Поврзете се со нас

Skopje Global

„Солзите“ на диктаторот Ким

Диктаторите секаде во светот се исти, освен што повремено знаат да го „расплачат” народот со своите изливи на божемна искреност.

Едни се фалат дека работат 24/7, други дека од многу работа, ниту на одмор не одат.

Обично вака зборуваат балканските политички лидери кога, како диктатори и деспоти, сакаат да и се додворуваат на домашната јавност, а всушност, им се обраќаат само на оние кои ги создале да им бидат некаква елита, со која се опкружуваат – за да има кој да ги слуша и да им верува.

Трети, пак, како севернокорејскиот диктатор Ким, настојуваат да ги уверат своите дека дури можат и да се разжалостат, до солзи. Заедничко за сите е што упорно тврдат дека се што прават – прават за доброто на народот. И, нормално, при тоа, лажат.

„Извинување и плачење“

Ким Јонг-ун кој толку тоталитаристички владее со Севернокорејците, продолжувајќи ја диктатурата започната од времето на неговиот дедо, потоа продолжена од неговиот татко, што во неговата земја го ословуваат само како врховен водач.

Диктаторот смета дека нема потреба да има било каква државничка функција, кога и онака самиот одлучува за се во оваа изолирана и целосно затворена земја.

Деновиве, меѓутоа, Ким се обиде максимално да ги шармира своите поданици и да предизвика интерес и надвор од Северна Кореја, кога (за прв пат) се извинуваше (!) затоа што не успеал да го подобри нивниот животен стандард.

Велат дека во еден момент и гласот му затреперил, па дека го бришел лицето, што некои побрзаа да објаснат дека „пуштил солза“. Но, најважното од сето тоа е што предизвикал масовно плачење на построените војници и на нивните старешини, како и на жените-војници, чии лица се задушувале во солзи и во грч, додека го слушале говорот на врховниот водач.

Сето тоа се случувало пред почетокот на воената парада кога армиски сили се подготвувале да дефилираат пред својот лидер Ким, кој во својот говор зборувал и за коронавирусот, прогласувајќи ја Северна Кореја како единствената во светот што не е зафатена со глобалната пандемија.

Целосна и длабока изолација

На ваквите фалби околу вирусот, доколку тоа е навистина така, во светот реагираат со едноставното објаснување – со изолацијата на оваа земја.

Во неа, со децении никој од никаде не доаѓа во посета, а уште помалку некој нејзин државјанин може да излезе. Прво, затоа што е забрането патувањето во странство, а второ, затоа што просечните Севернокорејци немаат ниту стандард, а ниту пари, за да било каде патуваат – дури и кога би им било дозволено.

Сепак, токму битката со пандемија, Ким ја искористил за да го оправда својот неуспех, на луѓето да им се подобри животот. Второто оправдување биле воведените меѓународни санкции поради нуклеарната програма, а третото било – со налетот на силниот тајфун, за кого дури сега се признава дека имал катастрофални последици, предизвикувајќи поплави и разурнувања.

„Моите напори и мојата искреност не беа доволни за да го спасам нашиот народ од сите вакви животни проблеми“ – рекол севернокорејскиот врховен водач, предизвикувајќи масовно плачење на учесниците на парадата, што низ крупни кадри го прикажувала државната телевизија.

Во рани зори!

Во Сеул, во соседна Јужна Кореја сега се анализира целиот настан. Проценката е дека ако се отфрли театралноста на режираната претстава што (обично) го прават и други диктатори, останува впечатокот дека парадата е искористена за повисоки политички потреби на Ким Јонг-ун, при што е употребена војската која и натаму е најпопуларна институција во тамошната јавност.

Најважното е дека оваа парада која, инаку, се организира секоја година, сега била одржана во рани зори! Тоа, пак, аналитичарите го толкуваат како знак дека моќниот водач, можеби и не е толку моќен во државата и покрај бројните чистки и егзекуции на политичките противници и дека во Северна Кореја се одвива политичка битка.

Тоа значи дека Ким не успева да се справи со силниот притисок на кој е изложен, внатре, во својата земја, но и со проблемите со кои таа се соочува, а за кои може само да се претпостави дека се врзани за живејачката на обичните луѓе и нивниот (веројатен) гнев.

Нема за храна, има за ракети

Се верува дека тој почнал да стравува од можноста да биде сменет, а „династијата“ Ким, најпосле, да биде тргната од власта на која се наоѓа уште по завршувањето на Корејската војна, во средината на педесеттите години на 20 век.

Според податоците на ОН, 40 отсто од Севернокорејците немаат доволно храна.

Ваквата ситуација се претпоставува дека се влошила после ударите на тајфунот. Уште повеќе, одлуката на Ким да ја „заклучи“ целосно државата, како мерка за одбрана од короната, предизвикала натамошно влошување во снабдувањето со храна и со основните потреби.

Државата која нема ниту пари за целосно обезбедување храна, со изолацијата (од вирусот) останала и без резервите што ги имала.

Во исто време, диктаторот наоѓа и има пари за своите омилени „играчки“ – вооружувањето и атомските и ракетните проби кои продолжува да ги извршува.

Далеку најмногу од парите земјата издвојува за овие цели. Само 24 часови по плачливата претстава на плоштадот во Пјонгјанг, Ким Јонг-ун се фалеше и се закануваше своето најново, моќно ракетно оружје.

(П.К.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе