Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Трамп и Меланија се позитивни на корона

United States Government Work

Трамп и Меланија се позитивни на корона

Американскиот претседател Доналд Трамп и „првата дама“ на САД Меланија, се позитивни на коронавирусот.

На службената страница на Твитер, на која самиот објави дека со сопругата се заразени од вирусот, Трамп има напишано „Низ сето ова, ние ќе поминеме заедно“.

Веста за заразувањето на претседателот на САД ја потврди и неговиот службен лекар кој изјави дека „обајцата засега се добро“ и дека ја „имаат најдобрата нега што е потребна за вакви состојби”.

Трамп и неговата сопруга мора да останат во карантин најмалку 10 денови, колку што тоа го предвидуваат американските епидемиолошки прописи. Во првото официјално соопштение се вели дека претседателот, со сопругата, карантинот ќе го поминат во Белата куќа, како и дека тој ќе продолжи да ја обавува својата функција на шеф на државата.

Заразен од соработничката

Заразувањето на Трамп доаѓа во време на финишот од претседателската кампања, за изборите на 3 ноември. Тој и неговите соработници веднаш најавија промена на неговиот распоред во кампањата и веќе го откажаа планираниот предизборен митинг во Флорида, каде Трамп требаше да зборува пред своите поддржувачи и гласачи.

Според првите наоди, Трамп се заразил од својата блиска соработничка Хоуп Хикс (31), за која се утврдило дека е заразена, пред Трамп и Меланија да бидат тестирани.

За неа се знае дека патувала со претседателот во Охајо, на првата телевизиска дебата во вторникот, на која една од најжестоките теми околу која се судрија актуелниот претседател и неговиот противкандидат Џо Бајден, беше токму коронавирусот и одговорот на власта, на сегашната администрација на пандемијата.

Особено откако беше обелоденето дека претседателот криел од Американците дека добро знае колку е опасен вирусот и дека болеста Ковид, во многу случаи е смртоносна.

Трамп го исмева Бајден – за маската

Во грубата размена на зборови и навреди, во текот на дебатата, Трамп, во својот веќе познат стил, го исмеваше Бајден затоа што носи маска на лицето, како заштитна мерка од заразувањето со вирусот.

Хикс била со претседателот и на предизборната средба со гласачите во сојузната држава Минесота, а при враќањето од Охајо, камерите ја имаат снимено како излегува од претседателскиот авион „Air Force One“ без да има маска на лицето. Не се знае каде и како таа се заразила.

Американските медиуми, меѓутоа, пишуваат дека не само таа и претседателот, туку и другите функционери во Белата куќа, како и некои од членовите на неговото семејство кои биле на ТВ дуелот, се забележани во салата, без маски на лицето.

Службениот лекар др. Шон Конли, инаку морнарички командант, во првата реакција рекол дека, претседателот и неговата сопруга, во сегашната фаза од заразата се чувствуваат добро, за неговата возраст и телесна конституција. Трамп има 74 години, висок е 1,90 см. и тежок 110 кг. што го прави (медицински) со зголемена тежина, за неговата висина.

Возраста како хендикеп

Според возраста тој спаѓа во категоријата на „ризични пациенти“, за разлика од сопругата Меланија која со своите 50 години, може полесно да се справи со вирусот.

Никој засега не сака да шпекулира како ќе се одвива здравствената состојба на американскиот претседател.

Особено што возраста во која се наоѓа Трамп значи дека ризикот по животот е многу поголем отколку кај помладите заразени и заболени пациенти.

Луѓето на возраст меѓу 64 и 74 години, со Ковид, во САД, се соочуваат пет пати повеќе од другите со потребата од болничко лекување, како и 90 пати поверојатно да починат, наспроти заразените дваесетгодишници.

Според американскиот центар за заразни болести, осум од десет починати од Ковид во САД, биле постари од 65 години. Експертите на центарот укажуваат и на сознанието дека заразените со прекумерна тежина (оние кои се дебели), многу потешко се лекуваат од вирусот.

Кога станува збор за претседателот на САД, не се знае дали тој веќе има развиено и други симптоми што ги предизвикува вирусот.

Полемики со епидемиолозите

Веста дека Трамп е заразен, во американските медиуми веднаш предизвика бројни реакции околу неговите бројни, контроверзни изјави за коронавирусот и за пандемијата. Најмногу околу тоа дека од почетокот тој се противи на носење заштитни маски, не согласувајќи се тоа да биде мерка која би важела за цела Америка.

Некои сојузни држави, сепак, имаат воведено таква наредба, но претседателот даваше изјави во стилот- дека со маски на лицето вирусот нема да исчезне.

Во еден момент ја уверуваше јавноста дека вирусот ќе го снема и без вакцината, како што се повлекува и сезонскиот грип, а даваше и „лекарски совети“ за тоа како да се лечи Ковид, да се користат лекови против маларија и разни дезинфекциски препарати (!) иако потоа се оправдуваше дека само се шегувал. Но, впечаток е дека тој секогаш, практично, се расправаше на јавната сцена со епидемиолозите и здравствените експерти, како да не верува во она што тие му зборуваа.

Трет светски лидер – заразен од вирусот

Едно истражување што е направено во САД покажува дека медиумите и јавноста, токму него го означуваат како „најголемиот покренувач на дезинформации” за короната во светската јавност.

Доналд Трамп не е првиот светски политичар на функција, кој бил заразен со коронавирусот.

Пред него беа, британскиот премиер Борис Џонсон, кој долго, додека не заболе, се спротивставуваше на остри мерки против епидемијата и бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, кој тераше шеги со короната- означувајќи ја како „малку потежок грип“.

Досега во САД се регистрирани 7,2 милиони заразени и заболени лица. Над 200 илјади од нив се починати.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе