Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Помош од ЕУ само со владеење на правото?

Mrc Stock/BigStock.com

Помош од ЕУ само со владеење на правото?

Дури тројца, од четворица државјани на ЕУ сметаат дека дистрибуцијата на парите од фондовите на Унијата, треба да ги користат само оние земји-членки кои ги следат и ги почитуваат демократските принципи и владеењето на правото – покажуваат резултатите од широката анкета – истражување направена за потребите на Европскиот Парламент.

Само 12 отсто од вкупно анкетираните 25 илјади лица од сите земји на ЕУ, не мислат така.

Тие веруваат дека е „лоша идејата да се врзуваат парите за владеењето на правото“, што инаку, подразбира и слобода на медиумите, независноста на судството, борбата со корупцијата и заштитата на индивидуалните права и слободи.

Поддршка од 77 отсто

Дури 77 отсто од анкетираните Европејци сметаат дека таквото врзување мора да се направи, затоа што тоа е во интерес на самата ЕУ.

Најмногу што така мислат има во Шведска (70 отсто од анкетираните), па потоа во Холандија (71 отсто), во Данска и во Белгија (по над 60 отсто).

Идејата е подржана дури и од граѓаните во земјите, како што се орбанова Унгарија и Полска, кои остро се спротивставуваат на ваквото „врзување“ – заканувајќи се со контра мерка-вето, доколку би се дошло до гласање, иако процентите на поддршка кај овие две држави се пониски од оние на Западот и Северот од Унијата.

Во рамките на Европскиот Парламент веќе е одржана и една рунда политички преговори на оваа тема- условување на доделувањето европски пари, од заедничките фондови, со доследното владеење на правото- но, како сега стојат работите, мали се шансите да се направи некаков чекор напред.

Пред се, додека во Будимпешта се на власт Виктор Орбан и неговата десничарска партија Фидес, затоа што тие отворено се спротивставуваат на вредностите на западноевропската либерална демократија, но и во Варшава, каде полската националистичка и конзервативна партија Право и Праведност, цврсто ја држат Полска под контрола, изолирана од вистинските демократски слободи.

Вето од Унгарија и Полска

Орбан дури и заговара создавање на некаков „пакт“ со своите полски истомисленици, за „одбрана“ од наметнувањето на европските вредности кои за него биле штетни за унгарското општество кое се повеќе се уредува како еднонационално и еднорелигиско, затоа што може да ја „нарушат чистотата “ на унгарската нација.

Унгарскиот премиер е противник на либералната демократија, а неговите домашни критичари предупредуваат дека оваа земја од некогаш, напредната, Вишеградска четворка, би можела да стане првата диктатура во рамките на ЕУ.

ЕУ и Европската комисија имаат покренато постапка против владите во двете земји за носење закони кои се спротивни на принципите и нормите на Унијата, што тие еднаш ги имаат прифатено, при влегувањето во ЕУ, додека орбанова Унгарија веќе е осудена од Европскиот суд за правда, поради законот за високо школство.

Засега не се споменува, но во ова друштво би можела да се најде и Бугарија, за која од Брисел има се повеќе и се почесто прозивки на нејзината адреса, кога станува збор, пред се, за корупцијата, независноста на правосудниот систем, или заштитата на индивидуалните права.

Особено сега, по неиспровоцираниот напад врз соседна Република Северна Македонија, со форсирање на стариот бугарски национализам од времето на комунизмот во земјата и посебно, доколку, Софија остане на заканите за ставање вето на почетокот на преговорите на Скопје со Брисел, за влез на земјата во Унијата.

Спротивставени позиции

Како и да е, европратеникот Петри Сарвана, од блокот десно-центристички партии во Европскиот Парламент, инсистира на тоа дека не може, туку така, да се игнорира определбата на безмалку 80 отсто од граѓаните на ЕУ, од сите држави членки.

Другата страна, меѓутоа, иако во големо малцинство, се спротивставува, заканувајќи се со блокирање на една таква идеја. Според нив, не може да се употребува квалификувано мнозинство, за санкционирање (на земјите членки кои се противат) само за еднократна употреба, а не и во други прилики, за кои можело да се користи.

Унгарија и Полска порачуваат дека тие не ма да го повлечат своето противење, што пак значи дека се спремни за сметка на своите внатрешни политички потреби- за да останат на власт- и да го блокираат изгласувањето на новиот, седумгодишен буџет на ЕУ, што продемократските сили сакаат да се поврзе со идејата – пари за владеењето на правото.

Масивен пакет за помош

Работите се усложнуваат пред пратениците на Европскиот парламент, особено пред оние кои инсистираат на овој услов – со притисокот на кој се изложени од сопствените држави.

Тамошната јавност и посебно малиот и големиот бизнис, бараат побрзо да се изгласа масивниот пакет од 750 милијарди евра, како помош за земјите-членки, сите погодени со пад на економијата поради кризата што ја создаде глобалната пандемија со коронавирусот.
Уште повеќе што Европа токму сега, кога треба да се пресече со гласањето, се соочува со ударот на вториот бран од епидемијата.

Конечно, покрај Парламентот во Стразбур, и секој Парламент во земјите од Унијата, треба да го одобри големиот, досега не забележан пакет со помош, што го предлага Европската комисија во Брисел.

Дури тогаш, ЕУ ќе може да се задолжи на светските пазари за пари, за да се плати економското опоравување.

(Б.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе