Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Пандемијата го преуредува светот?

RobWilson/BigStock.com

Пандемијата го преуредува светот?

Новата мантра која изминативе месеци унисоно ја повторуваат бројни светски политичари, експерти, аналитичари, новинари, но и обични граѓани, а која катадневно е присутна во светските медиуми, независно дали во конкретниот случај станува збор за здравствениот, хуманитарниот, социјалниот, безбедносниот, политичкиот, културниот, спортскиот или некој друг аспект на живеењето, гласи: – „Ништо повеќе нема да биде исто, како што беше“.

Ваквата реакција е сосема разбирлива ако се имаат предвид разорните ефекти од пандемијата чиј крај сé уште не се наѕира, а чии последици, за жал, ќе се чувствуваат и во годините што ни претстојат.

Пандемијата на коронавирусот (КОВИД-19) инфицираше милиони лица. Таа е причина за смртта на стотици илјади и директно влијае врз благосостојбата на милијарди луѓе ширум светот.

Без глобален одговор

Пандемијата по сите свои карактеристики претставува транснационална закана за која е потребен глобален одговор.

Но, парадоксално, наместо јакнење на кооперативниот дух и координиран пристап од страна на меѓународните организации, регионалните иницијативи и националните влади, цврсто надвладеа индивидуалниот, националистички пристап во справувањето со бројните закани, разоткривајќи ги сите слабости на поставеноста и функционирањето на мултилатерализмот.

Притоа, во услови кога на глобално ниво преовладува климата на политичка поларизација и геополитичка конкуренција, бројните иницијативи и заложби за мултилатерален пристап (на синтетизиран начин артикулирани во пораката на генералниот секретар на ОН Гутереш – „Ќе минеме низ ова, заедно“), во овој случај, поминаа без никаков посериозен ефект.

Недостигот од глобално лидерство, без сомнение, придонесе последиците од КОВИД-19 да бидат во обем и тежина онакви какви што се денес.

Дисонантна ЕУ

Во годината во која Организацијата на обединетите нации слави 75 години од своето постоење, до израз дојдоа сите системски слабости во нејзиното функционирање, особено кога глобалните предизвици се од ваков карактер.

Дури и Светската здравствена организација (СЗО), како специјализирана агенција на ОН, надлежна за здравјето на луѓето на меѓународно ниво, мораше своите активности да ги лимитира.

Нејзината улога, главно се сведе на давање помош на државите во подготовките на (нивните) национални стратегиски планови за справување со кризата; потоа, во обезбедување на виталните средства, неопходни за лекарите кои се на првата линија на фронтот; обука и мобилизација на здравствените работници; како и во организирање широка потрага по вакцина во лабораториите ширум светот.

@drtedros

Ако системот на ОН и на другите мултилатерални организации, форуми и/или иницијативи (Г-7, Г-20, БРИКС, НАТО и слично) од „разбирливи“ причини не успеаја да се организираат и да генерираат глобален, или барем регионален колективен одговор на девастирачките ефекти од пандемијата, тогаш крајно несватлива е бавната и дисонантна реакција на Европската Унија.

Епидемијата и „Големата четворка“

За меѓународната јавност, а особено за европската, поразително делуваше отсуството на заемна солидарност и помош меѓу земјите-членки, дури и во периодот кога одделни држави ги преживуваа најтешките моменти во справувањето со пандемијата и кога повеќе стотици граѓани на одделни членки ја губеа битката за живот.

Накусо речено, темелните принципи на заедништво и солидарност врз кои долги години се градеше заедничкиот европски дом, преку ноќ, му отстапија простор на тесноградиот, националистички пристап карактеристичен за некои други времиња чиј лајтмотив беше – „Снајди се сам, како знаеш и умееш“.

Имајќи ги предвид сите димензии на кризата предизвика од корона вирусот, сосема разбирливо и очекувано е што ниту меѓународните односи, а пред сé, констелацијата во односите меѓу клучните меѓународни фактори (сместени во четириаголникот САД – Кина – Руската Федерација – Европска Унија) не останаа недопрени.

Дел од американските аналитичари говорат за тектонски промени, додека пак професорот Даниел Дрезднер, од Тафт Универзитетот во САД, ефектите ги споредува со „двомесечно цунами во меѓународните односи кое предизвика крај на хегемонијата на САД … Крај на глобализацијата … Старт на нова студена војна во која улогата на некогашниот СССР ја презема Кина…“.

Вината не е само во Ковид

Според други, како на пример соработниците на Советот за надворешни работи од Њујорк, Роберт Блеквил и Томас Рајт – сведоците сме на „крајот на светскиот поредок создаден по Втората светска војна . Или дека станува збор за „ втор голем тест за лидерската улога на САД по студената војна со СССР “.

Напоредно со тоа, не е мал бројот и на оние кои тврдат дека сме дојдени до точката кога се создава нов светски поредок и кога силите на непречениот процес на глобализација ќе им отстапат место на заштитничкиот национализам, односно кога националните држави ќе го зајакнат нивниот статус како најлегитимна политичка заедница.

Сепак, не намалувајќи ги ефектите од пандемијата на КОВИД–19 врз глобалните меѓународни односи, би било погрешно да се тврди дека актуелните состојби во односите и соработката меѓу четирите спомнати клучни актери, се резултат исклучиво на пандемијата.
Станува збор за подолготрајни процеси чии манифестации особено се засилени за време на четиригодишното владеење на актуелната американска администрација.

Дали создадените пукнатини ќе продолжат да се шират, или пак САД ќе се обидат со поинаков приод да ја одржат водечката улога во меѓународните односи, во многу ќе зависи од исходот на претстојните претседателски избори во САД.

Трамп или Бајден

shganti777/BigStock.com

Победата на Трамп, веројатно, би значела продолжување на „импулсивната и непредвидлива“ политика на САД, на политиката на изолационизам, протекционизам, недоверба во мултилатерализамот, користење на економската/финансиската моќ за наметнување решенија, јакнење на воената сила и тн.

Од друга страна, американските тинк-танкови, блиски на демократската опција сугерираат нешто сосема поинакво.

Тоа е создавање компетентно владеење во земјата кое ќе овозможи јакнење на меѓународното лидерство; ревитализација на северно-американската соработка; темелна реформа на начинот на делување со своите договорни сојузници и партнери; зголемени амбиции со Европа; зајакнати односи со Индија; инвестирање во меѓународните институции; условено ангажирање со Русија.

Демократската опција заговара и намалена инволвираност на Блискиот Исток; запирање на влошувањето на балансот на силите со Кина; натпреварување со Кина, но и издвојување од тој натпревар на транснационалните предизвици како што се климатските промени, пандемиите и меѓународниот тероризам; соработка со други земји така што обновата на националните економии ќе биде во согласност со одржувањето отворена и заемно корисна глобална економија.

Нарушена доверба

shganti777/BigStock.com

За нас од посебен интерес и важност е како во идниот период ќе функционираат односите на Европската Унија со Соединетите Американски Држави.

Факт е дека повеќе од седум децении партнерството помеѓу САД и Европа беше своевиден стожер на глобалниот политички и безбедносен поредок.

Иако прашањата што меѓусебно ги поврзуваат и натаму имаат далеку посилна тежина од оние што ги раздвојуваат, слободно можеме да констатираме дека евроатлантските односи денес го бележат најниското ниво од Втората светска војна до денес.

Сериозни европски дипломатски кругови коментираат дека довербата на Европа во САД е трајно нарушена.

Аргументите за таквото тврдење тие ги наоѓаат во отворената заложба на актуелната американска администрација за т.н. „тврд Брегзит“, потоа, во нескриеното политичко кокетирање со давање поддршка на евроскептичните влади во рамките на Унијата, па, во отворениот антагонизам кон мултилатерализмот, сериозните критики на сметка на НАТО, грубите напади врз Германија и особено кон нејзиниот актуелен државен врв, намалувањето на армискиот состав во Германија и слично.

Добрата околност за нас (за Република Северна Македонија и регионот) е тоа што во групата прашања околу кои до сега имаше поклопување на интересите и стојалиштата се наоѓаше и Западниот Балкан, но, тоа отсуствува кога станува збор за поблиска соработка и координација околу решавањето на косовското прашање, што особено се манифестира во последно време.

А, тоа може да биде индикатор за можните идни, дисонатни потези и во нашиот регион.

Удар и врз националните дипломатии

Негативните ефекти од пандемијата особено се видливи кога станува збор за активностите на националните дипломатии, вклучувајќи ја и македонската.

Најнапред, тоа се однесува на редефинирањето на приоритетите во нивните секојдневни активности кои во релативно кус рок се рефокусираа од традиционалните политички, економски и безбедносни теми кон оние поургнетните поврзани со ублажување на девастирачките ефекти од пандемијата, кон пружање адекватна заштита на сопствените граѓани во странство и кон нивно организирано враќање во земјата во услови на затворени граници и зголемени ризици од зараза со КОВИД-19.

Воведените ригорозни здравствени режими во многу ги ограничија и можностите за директна комуникација на дипломатите, како на билатерален план, така и во рамките на глобалните и регионалните меѓународни организации, форуми и иницијативи.

Како средство за делумно надминување на пречките се уште се користат дигиталните платформи, интернет апликациите за двострана и повеќестрана комуникација, телефонските апликации и слично.

На тој начин се организирани бројни билатерални контакти, како и состаноци во рамките на Обединетите Нации, ЕУ, ОБСЕ, Советот на Европа и на други меѓународни организации, како и на одделни регионални иницијативи (ЦЕИ, Јадранско-Јонската иницијатива и слично).

Сепак, ограничувањата се сериозни и во многу ги лимитираат секојдневните активности на дипломатите на билатерален и на мултилатерален план.

Огнен Малески
(Авторот е поранешен дипломат)
Текстот со извесни скратувања е пренесен од списанието „Предизвици“

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе