Поврзете се со нас

Skopje Global

Македонија

Исправена Македонија

Mauritius71/BigStock.com

Исправена Македонија

Еден бескрајно невкусен и одвратен рекламен спот, навредлив за инвалидизираните лица, но и за сите другите, на кој може да се види како луѓе одат свиткани во „кичмата“, или клекнати, шета по интернет во рамките на пропагандната кампања на националистичката, крајно десничарска вмровска партија во Македонија, за сегашните, предвремени парламентарни избори.

Целта и е да им се напакости на владејачката партија и на поранешниот премиер.

Но, овој спот треба и да ги натера македонските гласачи да се определат за националистите, да гласаат за „патриотите“, како што вмровците продолжуваат да се прикажуваат, а не за наводните „предавници“ кои, ете, „свиткале кичма“ пред Грците и наместо да крадат туѓи идентитети, туѓа историја и да мавтаат со туѓи знамиња, направиле договор со Атина.

Ваквата цел на идиотскиот спот треба да се врзе и за зависноста на вмровците од т.н. „егејски гласови“ без кои – и според признанието на луѓе од оваа партија – не може ништо да постигне.

Длабока фрустрација

Останува еднаш да се утврди кои се тие толку витални „егејски гласови“ и зашто без нив вмровците не ги бива.

Па, веројатно не се мисли дека навистина може да се ветува некаква „обединета, голема Македонија“, или дека вмровците на власт ќе решаваат во Грција (!?) некакви „отворени“ прашања, од приватен карактер, од после грчката граѓанска војна (1946-1949), што ја воделе меѓу себе тамошните монархисти и комунисти, на кои им се приклучиле делови од славомакедонската популација во северна Грција.

Ова покажува дека некои стари заблуди се уште им се продаваат на луѓето и за жал, се уште, има такви кои овие заблуди ги купуваат.

Но, како и да е, понудената рекламна порака на гласачите, со свитканиот рбет, останува како показател за примитивноста на оние кои го направиле спотот, а пред се, за примитивноста на оние кои го нарачале и го одобриле за прикажување.

Mеѓутоа, над се, овој спот ја открива длабоката и за иднината на државата, опасната ФРУСТРАЦИЈА на раководната структура и на водството на вмровската партија – како оваа овде, така и онаа во Будимпешта.

Лажна кампања

Затоа што на тоа не само што му има дадено виза на еден идиотски спот, туку е претворено во политичка платформа на партија која има амбиции да ја управуваа оваа земја, а човекот кој се потпишува како нејзин актуелен претседател, да стане и премиер на државата. Главнината на оваа порака е – „исправи се Македонијо“, или што ќе рече тој и неговото друштво, тие нема да свиткаат „кичми“ пред ништо и пред никого, нудејќи во исто време, без малку „мед и млеко“.

Сето тоа, делува невкусно, неточно и лажно, од едно друштво кое со својот побегнат газда, заеднички работејќи, направија од државата приватна фирма, ја заробија целосно, формирајќи една своја, нова „вмровска класа“ сместена во сите пори на општеството – во судството и полицијата, безбедноста и администрацијата, во здравството, во културата и образованието.

При што деспотот определува колкава да биде провизијата (процентот на поткупот) од зделките со „жутите“, колку мостови да има на Вардар, или каков да биде мебел штофот на седиштата на градските автобуси во Скопје, меѓу другото.

Интерес на „новата класа“

Меѓутоа, како и со патриотизмот, оваа нивна кампања е до небо – ЛАЖНА и таква каква е, ги прави и нивните гласачи и сите другите во Македонија – да се чувствуваат измамени и како недоветни да разберат што им пакува друштвото определено од избеганиот затвореник Н. Груевски .

Едноставно, им продава магла, затоа што и ништо друго не можат, откако истите овие луѓе, 11 години, во времето на режимот, немаат ништо направено, освен за себе, за своите блиски, за припадниците на својата „нова класа“ која забрзано ја имаат градено низ годините на деспотијата.

Во целата оваа работа, тоа друштво се преправа дека не го гледа она што е толку видливо, а тоа е дека МАКЕДОНИЈА Е ИСПРАВЕНА во изминатите 36 месеци – силно и како никогаш до сега.

Срамно е, затоа, тие да зборуваат дека ќе ја „исправат„ божем свитканата Македонија, дека ќе имало правда за сите подеднакво (!?) – што е навредливо за интелигенцијата на сите нас овде, во државата  кога се знае дека еден добар дел од истото друштво треба да одговара на суд, или барем темелно да биде испрашано и протресено од полициските и правосудните власти за она што го имаат направено во тие 11 години.

Кандидат за премиер, а не за пратеник

Зарем мислат дека јавноста има заборавено дека сите закони за правосудниот сектор останаа блокирани во Парламентот, од пратениците на избеганиот лидер – штитејќи го него и штитејќи се меѓу себе.

Или да ни продаваат пароли дека парите ќе биле рамноправно распределени, без да ни одговорат – дали тоа значи оти сите ќе имаме пари колку главниот финансиер на нивната изборна кампања. За него  велат дека поседува половина од државата, а тој сега си ја купува слободата – доколку вмровците би ја грабнале власта.

Конечно, оној што ја води (велат привремено) партијата во името на бегалецот е последниот што треба да зборува за искривена Македонија. Кога токму тој самиот е и тоа како добро ИСПРАВЕН.

Човекот, инаку, има страв да се кандидира за пратеник, но е „храбар“ за да биде кандидат за премиер (!) Важи за дете на тато, кое како што самиот се пофали, во една ТВ дебата, гради куќа за себе од половина милион евра. Веројатно, од својата висока професорска плата.

Тој е поранешен директор на ЕЛЕМ (поставен од избеганиот лидер), кој има добиено земјиште за изградба на мини централи. Не е тајна дека има акции (вложени пари) во десет такви објекти и конечно – (бегалецот од затвор) го има назначено за генерален секретар на вмровската партија.

Што ќе рече – како човек од најголема доверба на Н.Г.  За да му го чува местото, кога овој ќе се врати од Будимпешта, откако вмровската партија, доколку победи на изборите, преку своето „сваровски“ судство, ќе му ја поништи казната и политички ќе го рехабилитира.

Блокади на европскиот пат

Овој сегашен „кандидат за премиер“ беше на таа функција во време на обидот за ПУЧ во Македонија, па ако ништо друго треба да биде сослушуван за „ноќта на ножевите“ во Скопје (24 април 2017).

А, тоа е ноќта кога вмровците, со странска разузнавачка и друга помош, се обидоа да спречат тогашната опозиција да ја преземе власта, со легално обезбеденото парламентарно мнозинство.

Тоа е ноќта, кога беше правен обид да се убие тогашниот лидер на опозицијата, како и еден од политичарите на македонските Албанци, со навлегување на партиската толпа во зградата на Парламентот.

Подоцна, обидот за пуч се нарече „патриотизам на уставобранителите“.

Сега – еден од тие пучисти – е кандидат за пратеник во новиот парламентарен состав, како награда за она што го има направено, што само покажува како се уште се води вмровската партија.

И сега, еден човек со вакво лидерско педигре, продава „правда“ и „рамноправност“. Ни нуди „развој“ и „просперитет“ и сака да владее со земјата, иако во изминатите три години (со повеќе од половина година техничка влада) правеше се што можеше да се направи за да нема ниту правда за сите, ниту просперитет за сите.

Она што ова партиско друштво го правеше, беше настојувањето да се одржува Македонија – свиткана во кичмата – приземнета и целосно одделена од Европа. Со  постојаното блокирање на сите реформски закони кои доаѓаа во Парламентот, за да се спречи европскиот пат и влегувањето во НАТО и за да нема преговори за влез во ЕУ.

Исправена професорка

Уште еден така добро ИСПРАВЕН претендент за власт е и една комунистичка професорка која сега продава антикомунизам.

Оваа професорка за локална самоуправа, откако премина на страната на ултра-десницата, стана „експерт“ за уставно право и бранеше се она што се случуваше пред и после обидот за пуч.

Колку за потсетување – таа како уставно го прогласи НЕУСТАВНОТО ОДНЕСУВАЊЕ на екс претседателот на државата кој, пак,  правеше се граѓанинот Н.Г. да остане на власт, иако не можеше да обезбеди пратеничко мнозинство и да го сочува неговиот режим.

Професорката (како претседателски кандидат) уште еднаш покажа дека не го знае Уставот на земјата што сака да ја предводи, кога ги уверуваше гласачите од нејзината партија дека како шеф на државата – „веднаш ќе побара предвремени избори за да се тргнат комунистите“. Такво право претседателот нема, а тоа го знае секој просечен студент на Правниот факултет. Но, по жално за неа е продавањето на антикомунизмот, кога се знае дека од тој период од македонската историја таа се има максимално офајдено.

Моралот на оваа госпоѓа, очигледно, не е нејзината силна страна.

Меѓутоа, и таа, како и нејзиниот партиски шеф, сега заговара некакво исправање на „свитканата во кичмата“ Македонија, иако со своето шетање од партија во партија, од опција во опција, само покажува дека – никогаш и не ја сакала својата земја.

Исполнети стратешки цели

Како и да е, и во тешките услови за работа (откако изборните резултати во крајот на 2016 беа такви какви што беа) проевропската, реформска влада успеа да ја постави Македонија – ИСПРАВЕНА.

Сака тоа некој да признае, или не – тоа е така. На економско-социјален и на надворешно политички план.

Со воспоставена демократија, со слобода на медиумите и со вратени човекови права (нема апсење по улици со наместени камери и прислушување).

Вратена е довербата кон Република Северна Македонија во регионот и се воспоставени пријателски односи со сите соседи. И над се, решени се 30 години старите недоразбирања и спорови (за историјата) со Бугарија и посебно со Грција, кои изгледаа нерешливи.

Конечно, државата е во Европа- како членка во НАТО и со зелено светло за преговорите за членство во ЕУ. И, двете работи, уште од пред три децении означени како СТРАТЕШКА ЦЕЛ на државата, подржана од големо мнозинство од граѓаните.

Земјата има намалена невработеност, зголемена вработеност, зголемени социјалните примања, зголемена најниската плата, зголемен просекот на платите и на пензиите. Со стабилни економско-финансиски перформанси, што се вкупно придонесоа за зголемување на рејтингот на државата, за нејзиното излегување од изолационизмот, каде беше 11 години пред тоа.

Според тоа, наместо да се агитира за исправање на исправената Македонија, треба да се собере храброст, или да се свитка „кичма“, за да се признае до каде ова партиско друштво ја има однесено државата со своето деструктивно однесување.

Ако тие не можат, тогаш некои други во вмровската партија кои ќе покажат дека вистински ја сакаат Македонија.

Скопје/Глобал

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Македонија

Горе