Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Бугарска криза преку македонски грб

Photo by Roger Goh on Unsplash

Бугарска криза преку македонски грб

Рамно сто денови трае бугарската политичка криза, засега, не навестувајќи со ништо дека би можела во скоро време да биде надмината. Исто толку време, ситуацијата во оваа балканска членка на ЕУ, е на работ од ескалација, затоа што исто толку денови, главно, на улиците во Софија, се одржуваат протести.

Некогаш се помасовни, друг пат се помалобројни. Најчесто се мирни, но знаат да бидат и насилни, како оние од пред две недели, кога полицијата употреби сила за да ги смири страстите на најзапалените демонстранти. Но, заедничко за сите е што се протестира против актуелната влада и се бара оставка на премиерот Бојко Борисов и на државниот обвинител Иван Гешев.

Борисов купува време

Луѓето, барем оние кои сакаат да зборуваат, тврдат дека Бугарите (овој пат) се револтирани од присутната корупција, од непотизмот, што, инаку, ги врзуваат за оваа власт, но и од, како што велат, злоупотребите на службената должност.

Бараат оставка од владата, а премиерот се обидува со разни маневри, најчесто со низа владини реконструкции и со поставување нови министри, да ја смири атмосферата. Целта на Борисов е да добие во време, до март следната година, кога се предвидени редовните избори и да спречи предвремено излегување на гласање за нов состав на бугарскиот Парламент.

А, тоа за што луѓето се гневни на софиските улици е состојба која, инаку, се провлекува во сите години на посткомунизмот и на бугарската транзиција.

Пред се, тоа е корупцијата, која беше обилно присутна и кога сегашната опозиција беше на власт. Самите Бугари велат – дури и во поголем обем.

Потоа, тоа се обвинувањата за поврзаноста на власта со домашните олигарси – бугарските милијардери – за кои се тврди дека ја поседуваат земјата. Како и обвинувањата дека актуелната власт го користи правосудството за пресметка со своите политички противници.

Премиерот и претседателот во судир

Или, кога се ќе се собере – протестите во Софија се организираат за ситуација која наликува на македонската, во годините на режимот на избеганиот екс премиер, осуденик за криминал.

И кога станува збор за корупцијата и земањето поткуп на највисоко ниво, и кога два – тројца македонски вмровски олигарси, создадени од малиот деспот ја приграбија државата, како да е вмровска фирма, а и кога требаше да се казнуваат противниците на македонскиот бегалец – без обвинување и без судење.

За Бугарија, во овие безмалку десет години на Борисов, како премиер, независните и непристрасни посматрачи се согласуваат дека работите, сепак, не се до таму отидени.

Не би ниту можеле, затоа за ова време би се вклучил одбранбениот механизам на ЕУ, што не значи дека корупцијата и во Бугарија и во соседна Романија, а и на Малта, или на Кипар, на пример, се искоренети, или сведени на едно толерантно ниво.

Како и да е, поводот за сегашниот револт во Бугарија, сепак, се разликува од македонското излегување на улиците во 2016 година, откако беше обелоденето дека тогашниот режим во Скопје редовно прислушувал над 25 илјади лица.

Во бугарскиот случај, кризата е тргната од еден (во основа) банален случај, кога во јули годинава на Фејсбук била прикажана снимка за тоа како еден домашен олигарх го заградува пристапот до јавна плажа, преку неговиот имот – со помош на полицијата.

Вториот случај, меѓутоа, е многу посериозен и всушност, тој е во основата на сегашната длабока политичка криза во земјата.

Станува збор за жестокиот судир меѓу Борисов и бугарскиот претседател, Румен Радев.

„Интернационализација“ на кризата

Тоа тргнува од моментот кога полицијата, во придружба на луѓе од државното обвинителство, имаат направено претрес на службената канцеларија на шефот на државата.

Притоа, двајца од неговите советници биле и притворени. Радев кој и онака е најжестокиот критичар на Борисов и дејствува како некаков лидер на опозицијата, во сенка, ја има искористено ситуацијата за конечна пресметка со премиерот.

Токму Радев, веднаш по извршениот претрес, јавно, ги има повикано граѓаните да излезат на улиците, за да ја соборат сегашната, како што рекол, криминална власт, обвинувајќи го премиерот и обвинителство дека се корумпирани, па дека затоа ќе мора „веднаш да си одат“ од функциите.

Не му пречеше корупцијата до сега, ниту во годините кога овој поранешен генерал на бугарската армија не беше во политиката, а во неа влезе подржан од сегашната социјалистичка опозиција и потоа истуркан да стане шеф на државата.

Се покажа веднаш дека кохабитацијата меѓу левичарскиот претседател и десно-центристичкиот премиер нема да функционира, уште повеќе што Радев „брка“ втор мандат, а Борисов има речено дека кариерата би сакал да ја заврши како бугарски претседател.

Но, целата оваа домашна политичка претстава ќе останеше само за домашната сцена, доколку Радев, неговите социјалисти, Борисов, министерката за надворешни работи Захариева и бугарскиот вмровски лидер Каракачанов, не ја „интернационализираа“ – секој од своја страна – нафрлајќи се врз ним соседна Република Северна Македонија, со повторното отворањето (по кој знае кој пат) на „македонското прашање“.

И тоа кога на Скопје најмалку му е потребно.

Отворање на старите прашања

Во месеците кога македонската проевропска и прозападна, прореформска влада се подготвува да започне преговори со Брисел, во пристапниот процес за влез на земјата во ЕУ, а кога на политичката сцена во Македонија, владата (и натаму) се соочува со блокадите на ултра-десничарската, националистичка опозиција, која прави се за да не се покренат реформските процеси и да се блокира европскиот пат.

Така, случајно, или не, летоска бугарскиот претседател почна да ги отвора „историските теми“ од бугарско-македонските односи, инаку редовна „храна“ за бугарската јавност и за тамошните политичари кога нивната земја ќе се најде во некаква политичка криза.

Потоа, на неговите „елаборации” (иако тогаш во завиена форма) се надоврза и лидерот на бугарските социјалисти, за кои се знае дека кога станува збор за нивното толкување на минатото, никако не успеваат да ја надминат „историјата“ што се продаваше во времето на комунистичката диктатура на живковизмот.

Беше јасно дека Софија ќе ја искористи работата на заедничката комисија за историјата, предвидена со меѓудржавниот договор за соработка меѓу двете соседни земји, за изнудување. За барање невозможни отстапки од Скопје, дури и за менување на идентитетот и националната посебност на нашите баби и дедовци, прикажувајќи ги така како тие од секогаш да биле само „бугари“.

Нема билатерален спор

Само затоа што, на пример,  Гоце Делчев пишувал на бугарски јазик. Или,  затоа што еден Глигор Прличев, Охриѓанец, кој своето најголемо дело го напишал на грчки јазик, а потоа, додека учителствувал во Бугарија, длабоко разочаран од односот на тогашната Бугарија кон него, се обидел да го „преведе“ својот „Сердар“ на некаков – како што го има наречено – јужнословенски јазик.

И за едниот и за другиот, сега, во овој 21 век, пред крајот на првите дваесет години од новиот милениум – една европска земја, членка на ЕУ, бара тие (а, не само тие) да бидат декларирани само како „бугари“ – во национална и во историско – културолошка смисла, доколку Македонија сака да спречи бугарско вето за старт на преговорите!?

Една европска Бугарија, како што таа сака да се декларира, а така е декларирана и во името на сега владејачката партија на премиерот Борисов, се заканува со меморандуми и со блокада на европскиот пат на Македонија, сега кога таа, како никогаш досега, е толку блиску до стартот на преговарачкиот процес.

Сето тоа, на тој начин, што партнерите во ЕУ сака да ги убеди дека историјата од 19 век и пред тоа – претставува билатерален спор – иако знае дека тоа не е така.

Правење историјата само според теркот што го наметнуваат во Софија, сепак, не е и не може да биде спор, идентичен со 30 годишното спорење со Грција околу разликите за името „Македонија“, на што изгледа инсистираат софиските политичари.

Софија стравува од Преспа

Со „Преспа“ – Скопје и Атина направија компромис – македонската страна се согласи да додаде на името географска одредница (северна), а грчката прифати дека славомакедонците се посебна нација, со посебен јазик и идентитет.

Но, потпишаната спогодба за пријателство, не предвидува дека Македонците треба сега да прифатат дека се „бугари“ и дека тоа биле од секогаш.

Секако, јасно е дека во Софија се стравува од рефлексиите на „Преспа“ врз бугарското толкување на минатото, а посебно од тоа дека треба да „признаат“ македонска национална и јазична посебност, но Скопје тоа и не го бара, иако тоа ништо нема да ја чини бугарската страна.

Во секој случај, јазикот на еден народ и идентитетот на тој народ, не се предмет на меѓународно признавање, а не можат да бидат ниту предуслов за да ЕУ почне да преговара со една држава за да ја прими во своите редови.

Јазикот што луѓето го зборуваат, како и нивната национална посебност – или постојат, или не постојат.

Со тоа не се занимаваат никакви комисии, за тоа одлучуваат само луѓето кои тој јазик го зборуваат и го зборувале. Тоа не е работа на историјата и на историчарите, а најмалку на политичарите – уште во сегашново време.

Заедничко одбележување

Тврдата софиска позиција, засилена во последните 2,5 месеци од оваа година, предвидени Македонија да стартува со преговорите, очигледно е дека се користи за јуначење пред домашната (националистичка ) јавност и пред силно национално обоената опозиција, иако формулата – за заедничко славење и за заедничко одбележување на личности и настани – во секој случај е и компромисна.

Не е ниту антимакедонска, а ниту антибугарска, туку над се е – ЕВРОПСКА.

Вака излегува дека официјална Софија, колку и да се труди да не убеди дека е на наша, македонска страна, кога станува збор за ЕУ, користи една (необврзувачка) резолуција на Европскиот Парламент (за Бугарија), во која меѓу бугарските гревови се споменуваат дамнешното одбивање да се регистрира ОМО „Илинден“ и да се потврди македонското малцинство, за да истурка нешто што никако не оди.

Самиот Борисов вели дека не знае кој и како, сето ова СЕГА го протурил и кому тоа воопшто му служи. При тоа, тој не го обвинува директно Скопје дека во овие моменти отвора „стари рани“ за да си пука во сопственото колено.

Сепак, изгледа дека за потребите на бугарската политичка криза, резолуцијата е како „џокер“ во картите – па, на сите во Софија добро им доаѓа.

Двајца за компромис

Во цајтнот, од Скопје се бараат да влече брзи потези и да прави компромиси за нешто што со децении наназад не е решено и што, како стојат работите, не може да се разреши за три недели – до 10 ноември, до конференцијата на Берлинскиот процес, за која европска Бугарија и Македонија се копретседатели.

Тоа, сепак, е нечесно од бугарска страна.

Прво, кон својата сосетка, со која има многу заеднички настани и личности што може да бидат во учебниците и на двете земји. Потоа, кон самата себе си – затоа што ова не е Софија од времето кога, како претседавач на ЕУ, толку силно се заложи за европеизацијата на регионот и посебно, за Македонија, секако.

И конечно, нечесна е кон Европа/ЕУ, на која толку многу сака да и покаже дека е изменета, дека е европски определена.

Европската унија е засновена врз правењето компромиси и тоа ја прави значајна за стабилноста и за мирот на континентот. Но, за правење компромис секогаш се потребни барем двајца – без условување и уценување.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе