Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Путин може да владее до 2036 година

shganti777/BigStock.com

Путин може да владее до 2036 година

Владимир Путин може да остане во Кремљ , како претседател на Русија, се до далечната 2036 година.

Така одлучија руските гласачи, на распишаниот референдум за уставните промени, меѓу кои се наоѓа и амандманот што го укинува досегашното ограничување на мандатот на шефот на државата – на два едно по друго мандати.

Според централната изборна комисија, за предложените уставни промени гласале 77,9 отсто од граѓаните, додека против се изјасниле 21,7 отсто од гласачите. Излезноста изнесувала 65 отсто, што се смета дека е изнасилена бројка и резултат на агитациите за да се гласа.

„Патриотски чин“

Во тоа се вклучи и самиот Путин кој гласањето на референдумот го има прикажано како „глас за иднината на земјата – за земјата во која живеат“, порачувајќи дека  излегувањето на гласачките места претставува своевиден патриотски чин.

Критичарите на владеењето на рускиот претседател , како и политичката опозиција обвинуваат за низа неправилности во гласањето, а најмногу за силниот притисок што е правен врз луѓето за да гласаат.

Посматрачи на независната руска агенција Голос имаат изјавено за западните медиуми дека излезноста е „набиена и нереална“ со единствена цел за да му се даде легитимитет на референдумот.

Тие, сепак, признаваат дека кога станува збор за некои региони на Русија – таа е таква, каква што е.

Во Чукотската област, оддалечена девет часа пред Москва, гласањето било брзо завршено и таму дури 90 отсто од луѓето биле за уставните промени. Проценка е дека насекаде во реонот на рускиот Далечен Исток, поддршката била над 70 отсто. Кога станува збор за Москва, таа се проценува на околу 65 отсто, додека во Санкт Петерсбург на околу 70 отсто.

Еднонеделно гласање

Само во автономната област Неницки, гласовите против уставните промени, биле повеќе од оние кои гласале за нив.

За прв пат, референдумот траеше една недела, иако како формален датум за неговото одржување останува 1 јули.

Одлуката референдумското изјаснување да се развлече на цела една недела се оправдува со силно раширената епидемија со коронавирусот, која во Русија и натаму бележи секојдневен раст од над осум илјади новозаразени – за да, како што се вели, немало премногу луѓе на гласачките места.

Но, опозицијата смета дека сето тоа било смислено за да се зголеми излезноста на гласачите.

Во секој случај, проценка е дека со референдумот Владимир Путин (67) си има обезбедено пат да стане доживотен претседател на Русија, што тој го демантира.

Пред референдумот, меѓутоа, изјави дека размислува одново да се кандидира на изборите во 2024 година (што уставните промени му го овозможуваат).

Две децении на власт

Во таа прилика има речено дека се уште се нема одлучено и дека до тогаш има доволно време за да размисли и да одлучи.

Путин владее со Русија уште од 2000 година, прво како премиер на тогашниот претседател Борис Елцин. Од тогаш тој беше на два пати претседател на државата, па еднаш во еден мандат премиер.

Сега, одново , во два мандата е шеф на државата. Амандманот на Уставот му овозможува од 2024 година тој уште во два, шестгодишни мандати да биде претседател.

Многу е веројатно дека тоа ќе се случи, па на крајот од 2036 година , Путин ќе има 83 години и секако ќе биде лидер кој најдолго престојувал на функцијата во Русија, од почетокот на 20 век. Веќе ги има надминато Ленин и Леонид Брежнев.

Му останува да го совлада уште 31 годишниот рекорд на диктаторот Сталин. Тој има владеено од 1922 година, кога бил избран за генерален секретар на КП, па се до смртта во март 1953 година.

(М.Р.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе