Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Обид на Русија за грабеж на вакцината против Ковид

Jean Colet/Unsplash

Обид на Русија за грабеж на вакцината против Ковид

Британското Национално биро за сајбер безбедност (НЦСЦ) соопшти дека руски хакери се обиделе да ја украдат вакцината против Ковид-19, како и истражувањата за лечење на оваа болест, како од академско-истражувачките, така и од фармацевстките институции и установи во светот!

Изјавата на британското Биро е дел од заедничката и координирана изјава на Велика Британија, на САД и Канада за еден ваков напад, што самиот за себе е  вчудоневидувачки, уште повеќе што доаѓа во време кога светот никако не може да го совлада коронавирусот и што се совпаѓа со забрзаното трагање на научниците во десетина земји за откривање на вакцина против оваа болест.

Cozy Bear и ГРУ

Во заедничката изјава се посочува дека хакерскиот напад треба да се поврзе со групата АПТ-29 , повеќе позната во тој свет како Cozy Bear. За оваа група се знае дека дејствува од територијата на Русија и дека е силно поврзана со руското разузнавање, посебно со тамошната воена тајна служба ГРУ која ги покрива сите вакви напади.

„Остро ги осудуваме сите вакви напади кои заслужуваат само презир, затоа што се прават врз оние кои работат на животно важната борба со вирусот и со пандемијата” –  има изјавено висок претставник на НЦСЦ.

Уште поостра е реакцијата на шефот на британскиот Форин Офис, Доминик Раб. Според него, апсолутно е неприфатливо и сегашната работа за совладување на пандемијата да стане цел на разузнавањето, на тајните служби на Русија.

„Додека некои на безобзирен начин настојуваат да ги постигнат своите себични интереси, Британија и нејзините сојузници, мачно работат за изнаоѓање на вакцина и за заштита на глобалното здравје” рекол британскиот министер за надворешни работи.

Лондон и другите сега настојуваат да се санкционира ваквата криминална активност.

Смртоносни софтвери

Според британското Биро за борба со сајбер нападите, нападите на групата АПТ-29 се упорни и постојани и хакерите користат разни инструменти  и техника – вклучувајќи измами со определена цел, или лажно претставување преку елекронската пошта, како и активирањето на смртоносни софтвери.

Безбедносни експерти веруваат дека овие хакери, поврзани со разузнавањето, секако, ќе ја продолжат оваа работа врз сите центри и врз сите организации кои се вклучени во потрагата по лек и вакцина против Ковид, за да дојдат до некаква дополнителна информација, поврзана за нивната истражувачка работа и за се она што ја опкружува сегашната глобална пандемија.

Британците и Американците во мај годинава веќе предупредија дека хакерски мрежи ги напаѓаат центрите кои се борат со пандемијата, но до сега тие напади не се врзуваа за Русија.

Во САД се верува дека токму хакерската група Cozy Bear, за која се тврди дека е врзана за руската ГРУ, го има извршено нападот врз штабот на американската Демократска партија, пред претседателските избори во 2016 година.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе