Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Мини централи за макси профити

Мини централи за макси профити

Прво, има еден смешко, кого не го сакаат во неговата партија, каде се подготвуваат да го сменат, затоа што тој не сака да си даде оставка.

Тој, пак, глуми „народен трибун“, собира луѓе од улицата и ги тера (според стариот обичај на неговиот газда – избеганиот осуденик за криминал – кому му ја чува фотељата) да протестираат против владата, легално избрана и легално составена по изборите, според некаков „пржински терк“, што тој и неговото друштво го бараа.

Според она фрустирачко инаетење – ако се примени против нас, сега ќе мора да се примени и против вас.

Ветуваше двоцифрена победа, а доживеа уште еден пораз. Од тој пораз, тој и уште некои други околу него, кои сметале на фотељи, на тендери и пари, на бришење казни и пресуди, на државни дотации и на позиции – во земјата, или некаде во странство – се уште не може да се освестат.

Па, иако останаа парламентарна партија, ова вмровско друштво продолжува да се однесува како да се вонпарламентарна дружина.

Наместо во Парламентот, каков што е редот, тие со смешкото на чело, парадираат по улицата, зборувајќи за работи за кои се знае каде се решаваат – доколку се разбираат во основните лекции од парламентарната демократија.

Лажен „народен трибун“

А, второ, овој човек се осмелува да покренува теми, за кои тој е последниот во државава што тоа треба да го прави. Но, за него е најбитно, по секоја цена – да остане на функцијата.

Зборува за цената на струјата, за правда и праведност во државата, држи лекции и продава дисквалификации на владата, која се уште се доконституира, по развлечениот изборен процес, поради коронавирусот.

Од сето тоа, излегува дека многу сака да ја уверува јавноста оти најдобро ја знае проблематиката околу струјата, па затоа и сака да собира популистички поени, протестирајќи против минималното поскапување на струјата.

Тоа е мало и за „обичните“ луѓе, за оние кои имаат само еден „обичен“ стан, со нормална вредност, а камо ли за елитата на која и припаѓа.

„Обичните“ луѓе немаат куќа од половина милион евра, немаат станови низ скопските новоградби, кои стојат празни како затворен капитал на „богатунците“ како овој лажен „трибун“, или како некои екс министри, добро нафатирани, за да ги купат најскапите скопски станови (и најголеми).

Немаат изградено ниту куќи и вили во холивудски стил, убаво и богато осветлени кои, нормално, трошат струја, многу повеќе од „обичните“ домови на мнозинството од луѓето.

Српското искуство

Човекот кој мисли дека е “трибун“, очекува да ги покрене „обичните смртници“ за да му веруваат дека цената на струјата (сега) станала голем товар за нив.

Затоа, вреска по улиците да ги увери луѓето дека не треба да молчат, затоа што тој се разбира во електриката, во струјата, во нејзината цена – зашто е сопственик на централи! Мали се, но сепак прават струја и НОСАТ ГОЛЕМ ПРОФИТ.

Едно истражување, направено во соседна Србија, тоа убаво го прикажува.

Таму се покажало дека преку малите ХЕЦ, преку т.н. зелена струја – добиена од сонцето и од ветрот – убаво може да се профитира, а дека деловниот ризик е рамен на нула.

Затоа таму, како газди и носители на вакви проекти се јавуваат богатите, оние блиску до власта, која преку системски решенија им овозможува да заработуваат и да се збогатуваат, практично, директно помагани од државата.

Експерти тврдат дека струјата од обновливата енергија е поскапа од онаа добиени со класичната, фосилна технологија, па затоа (во Србија) таа дополнително се наплатува.

Државното електро-стопанство им плаќа на производителите на струјата (продавачите), два до три пати повисока цена, од струјата доколку се купи на европскиот пазар на струја. Но, сето таа е сега, некако во „мода“ и се врзува за екологијата и за зачувувањето на човековата околина.

Тајкун за струја

Тоа, сепак, не може да си го дозволат сите кои се сметаат за богати.

За изградба на еден „ветро-парк“ за струја добиена од ветрот, на пример, се потребни и до 350 милиони евра, зависи од големината. Но, затоа, многу поевтино е инвестирањето во малите ХЕЦ.

Тука, во овој дел, најмногу влегуваат оние кои се блиску, или се дел од власта, па лесно, како сегашниот самопрогласен македонски „трибун“, инаку поранешен директор на ЕЛЕМ, поставен од газдата на Македонија и нејзиниот поранешен деспот, се станува тајкун за струја!

Белградските медиуми велат дека и тие имаат еден таков.

Откриваат дека му бил кум на српскиот претседател, што му овозможило сега располага со имот од девет мини хидроцентрали.

За нив српската држава му плаќа меѓу 4 и 5 милиони евра годишно, за струјата што неговите централи ја произведуваат, а потоа му ја продаваат на (државното) српско електростопанство.

За соседна Србија се смета дека за ваквата „апсурдна ситуација – богатите да станат побогати со државни пари“ е виновна и самата држава.

Гнев на локалното население

Прво, со тоа што се создадени поволни услови за нивно забрзано градење. Потоа, имаат гарантирани цени на 12 години, па затоа исплативоста на ваквите инвестиции изнесува пет години.

И, конечно, за да се почне инвестицијата потребно е учество од само 15 отсто.

Во оваа земја, затоа и цвета овој бизнис, па во кус рок би требало да се изградат уште 84 мини ХЕЦ – на локации кои претходно биле определени за развој на туризмот.

Локалното население, затоа, се погласно и се почесто се спротивставува на градењето вакви централи на вода. Велат дека им се блокираат реките и посилните потоци кои имаат значење за нивното живеење.

Не само населението, туку и експерти предупредуваат дека се пореметува снабдувањето со вода, потоа се создаваат ерозивни терени и доаѓа до целосно изместување на тешењето на малите реки и потоци, за кои се знае дека и онака имаат малку вода.

Во случајов, во името на заштитата на климата и намалувањето на емисијата на штетните гасови, пред се, од централите на јаглен, со забрзаното и велат неконтролирано градење мали ХЕЦ, тешко се оштетуваат малите реки и водотеци и се нарушува природата.

Примерот од Албанија

Во Албанија, на пример, со масовното градење на вакви централи (велат биле изградени неколку стотици) е создадена деградација на водотеците, само во деведесеттите години на 20 век биле исечени еден милион хектари шума и се „убиени“ многу помали и поголеми реки.

Според албанскиот универзитетски професор Олси Ника, во земјата, од падот на комунизмот, па до сега се изградени дури 700 мини ХЕЦ, што е најголема густина на вакви објекти на Балканот.

Меѓутоа, за тоа е платена скапа цена – со уништување на природата, на реките и речните сливови, што за мала земја како Албанија која има вкупна хидрографска мрежа од помалку од 3000 км. претставува еколошка катастрофа.

Реките Дрим, Деволи и Шкумбини се најмногу настрадани, а на пат наскоро тоа да се случи е и последната „дива“ река во оваа земја – Вјоса.

Затоа, Светската фондација за природата побарала од владите во земјите од Западен Балкан, да го запрат поттикнувањето изградба на мини хидроцентрали, означувајќи ги како најголема закана за, како што се вели, последните реки во Европа кои се уште слободно течат.

Реки кои слободно течат

Во оценката на оваа светска фондација се посочува дека слатководните еко-системи забрзано исчезнуваат, дека 60 отсто од реките на европскиот континент се во мошне лоша состојба, целосно деградирани од изградбите на разни брани, централи и канали.

Во една таква ситуација, регионот на Западен Балкан се уште спаѓа во делот од Европа, каде постојат реки кои слободно течат – од својот извор, па се до вливот.

Тие, меѓутоа, се исто така под силен притисок, поради засиленото градење мини-централи.

Проценка е дека во овој регион се планира изградба на дури 2700 вакви енергетски објекти!

Тие учествуваат со мал процент во вкупното производство на енергија во една земја, но на српскиот и на македонскиот пример, може да се види дека преку нив се доаѓа до лично богатење. Со партиски врски во услови на деспотски режим, како награда за верност и лојалност и со голема помош на државата.

„Трибунот“ и централите

Во таа шема е влезен оној смешко кој по улиците бара да поевтинела струјата, уште фалејќи се со своето познавање на проблематиката.

Таквото негово однесување е само доказ за каков човек станува збор и за хипокризијата со која е зафатено тоа негово друштво кое откако постои, ја измамува јавноста во Македонија со лажниот патриотизам и со божемната грижа за народот.

Извори од партијата, ни имаат посочено дека лажниот „народен трибун“ од својот избеган газда има добиено концесија да си гради мали ХЕЦ низ Источна Македонија, на државни терени и локации, каде целосно се деградираат природата и водотеците.

Уште е направен и како главен акционер на малите централи.

Во тие делови од земјата, не ги прашува луѓето што мислат за неговиот дополнителен бизнис како тајкун за „мини струја“. Особено кога ја уништува природата и го растура течението на малите реки кои често имаат животно значење за локалното население.

Во секој случај, треба за тоа да им зборува на оние што ги носи по улиците на протестите на „народното незадоволство“ како „експерт“ за струјата.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Едиторијал

Горе