Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Златна Зора е прогласена за криминална организација

Ggia, 20101221 Xrysh Avgi Komotini Greece 1, CC BY-SA 3.0

Златна Зора е прогласена за криминална организација

Основачот и лидер на грчката ултра-десничарска и неонацистичка партија Златна Зора, Никос Мицалолиакис, е осуден во Атина дека предводи криминална организација.

Пресудата е донесена после петгодишното провлекување на случајот по судовите и веднаш предизвика големо задоволство кај грчката демократска и либерална јавност.

Неколку илјади лица се собрале пред зградата на атинскиот суд за да ги слушнат одлуките на судот, јавуваат грчките медиуми. Насобраните луѓе барале строги казни, извикувајќи – „сите нацисти во затвор“.

Јавноста на Грција го има прогласено судењето како „историско“, затоа што, конечно, му се суди на фашизмот како идеологија. Но, на изборите во 2012 година, Златна Зора, доби седум отсто од гласовите на Грците, освои дури 18 пратенички места и стана третата по сила партија во грчкиот Парламент.

Неонацистите влегуваат во Парламентот

Ваквиот изборен резултат на една декларирана неонацистичка партија, тогаш предизвика шок во демократската јавност.

Успехот на партијата се објаснуваше со длабоката економска и финансиска криза во која се најде Грција, пред осум  години.  Тоа беше времето кога земјата  не можеше самата, без надворешна финансиска  интервенција, да  ги менаџира своите  долговите и редовните трошоци. Поради тоа, Грција  беше приморана на остри мерки на буџетско штедење, за да не дојде до целосен колапс на државата.

Меѓутоа, активистите и членовите на Златна Зора, во текот на изборната кампања, како таа година, така и пред тие избори, а  и потоа, во своите кампањи агитираа застапувајќи екстремно силна националистичка платформа и заговарајќи политика против имигрантите и азилантите, која не ретко беше расистичка.

Во Парламентот, оваа и ваква партија, остана до изборите во 2019 година, кога доживеа фијаско-  не успеа да го надмине изборниот цензус за да остане како парламентарна партија.

Кривичната истрага беше покрената за убиството на популарниот грчки рапер, инаку антифашист, кога храбриот млад човек беше нападнат, брутално натепан и избоден повеќе пати со нож. Како обвинети беа посочени партискиот лидер на Златна Зора и уште 67 други лица, сите активисти и приврзаници на партијата.

Освен за ова убиство, тие беа обвинети и за низа други физички напади, претепувања на антифашисти и левичари, како и за други видови  улично насилство.

Националистичка и антимигрантска политика

Судот во Атина осуди и други двајца припадници на Златна Зора,едниот  за убиството на раперот, а другиот за едно друго убиство, откако Обвинителството покажа дека партиското раководство знаело за тоа што се случува и за сите овие инциденти.

Припадниците на оваа, сега и официјално, криминална организација, беа составен дел на сите поголеми антимакедонски собирања и на протестите, вклучувајќи и на протестот во Солун, во текот на преговорите за историскиот грчко-македонски договор од Преспа. Посебно кога стана јасно дека Грција, конечно, прифаќа постоење на посебен, словенски македонски национален идентитет. Партиските тепачи секогаш беа во толпата, предизвикувајќи инциденти и пресметка со полицијата.

Лидерот Никос Мицалолиакос во Грција важи за деклариран нацист.

Не сокрива дека му се восхитува  на Адолф Хитлер, а своите симпатизери и приврзеници ги поздравува со нацистички поздрав. Партискиот амблем на Златна Зора претставува стилизиран нацистички кукаст крст.

Партијата е создадена уште во средината на осумдесеттите години на 20 век.

(А.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе