Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Србија со три пати повеќе починати од корона

Србија со три пати повеќе починати од корона

Болниците во Република Србија кои имаат лекувано заразени и заболени пациенти од Ковид-9, имаат пријавено ТРИ ПАТИ повеќе починати од официјалните бројки кои и се презентирани на домашната јавност – јавуваат белградски медиуми, повикувајќи се на откритијата на балканската медиумска истражувачка мрежа БИРН.

Според оваа мрежа, властите знаеле за ова, затоа што имале увид во податоците кои ги испорачувале болниците, а како „осомничена“ се јавува советничка на српската премиерка, која е координатор за користењето на информативниот систем што ги покрива податоците околу епидемијата.

Првпат сомнежи – во јуни

Два дена пред оваа информација, во медиумите се огласи тамошниот епидемиолог Предраг Кон, инаку член на кризниот штаб за борба со пандемијата, за прв пат, јавно, признавајќи дека вистинските бројки за смртноста од коронавирусот се повисоки и тоа три пати повеќе од официјалните. Но, веднаш по тоа, за таквата состојба ги обвини информатичарите, како и лекарите кои им ги давале резултатите.

Прв пат, сомнежи околу тоа дека во Србија се сокрива вистинската состојба за бројот на жртвите, односно дека на јавноста и се презентираат помалку починати, се појавија во јуни, пред парламентарните избори.

При тоа, во медиумите посебно се посочуваше ситуацијата во Белград, во Ниш, како и во областа Санџак и за Нови Пазар, за каде се тврдеше дека не се се знае вистинската ситуација.

Владата и премиерот Ана Брнабиќ, тогаш грубо ја отфрлија можноста за манипулација со податоците за смртноста.

Во една прилика, Брнабиќ изјави дека – „Не може некој да се означи како жртва на коронавирусот, ако е позитивен, а на пат за болница биде прегазен од автобус”!

„Фризирани” податоци?

По таквото „објаснување“ кое ништо не демантираше, се доби впечаток дека јавноста во Белград, а и во земјата, ја прифатија таквата „теза“ на премиерката, иако медицинската јавност и независните медиуми останаа на впечатокот дека, сепак, постои „фризирање“ на податоците.

Мрежата БИРН сега изразува сомнежи дека токму соработниците на премиерот Брнабиќ, учествувале во преправањето на податоците.

Епидемиологот Кон, како што јавуваат медиумите, одбивал да даде коментар за најновите откритија, откако претходно има речено дека станува збор за манипулација, освен дека останува на она што веќе го рекол.

Според него, тоа е вистината, без разлика дали некому тоа му се допаѓа, или не, како и дека до податокот за три пати поголема смртност, дошол врз основа на морталитетот во државата.

Поделени мислења

Белградски медиуми откриваат за таков случај на 12 април, кога вистински, за 24 часови тој ден починале 38 лица, а во јавноста било соопштено дека умреле пет пациенти.

Српски лекари се поделени околу признанието на Кон. Едни го сметаат за „светла точка“ во кризниот штаб, затоа што го признава она за што постоеја сомнежи, додека други го напаѓаат затоа што за манипулацијата ги обвинува и своите колеги – лекарите.

Уште му се забележува и дека кога во јуни се отвори оваа тема, тој тогаш откритијата на БИРН ги означи како „заговор“.

Министерот за здравје, кој инаку е правник, за целиот овој случај ги обвини и новинарите.

Тие, меѓутоа, тврдат дека тој, соработниците на премиерката и директорот на ИТ секторот на Фондот за здравствено осигурување на Србија, учествувале во изработката на информацискиот систем за Ковид и дека само тие го имале целосниот увид на бројот на тестирани, заболени и починати.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Здравје

Горе