Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Берлускони заразен со коронавирусот

Берлускони заразен со коронавирусот

Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони (83) е заразен со коронавирусот и веднаш е ставен во карантин, во неговата куќа во Милано. Само 24 часови подоцна, од кабинетот на Берлускони беше соопштено дека тој е итно префрлен во болница.

Во соопштението, меѓутоа, се вели дека немало причини за вознемиреност. Во снимена видео порака,  Берлускони изјавил дека продолжува да работи. Се вели дека посебно бил активен на политички план, како лидер на партијата Форца Италија, подготвувајќи се за локалните избори во Италија, предвидени за овој месец.

Во пораката зборувал дека се чувствува добро и дека „сега ги нема болките што ги чувствувал претходно“, пред да се префрли во болницата.

Средба со Бријаторе

За него се знае дека успеа да одбегне инфекција во текот на првиот бран од вирусот и силно распалената глобална пандемија, која оваа пролет, на почетокот, најтешко ја погоди токму Италија и посебно Ломбардија и пошироката околина на Милано, каде Берлускони живее и од каде ги раководи своите политички и бизнис операции.

Според признанието на неговиот кабинет, пред крајот на август, тој извршил тест (одново) за вирусот на кој се покажало дека не е заразен, но веднаш по тоа, „бил во друштво на лице кое се покажало дека е заболено од Ковид-19“.

Италијанските весници тврдат дека „лицето“ е италијанскиот бизнисмен и милијардер Флавио Бријаторе кој го посетил Берлускони на 25 август, а само ден потоа било утврдено дека кога отишол на средбата со поранешниот премиер, веќе бил заразен.

Агенцијата Анса, јавува дека поранешниот премиер бил примен во болница со воспаление на двете белодробни крила, што предизвикува отежнато дишење.

Четири пати премиер

Силвио Берлускони беше четири пати премиер на Италија и остана на таа функција девет години, што е рекорд за италијанската политичка сцена. Мораше да се повлече во 2011 година,  по силниот притисок што го предизвика тогашната силна економска и финансиска криза, започната уште во октомври 2008 година.

Во март се раздели од својата долгогодишна партнерка Франческа Паскале и веднаш потоа, стапи во врска, со млада жена која е 53 години помлада од него.

Во 2012 година, Берлускони беше на судење за тоа дека платил за врска со малолетна проститутка, за неговите забави „Бунга-бунга“, но беше ослободен затоа што судот утврди дека не знаел оти проститутката е помлада од 18 години.

На италијанската политичка сцена од поодамна не е во водечките политички сили, како некогаш. Форца Италија има подршка од само седум отсто, но во Италија тој се уште би можел да има важна улога – шетајќи еднаш на страната на ултра-десницата на Матео Салвини, а потоа, стоејќи на страната на актуелниот премиер Џузепе Конте.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе