Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Спасување на Чешка“!

chalabala/BigStock.com

„Спасување на Чешка“!

Чешките епидемиолози и лекарите, во најголем број сите вклучени во борбата со коронавирусот, во заеднички апел до домашната јавност побараа од граѓаните да се придржуваат на мерките во борбата со епидемијата, означувајќи ја сегашната ситуација во оваа средноевропска држава како – борба за „спасување на Чешката Република“.

Во сличен тон, претходно зборувал и чешкиот премиер Андреј Бабиш, откако владата во Прага се одлучи на цела низа дополнителни, остри мерки.

Од средата, затворени се сите продавници, освен супермаркетите, продавниците за храна и за потреби на домаќинствата, аптеките, како и оние продавници кои работат и обезбедуваат резервни делови за опслужување на економијата и посебно на ИТ секторот.

Втора земја по смртност!

Сите училишта што, инаку, во септември беа отворени, сега се на он-лајн настава, додека баровите, кафулињаата и рестораните се отворени само до 20 часот, без можност да се седи на маси.

Границите на Чешка се отворени, за разлика од пролетоска, но забранета е секаква туристичка посета на земјата.

Драматичното обраќање на луѓето од здравството, доаѓа откако Чешка, во овој октомври, стана втора земја во светот, според смртноста од вирусот, по глава на жител, во период од една недела. Ковидот сега е втората причина од која Чесите најмногу умираат.

Над 15 илјади заразени се регистрирани за само 24 часа, а досега животот го загубија над 2200 лица, но според здравствените експерти, загрижува што половината од нив, се починати во последните две недели!

Во апелот, епидемиолозите предупредуваат дека ако не се измени односот на луѓето кон пандемијата и ако не се почитуваат определените мерки за заштита, бројот на мртвите до Божик, односно, до пред крајот на годината, може да се искачи до 15 илјади!

„Неодговорност на луѓето“

Нивниот совет и истиот оној што се дава насекаде низ Европа – да се седи дома и да не се излегува ако за тоа нема некоја итна потреба, да се носи маска на лицето – насекаде и да се одржува дистанца, од два метри, доколку се најдат во ситуација да се соочат со повеќе луѓе.

Ваквата состојба во државата е сосема различна од онаа од пред седум месеци, на пример, кога Чешка, поради малиот број заразени и починати пациенти, беше пофалена во ЕУ и посочувана како пример во борбата со вирусот и со епидемијата на европскиот континент.

Чешката, но и европската јавност се прашува – што е тоа што предизвика за драстичното менување на епидемиолошката и на санитарната ситуација во државата, а одговорот според епидемиолозите треба да се бара во неодговорноста на луѓето.

Во земјата, продолжува да владее неверувањето во вистинската закана која ја носи овој вирус и да не се почитуваат на мерките за заштита кои ги носи, на предлог од специјалниот штаб за борба со епидемијата.

Младите не веруваат

Репортерски извештаи направени во Прага, токму овие денови, велат дека сликата од прашките улици и кејови тоа го потврдува.

Додека на периферијата на градот, војската забрзано подготвува полски воени болници, каде би се примале најтешко погодените пациенти и оние на кои им е потребна итна болничка нега, во услови кога болниците од јавното здравство во земјата се на работ да бидат целосно пополнети, во центарот на чешкиот главен град, велат, се изгледа сосема поинаку.

Владее релаксирана атмосфера, како во најнормални услови, како земјата да не војува со коронавирусот.

Луѓето, а најмногу од нив се младите, седат во групи покрај кејовите на Влтава во групи, или собрани околу кафулињата, никој од нив не водејќи сметка за одржување дистанца, без притоа, да се почитува одлуката да нема дружење во поголеми групи и без било кој од нив, да носи заштитна маска на лицето.

Слично се опишува и однесувањето на другите луѓе затекнати на улиците во центарот на овој град.

Прв пат по Првата светска војна

Најголемиот број Чеси, едноставно, и натаму е скептична кон вистината за короната на која укажуваат лекарите.

Благодарејќи на „вистините“ и советите кои се шират преку интернет, луѓето се уште тврдат дека короната, всушност, е само посилен грип.

Младите, пак, се убедени дека тие не може да се заразат затоа што се млади и затоа што нивниот организам е отпорен на вирусите – само поради младоста.

Иако, овој втор бран на епидемијата го покажува спротивното – дека сега многу повеќе и почесто се заразуваат помладите и сосема младите лица, а дека есенва, бројот на жртвите кај оваа популација е повисок, од оној спореден, во април и мај, на пример.

Како и да е, чешките лекари остануваат гневни на односот на луѓето што продолжуваат да се однесуваат неодговорно кон епидемијата и покрај “застрашувачките бројки“ со кои се соочува земјата.

Воените лекари зборуваат дека полски болници армијата на Чешка, досега градела во Авганистан и во Ирак, а дека сега градат на периферијата на Прага, што е прв таков случај по Првата светска војна.

Гревот на министерот

Некои медиуми во Прага, причината за недовербата на јавноста кон предупредувањето на епидемиолозите, ја бараат и ја наоѓаат во инцидентот со чешкиот министер за здравство, кој беше „уловен“ како во 22 часот, излегува од еден ресторан, притоа и без маска на лицето, кршејќи ги сопствените прописи.

Тој најави веднаш оставка, иако се брани дека не бил на пиење и јадење во ресторанот, што инаку, требало да биде затворен во 20 часот, но министерот, секако, ќе биде жртва на сопствената грешка.

Епидемиолозите, пулмолозите и вирусолозите кои стојат зад апелот за „одбрана на државата“ од коронавирусот, сепак, не сметаат дека овој грешен министер, или било што друго, треба да го оправда ( се уште) неодговорното однесување на големото мнозинство чешки граѓани.

Според лекарите, апелот се однесува токму на тоа мнозинство – кое се однесува како да знае за заразата повеќе и од самите лекари.

(П.Ч.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе