Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

СПЦ и Белград го соборија Мило

Pav-Pro-Photography/BigStock.com

СПЦ и Белград го соборија Мило

На парламентарните избори во Црна Гора најмногу гласови и овој пат освои Демократската партија на социјалистите (ДПС) на претседателот Мило Ѓукановиќ, вкупно 35,06 отсто, додека опозицискиот (српски) блок, предводен од Демократскиот Фронт (ДФ), со привремениот, непартиски лидер Здравко Кривокапиќ, доби поддршка од 32,5 отсто од гласачите во оваа мала, поранешна ЈУ република, со само 620 илјади жители.

Ваквиот распоред на гласовите и на силите покажува дека партијата на „семоќниот“ Мило Ѓукановиќ, кој 30 години, како премиер, или како претседател, управува со Црна Гора, за прв пат, нема мнозинство во Парламентот во Подгорица, а тоа значи дека има доживеано пораз.

Тој останува (засега) и натаму претседател на државата, но факт е дека по изборите од 30 август, практично, е развластен.

Оставка или егзил?

Нема повеќе никаков авторитет во домашната политичка јавност, па е оставен да избира – дали достоинствено да поднесе оставка и да се повлече од политиката, или пак- како што порачуваат неговите противници, да оди во егзил.

Од ова друштво посочуваат дека има уште една варијанта во врска со неговата иднина – да остане во земјата и да создава раздор, но го предупредуваат дека тогаш ризикува да се најде на обвинителната клупа- како обвинет за „криминалите“ направени во текот на трите децении владеење.

На другата страна, опозицијата ја слави победата против Мило, како што го нарекуваат во црногорската јавност, најавувајќи формирање преодна влада, за следните две години, а како прво – повлекување на контроверзниот закон за религиските слободи. Се најавува и антикорупциски закон и план за тоа граѓаните да се изјаснуваат за клучните прашања за државата.

Поделбите остануваат

Кои би биле тие прашања, засега, не се знае. Но, Кривокапиќ нуди помирување на Црногорците, кои уште од времето на кралството Југославија, во кое кнежевството Црна Гора целосно ја има загубено својата независност, претопувајќи се во некаква „Голема Србија“, се делат на „бјелаши“ и на „зеленаши“.

На оние кои се сметаат себе си за Црногорци, со посебен национален идентитет и на оние кои тврдат дека „таква нација нема“ и дека Црногорците се „само етнички Срби“.

Мнозинството аналитичари, во првичните анализи на изборите, проценуваат дека поделбите во Црна Гора ќе останат – како оние политичките, така и сите другите, посебно поделбите околу националната посебност и припадноста кон црквата.

Ѓукановиќ инсистираше на посебноста на Црногорците, на нивниот посебен идентитет и на државничкиот континуитет на земјата, која уште во 1878 година (на Берлинскиот конгрес) има стекнато признание како посебна, суверена и независна држава.

Неговите расправии со официјален Белград, затоа, посебно отворени по неуспешниот пуч од октомври 2016 година, против Ѓукановиќ, изведен со помош на српската и руската тајна служба, се потпираа на тоа несогласување околу идентитетското прашање.

„Гревовите“ на Ѓукановиќ

Конечно, и законот за религиозните слободи беше направен за да се расчисти со Српската православна црква (СПЦ), предводник на големосрпската идеја во Црна Гора, но и во регионот, за која сега поразениот лидер на ДПС сметаше (и смета) дека е орудие на српската власт, преку кое Белград ќе може да ја има Подгорица под контрола и на тој начин- да управува со неа.

Така, или не, некои сметаат дека целата таа работа околу идентитетот и црквата биле „изнасилени“ само за да има основа Мило да владее со земјата, покривајќи ја силната корупција. Сепак, впечаток е дека токму – СПЦ, со силна (секаква) поддршка на Белград, успеаја на крајот да го соборат Ѓукановиќ.

Прво, затоа што во 2006 година се отцепи од тогашната квази „мини- Југославија“, творбата на самопрогласениот српски вожд, Слободан Милошевиќ, односно се раздели од Србија. Потоа, затоа што ја призна независноста на Косово, па влезе во НАТО, го затвори Јадранот за Србите (и за Русите) и ја пренасочи Црна Гора кон Западот и кон европските интеграции.

СПЦ е изборен победник

На тој начин, го навлече гневот и на Москва, која веќе се гледаше сместена на јужниот Јадран и на тој дел од Медитеранот, Сепак, овој пат, СПЦ го порази Ѓукановиќ, со своте наводно религиозни литии, со свештеници и демонстранти донесени од Србија, кои бежем протестираа против контроверзниот закон, а всушност, демонстрираа против власта, против Ѓукановиќ, заговарајаќи отворено негово сменување.

Без српското свештенство, без силната подземна, политичка работа на Српската црква, црногорската опозиција, немаше да може да го порази Мило.

Тоа го призна и самиот Кривокапиќ кој по соопштувањето на првичните изборни резултати, отиде прво во СП во Црна Гора, за да му баци рака на Амфилохије, првиот човек на српската црква во државата и веднаш најави отфрлање на инаку усвоениот религиозен закон.

Сето тоа, веднаш, покренува низа прашања околу тоа каде сега, по овие избори ќе оди Црна Гора.

Преодна влада

Факт е дека, ако Европа бара еден Александар Лукашенко по 25 години владеење да си замине. Кога е немоќна пред сознанието дека Владимир Путин може да владее уште 14 години, или да остане во Кремљ д0 2036 година, а во самата ЕУ, Виктор Орбан да владее автократски, тогаш, не може да се брани Мило Ѓукановиќ, после три децении на власт, да остане недопрен таму каде се наоѓа.

Меѓутоа, ситуацијата во оваа поранешна ЈУ република, иако мала по површина и население, може да предизвика големи турбуленции.

Прво дома кај себе, доколку новите се обидат да создадат криза и пресметка со досегашната власт, а потоа и во соседството и во поширокиот регион.

Некои белградски аналитичари сметаат дека Црна Гора ја чека голема неизвесност.

Ако ДПС инсистира на тоа да формира влада по секоја цена, сигурно е дека протестите ќе се зголемуваат. Особено што земјата се соочува со тешки економски проблеми.

За овие аналитичари, затоа, создавање преодна влада можеби е најдоброто решение, бидејќи ако изразито просрпскиот Демократски фронт (ДФ) води влада, спроведувајќи ја својата политика и идеологија, тогаш се можни многу посериозни потреси.

Закана од регионална криза

Некои независни аналитичари во Подгорица, пак, сметаат дека ДФ може да создаде и регионална криза ако тргне да го менува сегашниот надворешно- политички курс на земјата, што стои како можност и како закана.

Станува збор за чисто српска партија која е под силно влијание на претседателот на Република Србија и на официјален Белград.

На друга страна, во анти-Мило коалицијата има силни идеолошки разлики.

Додека ДФ е екстремно десничарска партија, силно клерикално определена, врзана за СПЦ, која се третира како единствена црква во Црна Гора, но и за Србија и сојуз со Русија. На друга страна е граѓанското движење УРА кое е прозападно определено, за членството на државата во НАТО и за влез во ЕУ.

Белград ја слави победата

Во следните две години, ако навистина функционира преодна влада, би можеле да се запрат ретроградните процеси во Црна Гора. Но, со ДФ како носител на власта, по тој период, се би било можно- сметаат некои независни црногорски аналитичари.

Тие веруваат дека Подгорица и без ДПС на власт, сепак, ќе остане во НАТО, ќе го продолжи европскиот пат и нема да го повлече признанието на независно Косово. Загрижува, меѓутоа, што Белград ја славеше победата на опозицијата, односно поразот на Мило, како своја победа. Некои велат дека се славело на улиците на српскиот главен град повесело и од победата на српската СНС партија на јунските избори во Србија.

Лидерот на ултра-десничарската српска партија Двери, Бошко Обрадовиќ побрза да изјави дека сега „постои можност, граѓаните на двете држави да се изјаснат за некаква НОВА формула за ЗАЕДНИЧКА ДРЖАВА“!

Многу малку се оние во Белград кои порачуваат дека „не треба да се пали атмосфера оти Србија има (одново) излез на море“.

Сервис-Скопје/Глобал

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе