Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Џонсон го „преработува“ својот Брегзит

Фото: Frederick Tubiermont/Unsplash

Џонсон го „преработува“ својот Брегзит

Спогодбата меѓу Велика Британија и ЕУ, за излегувањето на Британците од Унијата (Брегзит), која беше направена со владата на актуелниот премиер Борис Џонсон, а потоа ратификувана и од Парламентите во Лондон и Брисел, сега британската страна, на своја рака, реши да ја преработува, свесно притоа кршејќи еден меѓународен договор и прекршувајќи одредби од меѓународното право!

Тоа доаѓа од земја и од влада која толку многу инсистира на почитувањето на меѓународните договори и на правото и која најчесто им држи лекции на сите другите, доколку не се придржуваат на овие општо прифатени меѓународни норми.

Статусот на Северна Ирска

А, причина за оваа нова ситуација е (наводно) откриената „закана“ за британските интереси во спогодбата за Брегзит, што дури сега ја имаат утврдено истиот премиер и истите негови министри- во делот за Северна Ирска и за нејзиниот иден трговски статус, кога Британија ќе биде целосно надвор од ЕУ, но ќе имаат и договор за слободна трговија со Унијата.

Околу статусот на британската покраина на ирскиот остров, после Брегзит, се водеа долги и тешки расправии уште од самиот почеток на преговорите меѓу Лондон и Брисел за напуштање на ЕУ, само затоа што границата долга над 550 км, меѓу Северна Ирска (Британија) и Република Ирска (ЕУ), е единствената копнена граница меѓу Обединетото кралство и Унијата.

Но, и затоа, за да повторно не се воспоставува строга гранична линија меѓу двете ирски територии, со царинска контрола и со оцаринување на се она што влегува (и излегува) преку Северна Ирска во ЕУ, односно во Република Ирска, како земја на Унијата и членка на евро-зоната.

Пуч против Меј

Околу ова прашање и решението, што со Европејците еднаш го изнајде претходната влада во Лондон, на премиерот Тереза Меј, остро се спротивставија тврдите англиски ториевци, предводници на евроскептицизмот и на Брегзит.

Токму Џонсон и тоа негово друштво уверуваа дека решението на Меј што таа го потпиша е против британските државни интереси, нудејќи свое решение. И, тоа го употребија откако прво, предизвикаа владина криза, а потоа со партиски пуч ја тргнаа од функцијата Меј.

Сега, Џонсон е против и сопственото решение и против спогодбата со ЕУ која тој ја има потпишано.

Со сите сили брани изминатите денови брани еден свој нов лупинг во сагата наречена Брегзит – најавувајќи дека ќе поништува делови од спогодбата за Брегзит со ЕУ, затоа што постоечкото и ратификувано решение, на Лондон сега му изгледа дека ќе го загрозело британскиот интегритет.

„Граница“ на Ирско море

Користејќи ја одново тврдата популистичка реторика на сегашното водство на конзервативците (оние од Англија), Џонсон ги уверува своите пратеници и им се заканува на потенцијалните бунтовници во партијата, дека промената мора да се направи, затоа што „екстремното толкување на спогодбата, во иднина, би можело да ја загрози целовитоста на Британија”!

Односно, дека со промената ќе се „одбегнала заканата, ЕУ да наметнува блокади во Ирско Море“, кое и вака и онака станува море кое двете Ирски ги дели од Велика Британија, ако воопшто се постигне договорот со Брисел до крајот на сегашниот период на транзиција што истекува на 31 декември.

Порано за тоа беше определена т.н. „backstop” одредба, сега (би требало) на сила да е џонсоновата варијанта, вградена во договорот што тој го потпиша со Брисел, во кој Северна Ирска има посебен статус, затоа што преку нејзината територија, по посебен режим, ќе оди трансферот на сите стоки од ЕУ, како и од Британија, кон Република Ирска.

После девет месеци и во време кога се настојува да се постигне договор за слободна трговија меѓу Лондон и Брисел (за да двете страни останат на единствениот, заеднички пазар) – од Лондон најавуваат дека сето тоа не важи!

Гнев во Брисел

Сега Џонсон и неговото друштво нудат британски закон што практично го поништува договореното, потпишаното и ратификуваното, од пред крајот на 2019 година. Законот за внатрешен пазар што премиерот се обидува да го протури во Парламентот (има апсолутно мнозинство) и според признанието и на владата во Лондон ја крши постоечката спогодба за Брегзит.

Но, британската страна инсистира дека овој закон морало да се донесе- пред евентуалниот дил со Брисел за трговија. Овојпат Џонсон тврди дека со него ќе се „намалел надзорот на ЕУ врз трговијата меѓу Британија (која е надвор од ЕУ) и британската Северна Ирска“, која, кога се би одело како треба, од Нова година би требало да стане своевидна економска „тампон зона“ на ирскиот остров.

Брисел е гневен од ваквите игри на Лондон, посебно на премиерот Џонсон, па затоа бара од него да се откаже од законот, за кого Европската комисија тврди дека е во спротивност со напорите да се приближат разликите што се уште постојат меѓу ЕУ и Британија.

„Ултиматум“ до Џонсон

Во ЕУ, со право се лутат, затоа што тоа значи (ново) прекројување на на самата спогодба, но и дека сето тоа ја уништува и онаа мала доверба што е останата меѓу двете страни.

Блокот од 27 земји-членки веќе го предупреди Лондон дека доколку до крајот на септември законот не се повлече, Брисел ќе покрене правна битка, или едноставн0 – тужба против Британија и нејзиното кршење на еден меѓународен договор.

-Со еден ваков закон, Британија сериозно ја урива европската доверба кон оваа земја- рекол во Лондон потпретседателот на Европската комисија Марош Шефчович, по набрзана одржаната средба во Даунинг стрит 10, со британскиот министер Мајкл Гоув.

Како сега изгледа, меѓутоа, нема да има ништо од компромис околу законот, најмногу затоа што Џонсон врши силен притисок врз своите пратеници да останат лојални кон владата, што, пак, не остава никаков простор, премиерот да се откаже од она што го има наумено.

Сепак – тврд Брегзит?

Велика Британија излезе од политичката структура на ЕУ на 31 декември 2019 година. Од економската треба да излезе на 31 декември оваа година, на крајот од 11 месечниот период на транзиција во кој Лондон и Брисел би требало да постигнат договор за слободна трговија.

Ако тоа не се постигне Британија од ЕУ, сепак, ќе излезе со „тврд Брегзит“ – онака како што не сака мнозинството од Британците.

Изгледа и дека тоа е целта на Борис Џонсон кој од почетокот беше приврзаник на „тврд Брегзит“ – за да Британија не исплати отштета на ЕУ од 50 милијарди фунти, што инаку се договорени и со оваа британска влада.

Затоа и се отвора одново „северноирското прашање“ и божемното стравување дека спогодбата за Брегзит е закана за иднината на Обединетото кралство и затоа Британија јавно се срамоти пред светот – еднострано преправајќи меѓународна спогодба.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе