Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Америка ќе има избори?

artlana/BigStock.com

Америка ќе има избори?

Во американската историја, немало случај некој кандидат за претседател да почине, пред одржувањето на гласањето, или да се повлече, поради болест, или некоја друга причина.

Ова сега со Доналд Трамп кој од петокот е позитивен на коронавирусот, а во саботата беше префрлен во болница, создава сосема нова и досега незабележана ситуација на неизвесност – на помалку од 30 денови од изборите.

Трамп кој е републикански кандидат има 74 години и од неделата е на кислород, а сите досегашни информации околу неговата вистинска состојба се конфузни, особено откако лекарите објавија дека следните 48 часови ќе бидат решавачки, за да се види како ќе се развива болеста.

„Теории за заговор“

Има и контра-верувања дека ваквата конфузија е создадена затоа што (можеби) сето ова околу болеста на претседателот е (наводно) предизборен трик (!?).

Односно, дека е дел од валканата кампања што ја спроведува токму неговиот изборен штаб, за да ја добие наклонетоста на неопределените гласачи, откако е утврдено дека тој, сепак, не може да го совлада својот демократски противкандидат, кој е и постар три години од Трамп.

Се верува дека, затоа, и беа публикувани првите неколку фотографии и снимени ТВ пораки на претседателот од воената болница „Волтер Рид“ во сојузната држава Мериленд.

Иако тие многу не помагаат за отфрлање на теориите за заговор, затоа што се правени на исто место, во иста фотеља и во иста просторија, сепак, на нив се гледа нездравото лице на Трамп и бледилото кое обично е присутно кај сите заболени од Ковид.

На пораките, Трамп уверува дека продолжува да работи и од болницата, како да е во Белата куќа.

Но, поважно треба да биде дека тој не е прикован за постелата, како британскиот премиер Борис Џонсон, на пример, како и дека праќа оптимистички пораки – за брзо враќање и за брзо вклучување во предизборната кампања!?

Одлагање на изборите?

Американските медиуми, користејќи правни експерти и толкувајќи го Уставот на САД и прописите, прават слика за тоа- што би се случило доколку Трамп не може да се врати на работа, а уште помалку да учествува во изборите.

Дали Американците ќе гласаат за болен претседател, за негов набрзина определен заменик, или едноставно, ќе ги одложат претседателските избори.

Токму Трамп, прв, уште летоска ја отвори таа тема, зборувајќи дека ако епидемијата продолжи да „зема данок“ низ САД, како што е тоа сега случај, ќе треба да се одложат изборите. Тоа, навистина, го поврза со неговото несогласување со гласањето по пошта, сугерирајќи- подобро да се одложи гласањето, отколку да биде нелегално и за него, на крајот да одлучува Врховниот суд на САД!

Излегува дека работите како да се приближуваат до едно вакво „сценарио“. Меѓутоа, правни и политички експерти и тогаш, а и сега, уверуваат дека – „не е веројатно одлагање на гласањето“ предвидено за 3 ноември.

Датумот определен со закон

Според овие толкувања, датумот на изборите во САД е законска категорија. Тие се одржуваат секогаш во вторник, по првиот понеделник од ноември.

За одлагање, затоа, е потребно да се изјаснат и да се согласат двата дома на Конгресот. Претставничкиот дом кој е под контрола на демократите и Сенатот, каде мнозинството го сочинуваат републиканците.

А, малку е веројатно дека двата дома ќе може да се усогласат, во сегашната ситуација во САД, на длабока поделеност – политичка и идеолошка- која ја наметна Трамп, од влегувањето во Белата куќа, пред четири години.

Конечно, избори во Америка имало и во текот на тамошната Граѓанска војна, во 1864 година, кога победил Абрахам Линколн, како и во текот на Втората светска војна, кога Ф,Д. Рузвелт освои уште еден (вонреден) мандат.

Дилеми има и околу тоа – заболениот кандидат, да биде заменет со друг.

Теоретски тоа е можно, иако двете партии имаат свои различни процедури, но се смета дека сето тоа, сега,  не може да се направи, поради мошне кусото време.

Посебно, затоа што името на новиот кандидат не може никако да се стави на гласачкото ливче, затоа што тие веќе се отпечатени со имињата на Трамп и Бајден. А, особено и затоа, што над три милиони Американци веќе гласале – преку пошта.

„Пресуда“ од лекарите

Ситуацијата, во секој случај, е крајно компликувана, уште повеќе  што веќе е определено – гласањето на електорскиот колеџ да биде на 14 ноември. А, за да се изменат работите, во случај на смрт на кандидатот за претседател, или за негово повлекување, ќе мора да се применуваат законите на секоја од сојузните држави.

Како и да е, уверувањето на мнозинството е дека Америка, сепак, ќе ги има своите претседателски избори.

Многу сега зависи од лекарите. Тие, прво, тврдеа дека Трамп ќе остане во болница „неколку денови“, сега така не зборуваат.

Искуството од милиони заболени, па излечени пациенти, покажуваат дека и да излезе од болница, пред 3 ноември Доналд Трамп тешко би можел да издржи напорна изборна кампања, со одржување митинзи и среќавање со гласачите – заболен, или заздравен од Ковид.

Особено што тој е дваесет години постар од Британецот Борис Џонсон, а нему му беа потребни четири недели, за да заздрави и за да може целосно да се вклучи во премиерската работа – од канцеларија.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе