Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Европа во „војна” со пандемијата

RuslanShevchenko/BigStock.com

Европа во „војна” со пандемијата

Седум месеци од отворањето на фронтот со глобалната пандемија со коронавирусот, што Кина му го „извезе“ на светот, Европа продолжува да војува со епидемијата каква на Стариот континент немало сто години.

Наместо постепено опоравување и излегување од кризата – која не може, на долг рок, да ја издржи ниту едно здравство, а и ниту една економија, ЕУ и другите во Европа, изминатите недели се соочуваат со вториот бран, а во некои земји велат дека станува збор и за трет бран на коронавирусот.

Франција во четвртокот има регистрирано, досега незабележани, рекордни, 20 илјади новозаразени во само 24 часови.

Тоа предизвика, вкупната бројка на заразени и заболени пациенти да се искачи на над 692 илјади лица, што претставува околу 12 отсто од вкупната популација. Во истото ова време, од седум месеци, се регистрирани и 32.700 починати.

Тревога во Франција

Француските власти и епидемиолозите, на почетокот од летото, навестија смирување на пандемијата и бројот на заболени (и починати) почна да се намалува, па од почетокот на јули се започна со олеснување на строгите мерки за карантин и одбрана од вирусот.

После последниов налет на заразата, во Франција, а посебно во поголемите градови се прогласува тревога од налетот на корона.

Засега е одлучено одново да се затворат баровите и да се забрани 0рганизирањето и одржувањето на секакви забави и масовни собирања.

Во Париз и во уште десетина големи градови, носењето маска на лицето е задолжително и на улица.

Италија, која во текот на март, а особено во април, беше најтешко погодена и каде кинескиот вирус „удри“ со најголема силина, одново бележи пораст на новозаразени по околу шест илјади дневно (во петокот).

Сега и една Чешка е повеќе погодена од било кога во пролетните месеци, со над осум илјади заразени за 24 часови, меѓу четвртокот и петокот.

Карантин во Мадрид

Сепак и покрај ваквата ситуација, која, посебно во Прага, се означува како алармантна, одви две земји од ЕУ се во поповолна ситуација од Шпанија, која беше пролетва, а така е и сега, станува европски проблем.

Во оваа земја, за само седум денови од неделата што истекува, се регистрирани над 540 починати од последиците од коронавирусот.

Бројката на заразените се искачи на над 862 илјади лица, што е над 16 отсто од вкупниот број на населението.

Сето ова се случува, откако шпанската влада, меѓу последните во ЕУ, се одлучи за укинување на строгите мерки за заштита од пандемијата, дури на 21 јуни.

По тоа, Шпанците се отворија туризмот и дури ги повикуваа странците да дојдат во земјата на одмор или на летување.

Но, изгледа дека тоа беше преуранета одлука – како и во францускиот случај, како и во земјите од Медитеранот, од Грција, Црна Гора и Словенија, преку Италија до Западот на ЕУ.

Меѓусебни обвинувања

Засега, никој не ги обвинува туристите, иако Британците се „нафрлија“ врз Грција, откако цел еден авион со туристи итно беше вратен од островот Закинтос во Британија, со сите 180 заразени патници.

Грците тврдеа дека тие допатувале заразени, а британската страна обвинуваше дека се заразиле додека биле на одмор.

Факт е, меѓутоа, дека и Грција има раст на заболените (многу помалку од другите во ЕУ), па во Атина е наложено задолжително носење маски за лице и на улица, додека во Мадрид, во определени општини е воведен „стариот“ карантин – притоа, луѓето од една општина, да не можат да одат во другата.

Над еден милион луѓе се опфатени со оваа мерка.

Во секој случај, корона и натаму го освојува светот, па во четвртокот се пријавени над 350 илјади новозаразени во само 24 часови, на глобално ниво и 6400, починати во еден ден – најмногу во Индија, една илјада регистрирани.
Европа, како континент, е најпогодена.

За прв пат, од избувнувањето на пандемијата, дури 110 илјади новозаразени се пријавени во еден ден.

Ваквата бројка е последица на високиот скок на новозаразени во Русија и Велика Британија, како и во Франција и Шпанија, но и во Португалија и Холандија, каде е воведена тревога од прв степен.

Курц против затворање граници

Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека Европа се соочува со силен налет на вториот бран од коронавирусот.

Според него, може да загрижува тоа што се јавува во време пред да почне сезоната на грипот низ континентот, но за разлика од пролетоска, кога бараше затворање на границите (и меѓу земјите членки на Унијата), сега смета дека не треба да се избрзува со една таква мерка.

Според Курц, затворањето на границите, а особено меѓу земјите членки на ЕУ може да биде контрапродуктивна за економијата – оневозможувајќи го побрзото опоравување на бизнисот и на стопанството.

Тој сепак, смета дека ширењето на вирусот мора да биде запрено- по секоја цена – а, ЕУ и Европа да се вратат во нормалната состојба на живеење.

Не кажува како, а и не може да каже ниту кога, затоа што тоа сите го сакаат, но засега не само политичарите, туку и епидемиолозите не можат да се изборат со пандемијата.

Особено што вирусот се враќа и таму каде се мислеше дека исчезнал.

Словенија и Црна Гора, дури се прогласија за корона-фри земји.

Хрватска на широко ги отвори границите (и морските плажи) за странските туристи. Но, сега сите овие три земји од екс ЈУ просторот, се меѓу најтешко погодените во Европа и водат во регионот.

На нив, повремено им се приближуваат, иако во далеку помал обем, БиХ и Македонија.

Но, во петокот, босанските епидемиолози објавија дека тој ден бил досега „најцрн“ кога станува збор за жртвите – 13 за само 24 часови.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе