куќа.

Но, овие избори се одржуваат и во една  атмосфера, во која САД не биле со години на ред, по Втората светска војна – кога Американците се поделени меѓу себе по сите основи.

На бели и на обоени, на малцински групи и на неиспано белци, на либерали кои ги обвинуваат дека се „левичари“ и на десничари и расисти, на градска, интелектуална популација и на конзервативни „руралци“, како и на оние кои се за, или се против натамошно примање имигранти.

Длабока поделеност

За демократите, вината за ваквата лоша политичка и општествена атмосфера се бара и се наоѓа, исклучиво кај актуелниот шеф на државата, Доналд Трамп. Тој со својата десничарска, популистичка и изолационистичка политика, ја подели земјата од внатре и ја затвори и ја изолира Америка од светот.

Уште и правејќи од неа (за прв пат) лош пример за другите и мотив за раширување на десничарењето, наместо да остане пример за демократија и за почитување на човековите слободи и на слободарските вредности.

За републиканците, пак, целата ваква атмосфера, а најмногу според самиот Трамп, е последица на „сето она лошо и погрешно“ што за Американците го имаат направено демократите, а пред се, администрацијата на неговиот претходник, Барак Обама.

Со тоа објаснување тој ја водеше и кампањата во 2016 година, кога победи, заговарајќи „Америка на прво место“ и отворајќи фронт против сите либерални придобивки во општеството, против имиграцијата, посебно од исламските држави, а над се, од латиноамериканскиот свет, војувајќи против либералната демократија и нејзините вредности – и дома, и надвор од САД.

Одлучуваат малцинските заедници?

Меѓутоа, после се она што го поминаа Американците со сегашната администрација, бројните афери и еден импичмент, на гласањето од 3 ноември – многу е веројатно дека одлуката за тоа дали републиканецот Трамп (74) ќе освои уште еден мандат, или демократот Џо Бајден (77) ќе биде новиот претседател – ќе ја донесат двете најголеми етнички, малцински заедници – латиноамериканците и афромериканците.

Тие, гледано заедно, повеќе му се наклонети на претендентот Бајден и тоа го покажуваат сите досегашни анкети.

Тоа посебно се однесува на црнечката заедница која последниве две години, посебно е гневна на Трамп и на неговите републиканци. Дури 90 отсто од нив, традиционално гласаат за демократите. Што се однесува до латиноамериканците, за Обама гласале 75 отсто од нив, а за Хилари Клинтон, пред четири години 65 отсто.

Тоа не е малку, но се смета дека токму таа разлика од десет отсто, посебно ставена во електорското броење во некои важни држави, има придонесено таа да загуби, иако беше фаворит во однос на Трамп.

За него, затоа, овој пат е клучно да не ги загуби гласовите на малцинствата, а посебно, не во висок процент. Но, истражувачкиот центар Пју тврди дека Бајден има поддршка од 65 отсто од латиноамериканците (повеќе од Хилари во 2016 година), додека Трамп може да смета на 29 отсто од нивните гласови.

Искуството на Хилари Клинтон

Во секој случај, станува збор за силно гласачко тело, затоа што според податоците од минатата година, во САД живеат 60 милиони Латиноамериканци (18,5 отсто) од вкупната популација, додека Афроамериканците кои порано беа втората по големи етничка група, сега се трети – со 44 милиони (13, 4 отсто).

Или, заедно, овие две етнички, малцински заедници имаат над 100 милиони жители – без малку една третина од вкупното население во САД. Црнечкото население најмногу е сконцентрирано во сојузните држави Мисисипи, Луизијана, Џорџија, Мериленд, Јужна Каролина и Алабама. Латиноамериканците, главно се сконцентрирани во Њу Мексико, Тексас, Калифорнија, Аризона, Невада и на Флорида, иако и едните и другите ги има во сите сојузни држави на САД.

Меѓу нив, обично, се наоѓаат т.н. „свинг“ држави, по тоа што имаат неодлучно гласачко тело и државите каде се водат „тешки борби“ за секој глас, каде изборите се неизвесни, но каде, како по правило, се одлучува победникот, поради специфичноста на американскиот изборен систем.

Тоа силно го почувствува на себе, Хилари Клинтон, која победи кај народното гласање, освојувајќи над 3,5 милиони гласови повеќе, но претседател стана Трамп, затоа што освои повеќе т.н. електорски гласови.

Битка за Флорида

Ваквите гласови двајцата кандидати ги добиваат во сите 50 сојузни држави и во дистриктот Колумбија, според системот – оној кандидат кој собрал повеќе гласови од гласачите, ги добива сите електорски гласови во таа сојузна држава. Исклучок од ова се само Мејн и Небраска.

За оваа година, аналитичарите, како „свинг“ држави ги сметаат Флорида, Мичиген. Северна Каролина, Високонсин и Пенсилванија, пред сите другите, иако се верува дека тој број на такви држави може да е и поголем.

Флорида, годинава, е на мета на двајцата кандидати. Таму има бројна заедница на хиспано-американци и над се Кубанци – бегалци од режимот на Фидел Кастро, кои затоа се главно анти-левичарски определени, затоа што избегале од суровиот кубански социјализам, но на Флорида живее и голема црнечка заедница која идеолошки не се определува, како латиноамериканците.

Флорида е значајна затоа што обезбедува дури 29 електорски гласови. Тоа е зад Калифорнија која дава најмногу – 55 електори, па потоа Тексас со 38, додека Флорида ја дели третата позиција со Њујорк кој исто така определува 29 електорски гласови.

Пресудни црнечките гласови

Во прилог на тезата дека овие две малцински, етнички заедници може да го определат новиот претседател на САД, оди податокот дека ниту еден демократски кандидат, освен Линдон Џонсон, не станал претседател без поддршката на црнечките гласови. Што значи дека ниту еден, освен Џонсон, не победил кај белците!

Во 2012 година, Обама ќе доживееше тежок пораз од републиканецот Мит Ромни, ако на негова страна не беа гласовите и поддршката на афроамериканците, затоа што белата популација гласаше за Ромни.

Анализите кои се прават овие денови откриваат дека до шеесеттите години, црнечкото население, обично, гласало за републиканците. Пресврт настанува по атентатите на браќата Кенеди и на црнечкиот лидер Мартин Лутер Кинг, од кога републиканците, од оваа заедница почнаа да добиваат по 10 отсто од нејзините гласови.

Токму ваквата распределба може да одлучи кој ќе победи во Флорида, која некои сметаат дека може да биде виталната сојузна држава за Џо Бајден. Особено што Трамп, на првата јавна дебата, одби да ги осуди белите расисти и другите екстремисти, што може да биде фатално за него.

Трка по 270 електори

Како и да е, безмалку 90 отсто од белците им се наклонети на републиканците. Демократите кај белците имаат поддршка од 70 отсто, но конечната одлука нема да ја донесат сите овие разлики и сличности, туку оние 539 електори кои ги “бркаат“ и Трамп и Бајден.

Победникот ќе биде оној што ќе освои, најмалку, 270 електори. Теоретски, може никој да не ги освои, па во тој случај претседателот ќе го избере Претставничкиот дом на Конгресот на САД, но тоа не се случило уште од 1824 година.

Претседателот, затоа, ќе го изберат и овој пат Американците, затоа што тоа е нивниот шеф на државата. Овој пат, изгледа дека ќе одлучува и коронавирусот.

А, мнозинството се гневни на Белата куќа која ја обвинуваат дека не успеа да се снајде во кризата што се уште трае – како здравствено, така и економски – бидејќи голем број луѓе во САД останаа без работа, или им пропадна бизнисот.

Светот и меѓународната заедница, пак, очекуваат гласачите на САД да изберат претседател кој ќе ја извлече Америка од самоизолацијата, која инаку таа самата си ја наметна и да ја врати на меѓународната политичка сцена на која и е потребна.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе