Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Белата куќа против Џон Болтон

Christopher Halloran/BigStock.com

Белата куќа против Џон Болтон

Белата куќа, американската администрација и претседателот Доналд Трамп, во граѓанска постапка, го тужат Џон Болтон, поранешен советник за национална безбедност на претседателот, во настојувањето да се спречи објавувањето на неговата книга-мемоари.

Според Трамп и Белата куќа, книгата на Болтон содржи „доверливи информации кои може да ја загрозат националната безбедност“, доколку мемоарите на поранешниот советник се појават во јавноста.

Тужбата е поднесена само 24 часови по јавното предупредување што го има направено претседателот, во понеделникот, на 15 јуни, дека доколку книгата, сепак, се појави ќе биде „прекршен законот“.

Мемоари со тајни информации?

Трамп кој уште во јануари го предуваше Болтон околу пишувањето на мемоарите, продолжува да тврди дека во книгата има тајни информации. Претседателот исто така инсистира дека не била завршена (нормалната) законска постапка која треба да се спроведе во ситуација кога книга, или мемоари пишува автор што порано бил владин функционер кој имал пристап до доверливи информации.

Главниот државе обвинител Вилијам Бар, инаку близок сојузник на претседателот, изјави за медиумите во Вашингтон дека Министерството за правда настојува да го натера Болтон, прво да ја заврши целата законска постапка, односно да ја исчисти од сите „тајни информации“, па дури потоа да ја објави книгата.

Мемоарите под наслов „The Room where it Happened – A White House Memoir” е најавено да се појави пред читаелите на 23 јуни, во издание на угледната издавачка куќа „Сајмон и Шустер“.

Самиот Болтон, меѓутоа, кој на некогаш најважната советничка позиција во Белата куќа и на американските претседатели, беше само 17 месеци, во книгата нема никакви државни тајни.

Тој уверува дека што се однесува до класифицираните материјали, пред печатењето на книгата, темелно ги има разгледано таквите места со специјалист за постапката на која се инсистираат и Белата куќа и Министерството за правда.

Инсајдерски погледи

Издавачката куќа, пак, во своето соопштение објаснува дека книгата дава „инсајдерски поглед“ на тоа како актуелниот претседател на САД ги има носено одлуките, во текот на својот сегашен мандат како шеф на државата.

Книгата објаснува како Трамп ги има решавано работите во врска со Кина и Русија, како и со Украина, Северна Кореја и Иран, но мемоарите содржат и делови за тоа како биле уредувани односите со Велика Британија, со Германија и со Франција.

„Станува збор за книга која Доналд Трамп не сака да биде прочитана“ – се вели во соопштението од „Сајмон и Шустер“.

Адвокатите на Болтон имаат изјавено дека сигурно ќе реагираат на граѓанската тужба на Белата куќа (и на Трамп), но разните организации за граѓански слободи и за слобода на изразувањето, инсистираат дека една ваква тужба никако не би смеело да помине- што ќе рече- книгата да биде блокирана, или да не се појави онака како што ја има напишано и подготвено за издавање авторот.

Медиумите и политичките аналитичари, од своја страна, сметаат дека она што мемоарите го содржат, практично, е обвинувањето на Конгресот на САД против претседателот, изнесени во постапката за импичмент.

Блокирано сведочење

Книгата зборува и за „случајот Зеленски“ во врска со контроверзниот телефонски разговор на Трамп со украинскиот претседател. Во него, како што се тврдеше во постапката, американскиот претседател го има условено Киев дека ќе ја добие одобрената воена помош од над 400 милиони долари, доколку украинските власти покренат анти-корупциска истрага против синот на поранешниот потпретседател на САД и против самиот Џо Бајден.

Сето ова сега добива на тежина, затоа што Бајден веќе не е само фаворит за демократски кандидат за претседателските избори, туку стана против кандидат на Трамп на тие избори.

Актуелниот претседател сите обвинувања во импичмент постапката ги отфрлаше како „политички мотивирани“ и како измислица, а таа негова одбрана ја прифати и Сенатот кој со мнозинство гласови (само на републиканските сенатори) го ослободи од обвинувањата.

Во таа постапка, демократските сенатори бараа како сведок да се појави и Болтон, но и тогаш Белата куќа, преку државното обвинителство и Министерството за правда, спречија поранешниот советник да сведочи. Обвинувањето на демократите беше дека со условувањето до Украинците, Трамп го има прекршено Уставот, затоа што во изборната кампања „има вовлечено странска земја и странски државник“.

Трамп барал помош и од Си Џипинг!

Американските медиуми, во ова меѓувреме, почнаа да објавуваат детали од книгата на Болтон. Најголемо внимание предизвика откритието на Болтон дека Трамп „барал од кинескиот претседател Си Џипинг да му помогне за да освои уште еден претседателски мандат“.

Помошта требало да биде на тој начин што Трамп сакал Кина да купува земјоделски производи од американските фармери! А, ваквата постапка на претседателот, во основа, е истоветна со случајот со Украина, за што беше покренат и воден импичментот.

Џон Болтон беше сменет од функцијата советник за национална безбдност, поради несогласувањата со претседателот околу низа надворешно-политичка прашања, од Авганстан до Иран.

Трамп тогаш изјави дека побарал од Болтон да си замине. Беше третиот што во кус период беше тргнат од таа функција, по Мајкл Флин, кој сега очекува да му биде изречена казната за лажно сведочење и попречување на правдата и по Мек Мастер.

Болтон како неоконзервативец идеолошки му е близок на Трамп, но беше изненадување кога претседателот токму него го назначи на советничката функција, во април 2018 година.

Најмногу затоа што како амбасадор на САД во ОН, во администрацијата на Џорџ Буш, силно ја бранеше американската интервенција во Ирак, а Трамп во предизборната кампања во 2016 година, зборуваше дека тоа било „голема грешка“.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе