Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Србија се вооружува со кинески ракети

Србија се вооружува со кинески ракети

Србија, која досега се вооружуваше со руска воена опрема и оружје, па веќе има набавено руски борбени авиони и оклопни возила, најавува дека ќе го купи кинескиот ракетен систем К-3 за против-воздушна одбрана.

Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ тврди дека неговата земја „сака да купи кинески ракети, но дека засега ништо не е купено„објаснувајќи притоа дека станува збор за модерен ракетен систем за одбранбени потреби.

Домашни аналитичари и експерти за вооружување, меѓутоа, тврдат дека договор со Кинезите веќе бил постигнат.

Она што во Белград побудува интерес е прашањето – каде се Русите во сето тоа.

Русија, или Кина

Подолго време во српската јавност се создаде атмосфера дека Србија „сигурно купува руски ракети“ од типот Ф-300. Впрочем и руската државна агенција ТАСС од порано има најавено дека Москва и Белград за тоа се договориле, како и дека „Србија го има резервирано овој ракетен систем“.

Аналитичарте, затоа, сметаат дека Москва е (секако) погодена и понижена со ваквото свртување на Белград – со Русите да преговара, а со Кинезите да направи зделка.

Но, САД и ЕУ целата оваа приказна околу кинеските ракети ја гледаат од сосема друг агол.

За нив е загрижувачка забрзаната милитаризација на Србија, особено што сето тоа, колку и да се прави за домашни потреби, ги загрижува сите нејзини соседи. САД и ЕУ, освен тоа, не гледаат со одобрување на ваквата политика на оваа балканска земја, уште повеќе што тоа се прави со руско и кинеско оружје.

Иако се прифаќа дека одлуката за тоа од кого и од каде се набавува воена опрема е суверено право на секоја земја, навлегувањето на Кина на европскиот континент, сега и со оружје, наидува на остра осуда.

Кинески дронови

Особено што во јули, Србија има добиено шест кинески воени дронови од типот ЦХ-92-А. На тој начин, оваа земја во регионот на Западен Балкан, која има европски амбиции и тврди дека и натаму сака да биде членка на ЕУ, е првата на Стариот континент која има примено беспилотни летала од Кина.

На признанието на Белград за купување на кинески ракети, реагираше со соопштение амбасадата на САД во српскиот главен град.

Во него Србија се предупредува дека „треба да биде свесна за ризикот што го презема со купувањето оружје од кинеска компанија и се порачува дека изборот на снабдувачи за оружје и воена опрема, би требало да „ја одразува декларативната определеност за интеграција во ЕУ“.

„Секако, одлуката за купување воена техника е право на секоја земја, но Белград би требало да е свесен за ризикот што со себе го носи купувањето оружје од Кина“ – се вели во соопштението на американската амбасада.

Загриженост на САД

Веднаш по тоа, уследи и коментар на агенцијата Асошиетед Прес (АП) во кој се изразува загриженост на САД, на Западот и на српското соседство, од забрзаното вооружување на српската војска, посебно со оружје од Русија и сега и од Кина, како и од се поголемото политичко и економско влијание од овие две големи земји.

Според АП, на Балканот одново растат тензиите, па агенцијата потсетува дека станува збор за регион кој во деведесеттите години на 20 век беше зафатен со крвава и брутална граѓанска војна. Во 1999 година, НАТО интервенираше во Србија за да се запре крвавата пресметка на српската војска и на специјалните и паравоени сили на Слободан Милошевиќ против сепаратистичките единици на етничките Албанци на Косово.

Официјален Белград јавно уверува дека останува на европскиот пат и за влез во ЕУ. Има и отворен процес за преговори за членство, а се зборува дека се отворени 18 (од 35) поглавја за влез во Уијата (пред промената на методологијата за преговарање) но, до сега ниту едно не е затворено.

„Воена неутралност“

Останува како предуслов затворањето на косовското прашање, без кое сигурно е дека нема ништо од европските амбиции, ако тие навистина, постојат.

Во 2006 година Србија прогласи „воена неутралност“, но сепак, се приклучи кон програмата на НАТО- Партнерство за мир, од која Хрватска, Албанија и Република Северна Македонија, станаа полноправни членки на Алијансата.

Меѓутоа, актуелното српско раководство, кое агенцијата Асошиетед Прес го оквалификува како „популистичко“, води силна пропаганда против НАТО, иако сите околу Србија, освен БиХ, се веќе во Алијансата.

Никој околу државата нема агресивни намери кон Србија и кон српската територија, па затоа и останува дилемата – од кого тоа српската војска треба да се брани, или против кого ќе војува, во една ваква разместеност на силите во регионот. Освен што (изгледа) земјата се претвора во полигон преку кој Русија и Кина би можеле да атакуваат врз Европа/ЕУ.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе