Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

„Турција го дестабилизира мирот“

toshket/BIgStock.com

„Турција го дестабилизира мирот“

Израелскиот министер за одбрана Бенјамин-Бени Ганц, во едно од ретките јавни обраќања, невообичаено остро ја нападна Турција и ја критикуваше политиката и однесувањето на официјална Анкара, во регионот на Блискиот Исток, но и пошироко.

Ганц, практично, го изедначи дејствувањето на Турција, со она на Иран, откривајќи една нова фаза во односите на Ерусалим со Анкара. Затоа што, додека за Израелците власта во Техеран и онаков Иран, каков што е денес, важат за најголемиот непријател на Израел, со Турција тоа не е така.

Анкара изедначена со Техеран

Израелско-турските односи последнава деценија одат по искривена линија – час се горе, а потоа долу.

Така – во еден период – двете земји дури беа и стратешки партнери во регионот, за да потоа се најдат на работ на судир, кога Израелците открија дека турската страна ги помага и ги вооружува екстремистичките палестински организации, како Хамас, која има прогласено уништување на израелската држава.

Но, и покрај сето тоа, во моментот се сметаше дека нивните билатерални односи се крајно студени, но дека сепак, се одржуваат во живот.

Поводот за нападот врз Турција и за нејзиното изедначување со Иран, е најден во неодамнешните договори што Израел ги постигна со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и со Бахреин, за меѓусебно признавање и за воспоставување дипломатски односи.

Досега Израел такви односи во арапскиот свет имаше само со Египет и со Јордан.

На првата прес конференција, која поради коронавирусот, беше преку видео врски, на еден израелски министер со арапски новинари, меѓу кои и од Саудиска Арабија, Бени Ганц ги обвини Анкара и Техеран дека ги дестабилизираат мирот и стабилноста во целиот поширок регион, на тој начин што работат на поткопување на договорите на Израел со Емиратите и со Бахреин.

Компликуван однос

Ганц тврди дека и Турција и Иран, се „противат на промоцијата на мирот и при тоа подржуваат регионална агресија“.

При тоа, тој ја посочи Анкара, која ја обвини дека е замешана во граѓанската војна во Либија, во напнатоста што ја создаде во Источен Медитеран, судирајќи се со Грција и со Кипар околу истражувањето на гас во подморското дно во овој регион, а исто така е длабоко вклучена во граѓанската војна во Сирија и продолжува да одржува добри и блиски односи со екстремистите од Хамас кои го имаат под контрола појасот Газа.

Според израелските медиуми, Ганц истакнал дека нивниот однос  кон Турција е компликуван, затоа што земјата е членка на НАТО, каде се и најголемите пријатели и сојузници на Израел.

Поради тоа, рекол израелскиот министер, мора да се земат во предвид сите опции што Израелците ги имаат во раце- за да низ меѓународен притисок, Израел се обезбеди дека (Анкара) се дистанцира од меѓународниот тероризам. А, тоа е она, што Ерусалим му го зема за најголемо зло на Иран – кој ги има зад себе, силно подржувајќи ги, двете милитантни, екстремистички организации- Хезболах и Хамас.

„Сириска криза на Кавказ“

Во оваа прилика Ганц инсистирал дека врските на Израел со арапските земји обезбедуваат можност за спротивставување на режимот во Техеран.

-Ние имаме стратешки можности да се справиме со Иран. Посилни сме од нив. Но нашата соработка со арапскиот свет, ни дава гаранции и при тоа отвора една нова стратегија.

Мислам дека Иранците тоа го разбираат. А, таа најдобра стратегија за регионалното соработување е мирот- рекол израелскиот министер за одбрана, уверувајќи дека токму нормализацијата на односите со арапските земји, помага за борбата со екстремизмот.

Изјавите на Ганц и неговите обвинувања кон Турција, доаѓаат во време на распалениот судир на Ерменија и Азербејџан околу енклавата Нагорно Карабах, во кој се тврди дека е замешана турската страна.

Ерменија, низ изјава на нејзиниот претседател, ја обвини Анкара дека е директно вклучена во воениот конфликт, на страната на Азерите – со вооружување на Азербејџан и со испраќање сириски платеници на азерска страна, сите тамошни Турци, припадници на сириската туркменска етничка заедница.

Според Тбилиси, ваквата политика на Турција значи дека Анкара сака да создаде една „нова сириска криза“ во регионот на Кавказ.

(Е.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе