Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Грција (конечно) се пресмета со Златна Зора

stoyanh/BigStock.com

Грција (конечно) се пресмета со Златна Зора

Лидерот на грчката неонацистичката партија Златна Зора, Никос Михалолиакос (62) од Кривичниот суд во Атина, беше осуден на 13 години затвор, откако минатата недела беше прогласен за виновен, за раководењето на една криминална организација, како што грчкиот суд ја означи неговата партија.

Според судот, дејствувањето на Златна Зора во Грција е засновано врз неонацистичката идеологија, а дека нејзиниот основач и лидер, како и другите нејзини членови, се дел од една криминална организација. Врз основа на тоа, судот сите ги прогласи за виновни, за злосторничко здружување и за планирање и изведување тешки кривични дела. Во тоа влегува и едно убиство, извршено на крајно брутален начин од членови и активисти на оваа организација.

Убиство на раперот-антифашист

Атинскиот суд, освен за малиот грчки фирер, тешки казни изрече и за уште шестмина други високи функционери на оваа партија. Меѓу нив се и (се уште) европратеникот Јоанис Лагос кој исто така доби 13 години, иако повеќе не е член на криминалната организација. За него се знае дека во тек е постапка за да му се одземе неговиот пратенички имунитет, за да може да биде уапсен и одведен во затвор.

Исти затворски казни добија и поранешниот портпарол на Златна Зора, како и поранешниот пратеник Христос Папас, познат во грчката јавност како „десната рака“ на партискиот лидер, но и други двајца поранешни пратеници.
Казна доживотен затвор му е изречена на убиецот Јоргос Рупкијас кој призна дека го убил 34 годишниот антифашист Павлос Фисас, популарен грчки рапер.

Тој беше убиен во септември 2013 година, од тепачите на оваа неонацистичка партија. Раперот прво бил тешко претепан, а потоа повеќепати избоден со нож и оставен да искрвари до смрт. Судот пресуди дека врвот на партијата и луѓе од раководството знаеле за убиството. Покрај ова убиство, на сите обвинети им се припишуваат и други тешки инциденти- напади и претепување на левичарски и синдикални активисти, како и други два обиди за убиство.

Судење на 68 неонацисти

Уште при минатонеделното судење, атинскиот суд осуди и други петмина поранешни пратеници и 17 членови на Златна Зора – сите виновни затоа што членувале во една криминална и злосторничка организација. А, има и други обвинети, или вкупно на обвинителната клупа во овој процес против неонацизмот, се најдоа дури 68 лица, главно поранешни пратеници кои во 2012 година, грчките гласачи ги избраа за да влезат во Парламентот.

Дури 18 припадници на оваа партија, станаа пратеници, заедно со нивниот лидер, во Парламентот што брои 300 членови, предизвикувајќи шок во грчката демократска јавност и вознемиреност на либерална Европа.

Нивниот избор се објаснуваше со силниот бран од ксенофобија што тогаш ја преплави јавноста во Грција – разочарана и понижена што се најде на работ на целосен економско-финански крах, откако државата технички гледано – банкротираше.

Ксенофобија и национализам

Грција не можеше самата да ги менаџира своите внатрешни плаќања и надворешните обврски, без странска интервенција на меѓународните финансиски организации, банките и на ЕУ, кои освен што ја спасуваа Грција, ги спасуваа и еврото и еврозоната.

Меѓутоа, во тие години, Грција беше преплавена со тврд национализам со кој се обвинуваа сите не-Грци, а најмногу бројните мигранти кои беа во земјата и пред мигрантската криза 2015/2016 година, затоа што, како што се зборуваше, им ја одземаат работата и им „го крадат лебот“.

А, ги обвинуваа дури и земјите на ЕУ и меѓународните кредитори, затоа што бараа и успеаја да наметнат мерки што требаше да и помогнат на земјата, но и да ги „дотераат на ред Грците“ кои до пред кризата живееја и трошеа над своите реални финансиски и економски можности.

Петгодишен судски процес

Сега, во услови на стабилизирана Грција, после пет години судски процес, демократскиот дел од оваа земја, конечно се пресмета со неонацизмот во грчкото општество, со Златна Зора и со сите во неа и околу неа кои се обидуваа да го вратат времето на нацизмот и фашизмот во оваа земја.

Острата пресметка, со правни средства, со неонацизмот е порака и за Европа и за земјите од ЕУ.

Вакви ултра-десничарски организации и групи одново креваат глава низ земјите на Западна Европа, но и на европскиот Исток.

Тие, секогаш, наоѓаат некакво „оправдување“ за нивната популистичка реторика, која и на други локации веднаш се врзува со национализмот, лажниот патриотизам и расизмот. И над се, со ширењето омраза.

Во Атина, медиумите откриваат дека уште веднаш по покренувањето на обвинување за убиството на несреќниот рапер-антифашист, Златна Зора почнала да се осипува. Од неонацизмот почнале да бегаат не само неговите дотогашни симпатизери, активисти и членови, туку оставки си давале и пратеници во Парламентот.

(А.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе