Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Ѓукановиќ: Планот е Црна Гора да биде дел од „српскиот свет“

budastock/BigStock.com

Ѓукановиќ: Планот е Црна Гора да биде дел од „српскиот свет“

Актуелниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, лидер на Демократската партија на социјалистите (ДПС), која на изборите од 30 август доби најмногу гласови, но за прв пат, нема да може да создаде мнозинство, за да формира влада, го признава поразот.

Во интервју за „Њусмакс Адрија“ тој признава дека граѓаните се незадоволни што не се постигнати посакуваните резултати, посебно во делот на стандардот на населението. Но, смета дека причината за неуспехот на ДПС е во големите манипулации на Српската православна црква (СПЦ), како и на официјален Белград, поврзани со црногорскиот закон за слобода на вероисповеста.

Обвинување за српскиот претседател

„Откако е тој донесен, во декември, Србија, српскиот претседател и СПЦ, манифестираа проблематични намери кон Црна Гора, проследени со силна медиумска и политичка агресија врз нас, која се уште трае” рекол Ѓукановиќ. Според него, во Белград било оценето дека ова е „прилика за да одново се актуелизира и конечно се разреши српското прашање“.

Како креатор на ваквата политика, црногорскиот претседател го посочува директно Александар Вучиќ. За него вели дека е виновен што му даваше и му дава поддршка на големосрпскиот национализам, меѓу другото и комуницирајќи со неговите предводници и примајќи ги кај себе, во Белград, за кои уште вели дека тие ја имаат предизвикано кризата во Црна Гора и го имаат поделено општеството.

„Белград покажа дека одново се меша во внатрешните работи на други држави, како и тоа дека се меша за да се ревитализира политиката на големо-српскиот национализам во регионот. И едното, а и другото се опасни и погубни“ – оценува Ѓукановиќ.

„Пуштен духот на национализмот“

Тој потсетува дека како сведок на настаните од деведесеттите години на 20 век (во тогашна Југославија), видел што значи пуштањето на „духот на национализмот и на големо-српството“.

Тоа, како што вели, предизвика огромна и недопустлива омраза, предизвикувајќи трагична војна во која загинаа над 150 илјади луѓе.

За него, сегашното таргетирање на Црна Гора (од страна на Србија и тамошниот национализам), онака како што пред безмалку 30 години се третираше Хрватска, па потоа и Косово, претставува политика на неодговорност.

Затоа црногорскиот претседател вели дека официјалната политика на Белград беше промена на власта во Црна Гора, по секоја цена.

Молк на меѓународната заедница

„Нивната цел беше преку новата власт, да се создаде атмосфера во која нашата држава ќе стане дел од СРПСКИОТ СВЕТ во триаголникот што треба да го сочинуваат – Белград, Бања Лука и Подгорица“ рекол за „Њусмакс Адрија“, Мило Ѓукановиќ кој притоа, отворена им приговара на, како што вели, меѓународните центри, за нивната инертност.

Едноставно, црногорскиот претседател смета дека премолчувањето и нереагирањето на однесувањето на Белград (кон Подгорица), само за да се разреши прашањето околу српско-косовските односи, го има охрабрено Белград.

Според него, нереагирањето на меѓународните центри, во српскиот главен град било сфатено како премолчено одобрување на белградските ретроградни националистички намери – за (конечно) решавање на српското прашање во регионот.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе