Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Ковид бунтовници

adamelnyk/BigStock.com

Ковид бунтовници

Се нарекуваат – „Ковид бунтовници“ и она што им е заедничко, било каде да се појават – низ Европа, Америка, и по светот – како и она што ги поврзува е – неверувањето во болеста Ковид, во коронавирусот и во пандемијата.

Овие „бунтовници“ не веруваат ниту во потребата од општа вакцинација за да се запре ширењето на епидемијата која е веќе распространета на сите континенти. Дури од сето тоа се создаде, а потоа и се рашири преку интернет „теорија“ за наводен заговор- за тоа дека заразата е раширена за да многу богатите создадат вакцина и од неа уште повеќе се збогатат.

Повремено се јавуваат на протести, на кои одбиваат да ги прифатат мерките што ги предлагаат епидемиолозите, а ги одобруваат политичарите, во секоја земја што, главно, се сведуваат на тоа дека треба да се носат маски на лицата (некаде и на отворено), да се води сметка за социјалното дистанцирање, како и да се одбегнува собирање во поголеми групи.

Неонацисти и анархисти

Друштвото на „бунтовниците“, меѓутоа, многу често е шарено.

Тие сите тргнуваат од тоа дека се спротивставуваат на „ограничувањето на нивните слободи“, зборуваат за „зачувување на тековините на демократските слободи“, но меѓу нив секаде и секогаш има и политика , со инфилтрирање на ултра-десничари, приврзенци на расизмот и популизмот. Многу често во ова друштво  ќе се најдат и разни групи на антиваксери кои немаат ниту храброст, а ниту сила да обезбедат масовност, па затоа се прикачуваат на оние кои заговараат некаква анти-санитетска анархија.

Неколку такви демонстрации имаше во Германија, каде како предводници ќе се пријават „Ковид бунтовниците“, а во прв план ќе избијат ултра-десничарите и нео-нацистите, како што тоа се случи на последниот таков протест во Берлин, кога нацистичките групи се обидоа дури и да го „освојуваат“ германскиот Рајхстаг (Парламентот).

Во Лондон, се одржа сличен таков протест во кој, исто така, се имаат вовлечено разните анархистички групи кои користат вакви ситуации за да го искажат своето уличарење, насилството и тепачките со полицијата.

И во британскиот главен град, демонстрантите се противеа на се уште присутните мерки за заштита од епидемија, иако таму нема задолжително носење маски на целата територија на земјата, но се инсистира на дистанцирањето и на несобирањето во поголем број, во затворени простории, вклучувајќи ги и домовите во кои луѓето живеат.

„Короната е лага“!

Протестот во Загреб, пак, беше означен не како демонстрација, туку како собир за „одбрана на демократијата и човековите права“. Насобраните, нешто над илјада лица, меѓу нив и дојденци од неколку градови во Далмација и од Истра, сепак, протестираа.

Носеа транспаренти против заштитните маски и тврдеа дека „короната е една голема лага“! Впрочем, загрепскиот протест беше организиран под еден заеднички слоган – тргнете ги маските, не гледајте телевизија и живејте нормално“.

Говорниците зборувале за наводната „непотребна паника што се создава“ и дека сето тоа околу пандемијата е „само обична пропаганда“.

На нивниот протест реагираа од Здружението на хрватските медицинари кои, пак, остро го осудија протестот, нарекувајќи го „срамен чин“ и директно насочен против јавното здравје. Од ова здружение уште порачале дека се користи зборот – слобода – само за залажување и за обмана на наивните граѓани, како и дека на целата јавност и се „продава обична демагогија“.

И, конечно, во Белград изгледаше дека протестираат против мерките за заштита од епидемијата, а излезе дека скромната по бројност, а опасна по изнесените пораки демонстрација, всушност, е насочена против вакцинирањето.

Не само против короната, туку и против вакцинирањето – вопшто.

Вакцина и политика

Предводник на протестот, за жал, била една белградска лекарка. Таа прво зборувала против тоа децата од белградските училишта да бидат користени за тестирање на една кинеска, анти-корона вакцина и  заканата дека децата ќе им бидат одземани (!?) на родителите ако не дозволат вакцинација. Но, понатаму станало јасно дека овој белградски протест е само демонстрација на тамошните антиваксери, на која се зборувало дека – „нема докази оти вакцините се безбедни“!

Споменатата лекарка, пред присутните, ја отворила одново теоријата за наводниот заговор, која се врзува за Бил Гејтс, за тоа дека се експериментира за да се „заработуваат милијарди долари“, но и дека вакцините „носат сериозни и несакани реакции“.

Во ваквите теории има многу политика, врзана и за српските политички збиднувања, во стилот – Американците и Западот се злото, кое се интересира само за пари и профит, додека кинеската, или руската вакцина се добра работа. Иако и двете земји,  настојуваат  од политички и од материјални причини, први да се појават на пазарот, без притоа да покажат доволно силна елаборација и експертиза – дека нивните вакцини се проверени.

Родителите собрани во Белград,  сепак, имаат порачано дека нема да им дозволат на своите децата да се вакцинираат. Тврдат дека тоа е нивно родителско право, што никој не може да им го одземе.

Цивилизациски напредок

Епидемиолозите, сепак, реагираат како луѓе од здравството, кои водат сметка за општото здравје. За нив, имунизацијата на населението е цивилизациски напредок. И околу тоа нема добра воља на некој родител, затоа што невакцинираните децв се закана за себе, но и закана за сите другите.

Приказните од интернет, за тоа дека вакцината имала и контраиндикации се ненаучни тврдења, кои стануваат опасни кога ги шират лекари.

Според здравствените експерти, секој лек, па дури и обичните аспирин, или парацетамолот носат со себе закана и за нив има предупредување како да се земаат и да се користат. Конечно, страшно е што се шири и натаму приказната дека оние кои произведуваат вакцини се како „монструми кои планираат да „убиваат луѓе“ за да заработат пари за профит!?

Како и да е, кога станува збор за откривањето на вакцина против коронавирусот, работите веќе со месеци се исполитизирани.

Тие тргнаа од САД, а потоа се префрлија на Русија и Кина, а во тоа се вклучени и лаборатории во Британија, Германија и Франција, па настана некаква (политичка) трка – кој тоа прв ќе го открие „чудотворниот лек“ за да се совлада вирусот кој како ниту еден досега. во последните 100 години не го има зафатено светот.

Во меѓувреме, годинава дури над 26 милиони луѓе досега се заразени со овој кинески вирус, а безмалку 900 илјади починати има на глобално ниво.

Традиционални методи

Во едни вакви услови, борбата со пандемијата останува и натаму првична работа, наспроти „Ковид бунтовниците“ кои ја користат таа и таква политизација на пандемијата, која згора на се, од истите тие политички причини- не може да се води фронтално, заеднички.

На тој начин, само им помага на разните демагози и популисти да измислуваат разни теории за заговори, користејќи ја и веќе создадената колективна потиштеност и депресија, во помал или во поголем обем, кај обичните луѓе, меѓу оние кои искрено веруваат во опасноста од вирусот, чие ширење трае повеќе од шест месеци.

Затоа, до откривањето на вакцина и лек за короната и болеста Ковид, лекарите ги нудат традиционалните методи за заштита од епидемијата. Маската и социјалното дистанцирање, како и изолацијата и карантинот.

„ Бунтовниците“, пак, повикуваат на масовен „бунт“ за да сите тие мерки се отфрлат- па нека се случува тоа што се случувало во минатото – тие кои ќе преживеат да раскажуваат како било. Но, тоа не е така.

Маските спасија милиони животи

Млечаните за одбрана од чумата, а за да продолжи да живее Венеција, богатиот и моќен град-држава на Јадранот, ги сместувале трговците на еден изолиран остров, во лагуната, 40 денови. Во карантин.

За време на големата чума во Лондон, 1665 година, исто така, бил користен методот на изолација на болните, одделени од здравите. Така, и се успеало да преживеат и Венеција и Лондон пред повеќе од 400 години.

Останува и сега да се почитуваат мерките, за кои епидемиолозите велат дека ако не беа во сила, милиони луѓе ќе беа починати – можеби како во Средниот век. И додаваат – ова не е ниту политичка, а ниту медицинска пропаганда, ниту празно заплашување.

Посебен апел и притисок сега се врши на младите, на генерацијата тинејџери и оние меѓу 20 и 25 години кои се главните жртви на сегашниот втор налет на вирусот и кои се оние кои најчесто ја рашируваат епидемијата – меѓу себе и меѓу своите најблиски, постарите членови на нивните семејства.

Српскиот епидемиолог Предраг Кон, за прв пат, открива во еден тамошен медиум дека младите меѓу 15 и 18 години- сега- најчесто се заразуваат, а потоа ја рашируваат пандемијата. Минимален е бројот на младите од оваа возраст со маски, а уште помалку може да се види дека ја почитуваат мерката за социјално дистанцирање.

Младите како закана

На тоа укажува и британскиот министер за здравство, Мат Хенкок. Третина од сите новозаразени (само во Англија) се млади на возраст меѓу 20 и 25 години, а бројките на новозаразени секојдневно се зголемуваат, иако Британија, засега, не е во ситуација, каква имаше пролетоска, ниту како што сега се случува во Франција, или во Шпанија.

И во Британија се укажува на потребата од итна промена во однесувањето на младите – новите заразувања се јавуваат како последица на поголеми собирања, на приватни забави и журки, како и на улични собирања, главно по парковите.

Од ваквите настани, редовно има новозаразени, предупредуваат британските експерти, повикувајќи ги и родителите да се погрижат за однесувањето на своите деца укажувајќи им на опасностите. Тоа е ситуација и проблем и овде во Македонија, а пред се, во Скопје, поради често неодговорното однесување на младите, што, очигледно, се толерира од нивните родители.

Британскиот министер Хенкок, затоа ги повикува младите во неговата земја, но тоа може да важи и за насекаде – да размислат – дали навистина сакаат да се заразат, да се разболат и да си го ризикуваат својот и животот на другите, со непочитувањето на мерките за заштита од вирусот.

Лекарите велат дека одговорот ќе може да го знаат за 14, а најмногу за 30 денови.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Едиторијал

Горе