Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Мајк Помпео прв пат во Солун

Мајк Помпео прв пат во Солун

Солун е вториот по големина град во Грција, но од секогаш Салоника, како што е нарекуван во отоманското време, бил во сенката на Атина.

Еднаш, навистина, беше домаќин на Самит на ЕУ, а пред дваесетина години беше прогласен и за престолнина на европската култура, што, сепак, не беше доволно да ја поврати својата некогашна слава на центар, не само на грчкиот север, туку и на целиот балкански регион зад него.

И, тоа не само трговски и транспортно, туку и политички.

Колку грчката страна и да се трудеше, со голема помош на европските пари, по влегувањето во тогашната ЕЕЗ, да го ревитализира, успеа само да го претвори во модерен медитерански град, раширен сега и по околните ридови.

Како и да е, Солун не стана на „град на духови“, како што некои предвидуваа, но остана на „периферија“ на Европа, нешто налик на судбината што ја има доживеано и италијанскиот град Трст.

Изменети геостратешки прилики

И во случајот на Трст, некогашното централно пристаниште на поранешната Австро-унгарска империја, на крајниот север од Јадранот и кога станува збор за грчкиот Солун, на северот од Егејот, ситуацијата во Европа и во светот не им одеше во прилог.

Изменетите геостратешки прилики, новите позиционирања на големите играчи во меѓународните односи, оддалечувањето на САД од европските работи, како и раширувањето на ЕУ, со нејзиното ново место во светската политика, направија овие два града да останат по страна.

Изминатите денови, во ова време на изолација, пандемија и коронавирус, Солун (барем за момент) како да излезе од летаргијата што го притиска, па за него одново и по подолго време пишуваа светските агенции, иако во основа – на виделина – ништо големо не се случи.

Освен што во градот престојуваше американскиот државен секретар Мајк Помпео. Наместо во Атина, тој беше во Солун и излезе дека тоа е прва посета што еден секретар на Стејт департментот ја има направано на овој град во Грција.

Најважното во сето ова беше што престојот не беше туристички, туку исклучително работен.

Нова улога за северот на Грција

Не само кога станува збор за американско-грчката билатерала, туку и за поширокиот (балкански) регион во кој влегува и Република Северна Македонија, сега и како партнер и сојузник во НАТО.

Излезе дека Солун не е случајно избрана локација, затоа што грчкиот север, барем во неговиот источен дел, како и овој град, добиваат една сосема нова димензија и нова стратешка улога, во која се вклучуваат, како поблиските, така и подалечните соседни држави.

Помпео беше и домаќин на состанок на деловни луѓе од енергетскиот сектор- на кој учествуваше и македонска владина делегација, што беше и најважниот дел од целата посета.

На неа е разговарано за диверзификацијата на енергетските извори, како и за инфраструктурни проекти поврзани со ова прашање, што би биле на грчка територија, а на која би се приклучувале и други во регионот. Експерти велат дека станува збор за користењето (и) на течниот (американски) гас.

Македонската страна, преку изјава на премиерот Зоран Заев, на неодамнешен форум во Атина, соопшти дека сака да се вклучи во овој мега- проект што сега го туркаат Американците, прикажувајќи го и како инвестиционо навлегување на САД во регионот, во што од поодамна се немаат вклучено.

Регионален проект

Нешто околу тоа зборуваше и американскиот претседател Доналд Трамп, за време на потпишувањето на српско-косовската економска спогодба во Белата куќа.

Колку и таа да останува контроверзна и до крај неразјаснета за тоа – што всушност таму е договарано и договорено – важно за сите другите околу нив е дека во секоја изјава на американската страна, се инсистираше на економско поврзување на поширокиот регион, навестувајќи инвестиционо навлегување на САД и во таа прилика со споменување на диверзификација на енергетските извори.

За Косово тоа не е никаков проблем, но е сериозен предизвик за една Србија.

Оваа земја има специјални (и енергетски) врски со Русија, која во енергијата е српски стратешки партнер. Затоа, доколку навистина Белград во Вашингтон има преземено обврска за вклучување во проектот за течен гас, тоа станува силен предизвик за Србија, кога станува збор за реакцијата на Москва.

Во различна, но не и многу полесна ситуација, се става и Бугарија. Таа веќе е вклучена во проектот за течен гас, а во исто време претставува важен дел од гасоводот „јужен поток“ на Русија, од која енергетски е исклучително многу зависна. Најмногу од сите земји членки на ЕУ.

Енергетски зависници од Москва

Всушност, Помпео во Солун го покрена, (сега правејќи и поконкретни чекори), проектот за поголема енергетска независност. Тоа не се однесува само на Грција, каде тој беше во посета, туку и на сите другите во регионот.

Американската проценка е дека сега- оние кои се врзани, или се договорени да се врзуваат за рускиот гас- се претворени во енергетски зависници само од Русија. А, тоа не е повеќе само економско прашање, туку преку него станува и политичко, а заедно е и безбедносно.

Тоа значи дека првата посета на еден американски државен секретар на Солун е навестување дека Западот, во случајот Американците, се цврсто решени да го запрат и да го блокираат сместувањето на Русија, преку создавање зависници од нејзината енергија, во поширокиот југоисток на Европа и посебно во регионот на Балканот.

И уште порака до земјите во регионот, партнери и сојузници во НАТО, за тоа дека САД се подготвуваат за поголемо враќање на Балканот, овој пат – како што има речено Помпео – и за вложување во регионот што го имаат подзаборавено и тие, а и ЕУ.

Така, дозволија во него, преку разни мали, провинциски деспоти, лакоми за неограничена власт и за пари, да се сместат, влегувајќи на мала врата – и Русија, со нејзините стари, царистички, империјални амбиции, а и Кина, која преку овој регион е амбицирана да отвори, свој нов коридор за навлегување во Европа- сега веќе како голема сила.

Блокада за рускиот гас

Помпео за прв пат зборуваше за ова уште минатата година, кога во октомври 2019 беше во регионот, тогаш и во посета на Македонија (на разговорите со државниот врв во Охрид), од каде продолжи за Грција.

Практично, за само 11 месеци, еден државен секретар на Стејт департментот, на два пати е во регионот. И на два пати со иста порака – дека Европа/ЕУ не смее да стане зависна исклучиво од Русија, кога станува збор со гасот.

И уште нешто – двете посети на Грција во невообичаено кус период, кога станува збор за однесувањето на американската дипломатија, покажува дека Грција, а во случајот со енергијата, грчкиот север, добиваат нова, силна, стратешка позиција.

Како одбранбено-развојна позиција и со цврсто партнерство со САД во воените работи, Грција одново како да ја добива улогата што ја имаше во времето на „студената војна“- важна локација на безбедносен и на политички план. Таа улога во тој дел од Европа, долго време ја имаше само Турција, јкако членка на НАТО која во Алијансата ја има втората, најбројна армија.

Разместување над Егејот

Но, Анкара со Реџеп Таип Ердоган, во меѓувреме, се издигна во економска и воена регионална сила, која повеќе не ја интересира да биде дел од ЕУ.

Сега и е многу поважно да биде главен играч во регионот на Блискиот Исток, на муслиманскиот свет и на она што турската страна сака да го означува како „турска зона на интерес”.

Секако не е случајно што таа „зона“, се поклопува со добар дел од просторот на кој во минатото беше некогашната Отоманска Империја.

Американците, во секој случај, не сакаат – истакнување на улогата на Грција да резултира со криза во грчко-турските односи. Вашингтон од Солун повикаа да се изнајде мирно решение за последнатѕа криза во Источен Медитеран, околу потрагата по гасот на морското дно.

Факт е, меѓутоа, дека и ЕУ, а и САД, на неколкупати во изминатите години се соочија со турската нелојалност кон сојузничките обврски и со желбата на Анкара да се дејствува на своја рака. Така беше во Сирија, а нешто слично сега се случува и во Либија.

Впрочем, не е случајно што Мајк Помпео посетата на Грција ја заврши на Крит, во тамошната американска база која е наспроти источна Либија, откако САД веќе имаат договор со Грција за нејзиното модернизирање и зголемување.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе