Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Косовското прашање во Белата куќа

SeanPavonePhoto/BigStock.com

Косовското прашање во Белата куќа

На 3 и на 4 септември во Белата куќа во Вашингтон се одржуваат разговори меѓу претседателот на Република Србија и премиерот на Република Косово, во настојувањето (конечно) да се затвори косовското прашање, последното што го оптоварува Западниот Балкан – политички и безбедносно.

Средбата е во организација на американскиот дипломат Ричард Гренел, кој ја има улогата на специјален човек на претседателот Доналд Трамп за Косово. Таа требаше да се одржи уште минатиот месец, но беше откажана во последен момент.

Специфични услови

Причина за тоа беше соопштението на Специјалното обвинителство во Хаг дека за косовскиот претседател Хашим Тачи е подготвено обвинување за дејствувањето на сепаратистичката Ослободителна армија на Косово (ОВК) – во време на воените судирања со српските специјални и паравоени сили, до повлекувањето на сите српски воени и цивилни органи од таа, тогаш екс југословенска и српска покраина.

Тачи во меѓувреме објави дека поради ваквата ситуација, тој се повлекува од разговорите, што дотогаш ги водеше со српската страна, како претседател на Косово. Притоа тој соопшти дека без разлика дали против него ќе биде подигнато и формално обвинување за сторени воени злосторства, или не, тој на крајот на сегашниот мандат ќе се повлече целосно од политиката.

Како и да е, овие преговори се одвиваат во едни специфични услови за сите страни.

Во функција на изборите во САД?

Американците се на седумдесетина денови пред претседателските избори, за кои Трамп со сите сили настојува да обезбеди уште еден мандат, па за тоа, во овој цајтнот му е потребен било каков резултат на меѓународната сцена на која нема ништо постигнато, ако не се брои посредувањето во признавањето на Израел од страна на Обединетите Арапски Емирати. Некои американски аналитичари, затоа, проценуваат дека ова средба е сега свикана за да биде во функција на изборната кампања на Трамп.

Србија од друга страна, и натаму нема влада после изборите во јуни, иако владејачката партија СНС на српскиот претседател има обезбедено апсолутно мнозинство.

Никој не знае зошто е тоа така. Зошто нема определен мандатор за формирање влада, но тоа значи дека, надвор од Уставот на земјата, како и од овластувањата што ги има, тој на српската политичка сцена дејствува како единствена власт.

Косово, пак, е во безмалку слична ситуација, откако беше соборена владата што се создаде по тамошните парламентарни избори, со таа разлика, што сега без Тачи, во Приштина нема ниту еден политичар кој може да се нарече лидер и кој би можел да се „пазари“ со Белград.

Економија, или признавање

Специфични се и прашањата за кои треба да се расправа, или (можеби) само да се разговара, во Белата куќа. Според формалната агенда, тоа би требало, пред се, да бидат економските врски меѓу Приштина и Белград и економијата.

За косовската страна, меѓутоа, главното во разговорите е прашањето на меѓусебното признавање на Косово и на Србија, што Белград категорично (и натаму) го отфрла, обвинувајќи ја другата страна дека ја „подметнува“ оваа тема и дека ја „обнавива и ја манипулира јавноста“.

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, пак, во својот веќе препознатлив стил и на „својата“ телевизија Пинк ја извести српската јавност дека во Вашингтон „нема да биде лесно“, како и дека во Белата куќа „го чека изненадување“. Нема објаснување кое и какво е тоа изненадување, но затоа претседателот се согласил дека Трамп е добар, дека оваа администрација на САД е подобра од претходните (!?), но дека и оваа од Белград го бара истото- признавање на Косово.

Српскиот претседател, притоа, рекол дека „ако тоа се побара од нас“ тогаш и нема да има средба со американскиот претседател, која според агендата (ако е точно) би требало да се одржи на 4 септември, на крајот од формалните преговори.

И, во својот добро познат популистички стил, тој и порачува на јавноста во Србија дека – може да биде првиот (српски) претседател кому му е понудена билатерална средба со претседател на САД, но дека може да биде и првиот што тоа го одбил!

Апатија во Белград

Во секој случај, Вучиќ прифаќа дека Белград сега мора да ја плати цената за својата погрешна политика во минатото, во деведесеттите години на 20 век, како и тоа дека Србија нема своја анализа за тоа што таа има на Косово и што е тоа реално, што може да го добие.
Всушност, целата таа елаборација, сведена во монолог (познато е тоа во Скопје, од времето на режимот на избеганиот деспот) е за тоа дека – „да не се лажеме, ама во игра е само меѓусебното признавање на Србија и Косово“.

Во српската политичка јавност, впечаток е, како да владее целосна апатија и тон на таквата атмосфера дава српската длабоко разединета и дезориентирана опозиција.

Независни посматрачи проценуваат дека тоа се однесува како на домашните состојби, така и на европскиот пат и на косовското прашање. Според овие аналитичари, тоа што и после 2,5 месеци од изборите нема влада, само покажува дека Вучиќ смета дека не треба да има ниту влада, а ниту премиер, односно дека државата целосно функционира, раководена само од него.

Игри со Додик

Како стојат работите, сега, само тој единствено реагира на сите внатрешни прашања, па така се доаѓа до тоа, (се уште формалната) премиерка да изјави дека претседателот ќе одлучи кои ќе бидат министри во новата влада, што е против одредбите на Уставот.

За европскиот пат, на сите им е јасно дека без разрешување на прашањето со Косово (признавање во било каков облик) од влезот во ЕУ, нема да има ништо, а за тоа што ќе се направи со Косово, се му е оставено, одново, на Вучиќ.

А, тој зборува за потребата од стабилност во регионот, а во исто време го користи Милорад Додик за да и се заканува на БиХ и на Европа, со создавање нова криза во српското соседство- како да онаа со Црна Гора и со Хрватска не се доволни.

Конечно, српскиот претседател постојано зборува дека нема давање на Косово, а на домашната јавност знае да и рече – дали вие би живееле во Ѓаковица, на пример, доколку Косово остане – српско.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе