Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Борис Џонсон меѓу Трамп и Бајден

Борис Џонсон меѓу Трамп и Бајден

На една недела пред американските претседателски избори, официјален Лондон не се изјаснува за кого „навива“ – за актуелниот претседател Доналд Трамп, или за неговиот противник, демократскиот кандидат Џо Бајден.

За разлика од Унгарецот Орбан, од Словенецот Јанша, или (притаено) и од полскиот државен врв, другите европски политичари не се изјаснуваат околу изборите во САД.

Тоа досега го прави и Даунинг стрит 10 и покрај блискоста на британскиот премиер Борис Џонсон со Трамп, уште од времето кога, во еден краток период, Британецот беше шеф на Форин Офисот, во времето кога меѓусебното делење комплименти, во делови од европската политичка јавност се означуваше како „политичка романса од интерес“.

Трамп навива за Брегзит

Кога Џонсон стана премиер, се очекуваше зацементирање на специјалните британско-американски односи.
Како времето одминуваше, меѓутоа, со Ковид, или без него, не можеше да се забележат никакви посебни промени во унапредувањето на односите на Лондон и Вашингтон.

Остана само мешањето на новата американска администрација во текот на британските преговори со ЕУ, околу Брегзит, сугерирајќи им на Британците да излезат од Унијата, па дури и без договор. Трамп уверуваше дека на Британија надвор од ЕУ ќе и биде подобро, ветувајќи дека САД веднаш, по тоа, ќе почнат преговори за американско-британски договор за слободна трговија.

Тоа беше дел од трамповата стратегија за ослабување на ЕУ – економски и политички – што беше сосема спротивно од политиката на претходната администрација на Барак Обама, во која Џо Бајден беше потпретседател.

Обама (и Бајден) беа против

За разлика од републиканецот Трамп, демократот Обама сугерираше Лондон да не избрзува со определувањето и Британија да остане во Унијата, затоа што претставува важна алка во транс-атланската соработка.

Освен тоа, Обама, во еден момент, дури ги предупреди Британците да не мислат дека по Брегзит, лесно и брзо ќе можат да склучат договор за слободна трговија со САД.

Гласачите во Велика Британија, меѓутоа, поттикната од бројните невистините и лажни информации, во кампањата за референдумот и во бројните написи на антиевропските таблоиди, не го послушаа предупредувањето на тогашен Вашингтон.

Со гласовите на англиските евроскептици и на конзервативните националисти во Англија, тесно победија на референдумот во 2016 година – кога во ноември таа година, Трамп изненади и иако сосема новак во политиката, влезе во Белата куќа.

Британците во ова меѓувреме, заглавија со Брегзит. Сменија двајца премиери (Дејвид Камерон и Тереза Меј). Во случајот на Меј ториевците изведоа и партиски пуч. Потоа, на два пати правеа избори, за да на крајот го изберат Џонсон за партиски лидер и премиер, заедно со неговите тврди брегзитери.

Британија останува сама?

Британија сега се наоѓа во клучната фаза – како да ја напушти Европа. Со договор со Брисел за идните односи, или пак ќе замине без  склучен договор,  онака како што Џонсон заговара уште од почетокот и за што  ја имаше поддршката на Трамп, уште од времето додека овој водеше кампања за својот прв мандат.

Излегува дека вака поставени работите, Џонсон не би требало да размислува многу, за тоа кого сака во Белата куќа, уште четири години. Но, официјален Лондон како да прави „план Б“, за случај Џо Бајден да победи на 3 ноември.

Таквиот исход  би се сватил како Британија да загубила еден мошне важен пријател, во времето кога (после Брегзит) пријателите ќе и бидат најмногу потребни. Во времето по 1 јануари, кога земјата ќе биде надвор од ЕУ, уште (евентуално) и без договор за останување на заедничкиот европски пазар, Лондон ќе мора наврат, нанос да прави трговски договори со светот.

Притоа, задржувајќи ја својата традиционална ароганција и инсистирањето дека Велика Британија мора да остане Велика – „ како што одсекогаш била“ – како што уверуваше Џонсон и како што антиевропските медиуми се уште ја уверуваат домашната, веќе загрижена јавност.

Едноставно,  победата на Бајден би можела да предизвика проблеми за Лондон и за владата на Џонсон.

Предупредување до Лондон

За Трамп, Џонсон беше подоброто решение, најмногу затоа што и тој како и Американецот е популист, а американскиот претседател во него гледаше  „британски Трамп“.

Бајден, меѓутоа, не подржува популистичка политика, сметајќи ја за опасна. Велат дека не  е „симпатизер“ на  русокосиот и непредвидлив Британец, а би можел да се присети и на бројните изјави на Џонсон, кога како предводник на брегзитерите, се пресметуваше на јавната сцена со Обама.

Една од изјавите беше дека Обама е „против Британија, затоа што има полу-кениско потекло, што (потсетувајќи го на колонијализмот) го тера да не ја сака Британија“!?

Згора на се, Бајден веќе во текот на својата кампања во САД, го предупреди Даунинг стрит 10 дека доколку стане претседател, нема  да прави договор за слободна трговија (со Британија), што потоа другата страна- еднострано ќе го менува.

Ова беше отворена алузија на одлуката на Џонсон да ја измени веќе ратификувана спогодба со ЕУ за Брегзит во делот за Северна Ирска, што претставува и кршење на меѓународното право. Во исто време, тоа е и порака дека со една ваква влада во Лондон, преговорите за договор со Америка (формално тие се отворени) –  не може да има набрзина.

Конечно, Бајден ги предупреди Британците дека САД, под неговото водство,  нема да дозволат нова дестабилизација во Северна Ирска, како и загрозување на историскиот мировен договор од Велики петок, во 1998 година, за кој Америка е еден од гарантите. При тоа, Американецот потсети на своите ирски корени, спомена дека е католик и со љубов зборуваше за Ирска и нејзините вредности.

Популисти-камелеони

Некои британски, но и американски политички експерти, сметаат дека работите, сепак, не се толку лоши (за Џонсон) како што изгледаат.

Според нив, сите популисти се како камелеоните – брзо знаат да се прилагодат на новата ситуација. Впрочем Џонсон тоа еднаш го има направено, затоа што порано важеше за еврофил, па затоа се смета дека тој и сега- лесно и брзо ќе му се приклони на Бајден.

Освен тоа, во 2021 година, Британија е домаќин на Самитот Г-7, а во времето откако е премиер, тој остава впечаток дека е поблиску до позициите на Германија и на Франција (а тоа значи и до Бајден) кога станува збор за климатските промени, за Иран, за односите со Русија и за колективната одбрана под чадорот на НАТО.

Уште повеќе што и во Лондон знаат дека трговскиот договор со САД е далеку до тоа да биде постигнат, дури и Трамп да победи на изборите. Особено што уште на стратот, Трамп им се закани на Британците со воведување екстра тарифи за шкотското виски.

Можеби и затоа, поранешниот министер за финансии Саџид Џавид, едно време сојузник на Џонсон, во проториевскиот „Дејли Телеграф“ отворено порача-  за Британија е  подобро решение  на изборите да победи Џо Бајден.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе