Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Иран и Русија замешани во изборите во САД

Fabrikafoto/BigStock.com

Иран и Русија замешани во изборите во САД

Иран и Русија се мешаат во сегашниот американски изборен процес, на тој начин што собираат податоци за американските гласачи, за да можат да влијаат на изборите, што ќе се одржат на 3 ноември – соопшти деновиве ФБИ.

Во соопштението се посочува Техеран, за кого се вели дека е одговорен (меѓудругото) и за испраќање заканувачки мејлови на Американците кои „традиционално“ гласаат за демократите.

Во изјава за медиумите, директорот на Националната агенција за разузнавање, Џон Ратклиф, рекол дека целата на лажните мејлови што ги испраќале ирански хакери, била да се остави впечаток дека мејловите ги праќа американската крајна десница, која целосно е на страната на претседателот Доналд Трамп.

Требало да изгледа дека заканата доаѓа од ултрашката група, позната во САД, како „Горди момчиња“, а намерата на Иранците била да се предизвика немир и страв кај американските гласачи, што во основа, би требало да му наштети на Трамп и на тоа тој да не победи на изборите.

Откритија на ФБИ

Официјален Техеран ги има отфрлено сите вакви обвинувања, иако во Иран не се сокрива дека таму се навива за пораз на сегашниот американски претседател, колку и Иранците да не веруваат во ниту еден политичар во САД и, во основа, сите ги третираат дека се „непријателски настроени“ кон Иран.

Но, Ратклиф, како и Федералното истражно биро (ФБИ) тврдат дека Иран, но и Русија, имаат спроведувано „конкретни акции“ за да извршат влијание врз јавното мислење во САД, во неделите пред изборите.

Според директорот на ФБИ Крис Вреј, собраните податоци за американските гласачи, Иранците и Русите може да ги користат за пласирање лажни податоци кон гласачите. Прво, за да кај нив се предизвика збунетост и за да се поткопа довербата на Американците кон сопствената демократија и вкупните демократски вредности.

Москва ги „казнува“ демократите

Ваквото откритие на американските контра-разузнавачки служби, во финишот на годинешнава предизборна кампања, всушност, не е никаква новина.

Тоа се работело и досега, повремено, како од хакерите на Техеран и Москва, во служба на тамошните тајни служби, така и од Кина.

Конечно, во текот на изборната кампања во 2016 година, ФБИ имаше и докази за директното руско мешање во тогашниот изборен процес со пласирање дезинформации и лажни вести, а особено со материјали кои требаше да ја дисквалификуваат во јавноста Хилари Клинтон, која како кандидат на демократите влезе во изборите како фаворит. Москва и тогаш, но и сега силно навива за Трамп.

Пред четири години, Русите и посебно претседателот Владимир Путин, сакаа Америка да ја предводи еден неискусен и за пошироката американска и светска јавност, непознат политичар, а во исто време, да ги казнат демократите во САД, за украинската криза, за соборувањето на проруските политичари во Киев, како и за тоа дека САД ги подржуваат политичките противници на Кремљ.

Повторување на 2016

За овие избори, Москва ја нема променето својата позиција.

За Русија, Трамп, онаков каков што е и онака како што ги предводеше САД во изминатите години, претставува добро решение, бидејќи ја остава Москва сама (со Кина) на меѓународната сцена.

Од друга страна, целосно го ослабува Западот и неговото единство, што е стратешка цел на Кремљ и на неговата амбиција да се обнови некогашниот Советски Сојуз.

Руската страна, во случајот со сегашната кандидатура на Џо Бајден, останува и натаму против демократите. Тие го обвинуваат Бајден дека како дел од администрацијата на Барак Обама, е одговорен за „погрешните и антируски потези на американските демократи“.

Самиот Путин, во едно интервју за рускиот тв канал Русија 1, како да оди и чекор понатаму во ваквата определба и остро се пресметува со – како што тврдат во Москва – тврдата анти-руска реторика што Кремљ ја врзува само за демократите во САД.

Ако му се верува на американскиот десничарски таблоид „Сан“ кој е целосно наклонет на Трамп и во тоа дека точно ги има пренесени деловите од разговорот на рускиот претседател, Путин рекол дека е отворен за работа и со демократскиот кандидат Бајден, а тоа го објаснил со „блискоста на демократите во САД со левичарските идеи за кои рекол – „водат во комунизмот”!?

Пакосно интервју на Путин

Во елаборацијата која во ТВ интервјуто ја правел Путин, тој зборувал за идеологијата на Демократската партија, објаснувајќи дека би сакал да соработува со Бајден, затоа што демократите се идеолошки поблиски до социјалдемократите од европски тип, кои – биле основата врз која се развил комунизмот!

Ова историски гледано е сосема погрешно поставено, доколку Путин, инаку 20 години член на Комунистичката партија на СССР, додека има работено како оперативец на КГБ, навистина, зборувал на овој начин.

Но, аналитичари тврдат дека Путин, онаков каков што го познава јавноста надвор од Русија, не би било чудно да зборува на овој начин – во основа, потсмевајќи им се на демократите и во секој случај, помагајќи му на Трамп.

Во Москва, секако, добро знаат дека уште од почетокот на овој изборен процес, од времето на кампањата на Бени Сандерс, Трамп постојано зборува дека демократите „сакаат да воведат социјализам во САД“, настојувајќи да ги исплаши своите десничари и конзервативни републиканци, но и традиционалните демократски гласачи, кои како и сите Американци, од секогаш имаат „уплав“ од комунизмот.

Впрочем, од тие причини „левичарот“ меѓу демократите, Сандерс веќе два пати по ред, не минува ни кај своите во процесот за номинација на кандидатите.

Хакерска офанзива

Меѓутоа, кога рускиот претседател ќе ја поврзе либералната демократија врз која се гради идеологијата на демократите, што и сега ја застапува секогаш умерениот Бајден, со комунизмот, во СССР (Русија), станува сосема јасно која е неговата вистинска цел – а, таа е, директно да му напакости на Џо Бајден.

Уште повеќе што весникот „Сан“ сето ова што го зборува Путин, го става под заеднички наслов како приказната за „другарот Џо“ (!), само надоврзувајќи се на валканата изборна кампања на крајната десница, која изминативе четири години, актуелниот претседател, ја постави на големата политичка сцена.

Како и да е, се смета дека ова е уште една потврда за силната руска поддршка за републиканскиот кандидат Трамп и за мешањето на Москва и во годинешниве американски претседателски односи.

Независни аналитичари уште проценуваат дека ваквите коментари на рускиот претседател се вратка за обвинувањето дека Москва се меша во изборниот процес и за хакирањето низ Америка и Европа, на разните руски хакерски групи сместени „под капата“ на руските тајни служби, главно, на воената разузнавачка агенција ГРУ.

Обвинети припадници на ГРУ

Некако во исто време, американското обвинителството обвини шестмина поранешни и сегашни припадници на ГРУ за разни операции на оваа тајна служба, на повеќе локации.

Во обвинителниот акт на 50 страници, се споменуваат хакерски напад врз украинската електро-енергетска мрежа, како и врз партијата на Емануел Макрон (Републиката маршира), пред изборите во 2017 година.

Потоа силното попречување на британските власти во истрагата за нападот со нервниот агенс – новичок, врз екс рускиот разузнавач Сергеј Скрипал и неговата ќерка, во англискиот град Солзбери и нападот врз Зимските олимписки игри во Јужна Кореја, каде Русија не учествуваше, казната поради скандалот со допингувањето на руските спортисти, на претходните игри во Сочи.

Овие обвинувања не се однесуваат на руското мешање во американските избори пред четири години, ниту на сегашните откритија на американското контра-разузнавање околу прибирањето податоци за гласачите во САД, или за другите случаи за мешање.

Според безбедносни експерти, сите вакви, пред се, руски потези треба да се посматраат – не само како помагање на Трамп – туку и како промовирање на геополитичките интереси на Русија.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе