Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

ЕУ против „државјанство за пари“

keki/BigStock.com

ЕУ против „државјанство за пари“

Европската комисија во Брисел, побрзо отколку што се очекуваше тргна во расчистување на работите околу одомаќената шема – државјанство за пари- откако одлучи да отвори постапка, против двете островски членки на ЕУ – Кипар и Малта.

Имаат рок од два месеци за да ги објаснат состојбите со оваа шема, која во овие две мали земји е поврзана и со издавањето т.н. „златни пасоши“ – за луѓе кои не се Европејци, кои не се ниту Кипрани, а ниту Малтежани. Но, тие преку ноќ стануваат државјани на овие земји, добиваат нивни пасоши, а преку нив стануваат и државјани на Европската унија, со право слободно да се движат низ територијата на целата ЕУ, иако не живееле ниту еден ден, во некоја од 27-те земји членки.

Поттикнување на корупцијата

За нив не важи редовната, стандардна процедура околу тоа како може да се стане државјанин на некоја од членките на ЕУ, за што е неопходно, извесен број години да живеат во некоја од нив, но пред се во онаа чие државјанство сакаат да го поседуваат.

Нивна „виза“ за прескокнување на сите овие бирократски бариери, се нивните пари, богатството кое го поседуваат и со кое може – преку ред- да купат и државјанство и пасош на таа држава.

Вложувајќи пари во економијата на државата чиј пасош сакаат да го добијат, или инвестирајќи во нејзиниот развој – стекнуваат право за „златниот пасош“ кој им ги отвара сите врати на Обединета Европа- за патување, за живеење и за правење бизниси- според европските услови.

Проблемите со овие две земји, поради што прво со нив се отвора „истражна“ постапка, не е само во тоа што тие се најактивни во делењето вакви пасоши. Проблемите се и во тоа што оваа шема ја има поттикнато корупцијата во нивните општества, од која и онака не можат да се ослободат.

Деградирање на државјанството

На Малта, на пример, во минатиот месец беше уапсен еден висок владин функционер кој бил поврзан со шемата за „златни пасоши“. На Крит, пак, настрада вториот човек во државата – претседателот на тамошниот Парламент, откако беше демаскирано неговото нелегално однесување, тајно снимен од двајца новинари на Ал Џазира, кои се претставиле дека се кинески бизнисмени кои сакаат да инвестираат, за да добијат кипарско државјанство.

Како што Скопје/Глобал веќе пишуваше, Кипраните имаат ценовник за „златните пасоши“ – а тоа е, вложување од најмалку два милиони евра (или купување имот во таа вредност), потоа донација од 75 илјади евра за некој владин развоен фонд и уште толку евра што треба да се уплатат во фондот за унапредување на земјиштето.

Веднаш по скандалот со претседателот на Парламентот кој поднесе оставка, кипарската влада објави дека од 1 ноември, престанува со користењето на оваа шема. Кипар уште најави и дека ќе им ги одземе државјанствата на 26 лица – странци, кои станале Кипрани – за пари.

Но, во Брисел најавуваат поостра пресметка со купувањето на државјанството, во земјите од ЕУ, означувајќи го тоа како спротивно на принципите на ЕУ, како прекршување на европските закони и во секој случај, како деградирање на самиот статус- европски државјанин.

Кипар и Малта не се сами

Според Европската комисија, ваквата шема на издавање пасоши овозможува разни криминални групи, или поединци да се инфилтрираат на територијата на Унијата, потоа дека се зголемува ризикот од перење на валкани пари, дека ја поттикнува корупцијата, за што веќе има случаи на Малта и на Кипар, како и дека овозможуваат даночни злоупотреби и одбегнување плаќање данок.

Оваа шема се појави во ЕУ, веднаш по избувнувањето на големата економска и финансиска криза во 2008 година, кога многу земји и економии имаа силна потреба од „свежи“ пари.

Португалија беше сериозно зафатена со кризата, па беше и една од првите во ЕУ која се определи да дава државјанства за оние кои сакаат да вложуваат во тамошната економија. Веднаш потоа, португалскиот „изум“ го презедоа Малта и Кипар, а потоа и Бугарија.

Европската комисија сега и од владата во Софија има побарано, како што е речено, дополнителни објаснувања и детали за состојбите во оваа балканска земја, пред евентуално и за Бугарија да биде покрената правна постапка околу нејзината вклученост во издавањето (продавањето) „златни пасоши“.

Но, проблемот што во Брисел и не се крие, е во тоа што оваа шема не е единствената која е спротивна на европските принципи и на правото на ЕУ, за примањето под „својот покрив“ на богати неевропејци.

И жителство за пари

Станува збор за доделувањето статус на жителство, или дозвола за траен престој, на исти вакви луѓе, доколку вложат висок износ пари, или купат некаков недвижен имот од висока вредност.

Овој систем е дури и многу пораширен од шемата со пасошите, иако за него се смета дека е со помала тежина и опасност. Меѓутоа, сите оние кои имаат статус на жителство во некоја од земјите на ЕУ, ги немаат истите права и привилегии како да се европски државјани, со државјанство на земја-членка.

Затоа, експерти предупредуваат дека и оваа шема за овие лица – наградени со дозвола за траен престој – затоа што имаат многу пари – исто така, носи со себе бројни закани за кршење на европските закони. Едноставно, можат слободно да се движат низ земјите на ЕУ, во рамките на Шенген зоната.

Тоа значи дека и тие можат да перат пари, на пример, на разни начини.

Овие луѓе живеат во ЕУ, трајно население во некоја од нејзините членки, па за Европската комисија и тие претставуваат опасност за нејзината внатрешна безбедност. Особено, што вакви права има во дури 19 од 27 земји на Унијата, плус во Велика Британија.

Меѓу оние кои продаваат жителство и дозвола за престој, за парите на луѓе кои не живеат во земјите на ЕУ, се и богатите земји, како што се Франција, Италија, Шпанија, Холандија, или малечкиот Луксембург, кој има највисок стандард по жител во целата Унија.

(Б.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе