Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Лукашенко тајно инаугуриран за претседател

Pavel Stasevich/BigStock.com

Лукашенко тајно инаугуриран за претседател

Александар Лукашенко (66) е инаугуриран во Минск, за претседател на Белорусија, по шести пат, едно по друго, на тајна церемонија, далеку од очите на домашната јавност и на граѓаните за кои тврди дека уште еднаш и мошне уверливо, му ја имаат дадено довербата за да предводи земјата.

Според државните медиуми и службената информација на државната информативна агенција, на инаугурацијата присуствувале „неколку стотина државни функционери на најразлично ниво“, но посматрачите на ситуацијата во оваа поранешна советска република, посочуваат дека церемонијата поминала во целосна тајност.

Минск под блокада

За прв пат немало телевизиски и радио пренос, а главниот белоруски град, посебно центарот на Минск бил како под опсада, целосно затворен и празен.

Сите внимателно одбрани „гости“ – за кои опозицијата тврди дека станува збор за личности кои се крајно лојални на режимот – биле донесени со специјални автобуси. На оваа церемонија не присуствувал ниту еден странски дипломат, а ниту еден од амбасадорите акредитирани во Белорусија не бил на инаугурацијата. Дури ни рускиот амбасадор во Минск.

Кога домашната јавност разбрала што се случило и дека претседателот добил нов мандат, зад грбот на своите граѓани, во време додека траат протестите со барање за негово повлекување и за нови избори, белоруската опозиција веднаш повикала да се излезе на улица, на протести, на што режимот одговорил со испраќање на специјалните сили кои во пресметката со демонстрантите употребиле солзавец и водени топови.

„Царот е гол“

Претставник на опозицијата, чие водство е побегнато, или насила протерано во странство, или пак е во затвор уште од пред изборите, има изјавено дека тајната инаугурација го покажува вистинскиот лик на диктаторот Лукашенко.

Луѓето носеле транспаренти и извикувале пароли дека „царот е конечно гол“, а опозицијата има соопштено дека сега веќе има и основа да се тврди дека тој нема никаков легитимитет како претседател, ниту пак легитимност да ја претставува, а уште помалку да ја води Белорусија.

Церемонијата за устоличување на последниот диктатор во Европа кој е на власт 26 години, била одржана после шестнеделните масовни протести, против официјалните резултати од изборите на 9 август. На нив, Лукашенко беше уште еднаш избран за претседател, а опозицијата инсистира дека изборните резултати се фалсификувани, а целиот изборен процес, уште од почетокот бил нефер и недемократски.

Фалсификувани избори

Според државната изборна комисија, старо-новиот претседател добил дури 80 отсто од гласовите, а дека неговиот противкандидат од опозицијата само десет отсто.

Набрзина определената кандидатка Светлана Тихановскаја која се пријави на изборите наместо нејзиниот сопруг кој е во затвор, тврди дека доколку имало чесно броење на гласовите на луѓето, опозицијата би победила и тоа уверливо, добивајќи меѓу 50 и 60 отсто од гласовите,

Таа веднаш побара нови избори, на што Лукашенко изјави дека поништувањето на изборите не доаѓа во предвид, а дека нови избори ќе има „само преку него мртов“.

Поддршка од војската и полицијата

Се верува дека власта се одржува само со поддршката што ја има од војската и од полициските сили и тајната служба КГБ, а од надвор, од Русија која за да може да се одржи на власт, на Лукашенко му одобри заем од 1,5 милијарди долари.

Тој го искористи тоа, за да уште пожестоко се нафрли врз голораките демонстранти, решен да го скрши отпорот, обвинувајќи го притоа Запад дека „сака да му ја земе Белорусија“.

Александар Лукашенко сега е лидер со најдолг стаж. По него следуваат Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган кој владеат во Русија и Турција по 20 години. Не се знае уште колку долго на власт ќе остане Белорусот, но се знае дека рускиот претседател може „законски“ да владее се до 2036 година.

(М.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе