Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Шведска: Познато е кој е атентаторот на Палме

Oiving, PALME Olof, May Day, Stockholm, early 70s, CC BY-SA 3.0

Шведска: Познато е кој е атентаторот на Палме

Шведското јавно обвинителство објави дека (конечно) „знае (и може да посочи) кој е човекот што го уби поранешниот премиер на Шведска, Улоф Палме“ во февруари 1986 година.

Како атентатор е прогласен Швеѓанецот Стиг Енгстром, кој во времето на убиството бил вработен во една осигурителна компанија во Стокхолм.

Енгстром, меѓутоа, има извршено самоубиство уште во 2000 година, па бидејќи осомничениот не е повеќе жив, не може да биде формално обвинет и потоа изведен на судење. Во такви услови шведското обвинителство ја извести домашната јавност дека нема што друго да направи освен да ја затвори истрагата која беше отворена повеќе од 34 години.

Убиство во центарот на Стокхолм

Премиерот Палме беше убиен во центарот на шведскиот главен град, додека доцна вечерта, на 28 февруари се враќал дома пеш, заедно со својата сопруга, од една кино сала, каде бил заедно со синот и неговата девојка.

Претходно ги ослободил од обврската луѓето задолжени за неговата лична безбедност и кога одејќи кон својата куќа се движел по главната улица во Стокхолм, од зад грб им се приближил човек кој испукал еден куршум во грбот на Палме.

Напаѓачот пукал со пиштол „Магнум-357“ кој полицијата никогаш не го има пронајдено, но оружјето било идентификувано по откриените чаури на местото на атентатот.

Експерти за оружје имаат изјавено во истрагата дека со такво моќно оружје, уште пукано од непосредна близина, не постоела никаква шанса премиерот да го преживее нападот, дури и да имал на себе „панцир-елек“.

Но, тоа ја натерало полицијата и целата истрага да почне да трага по напаѓач кој добро се разбира во оружје и кој знае како да убие, а потоа брзо и лесно да исчезне од местото на нападот.

Обвинителството уште од самиот почеток знаело за Енгстром како за остар критичар на политиката на Палме, но најважното за нив било дека тој во критичните моменти од убиството бил во непосредна близина на местото каде е убиен премиерот.

Веднаш бил посочен како осомничен, особено што било утврдено дека лажел за своето движење низ градот во ноќта на атентатот.

Сопругата како сведок

Описот што го имаат дадено десетици сведоци кои тие моменти биле на улиците од Стокхолм, одговара на Енгстром, иако имало и такви кои тврделе дека тој воопшто не бил во центарот на градот. Неговата сопруга го има опишано како „кукавица, неспособен било кого да убие“.

Сепак, бил повеќепати испрашуван во полицијата, но нејзините инспектори на крајот заклучиле дека тој „не е интересен за истрагата“.

Особено што полициската истрага, набргу се насочи кон еден друг осомничен, Кристер Петерсон, локален насилник, алкохоличар и наркоман.

Во 1989 година тој беше изведен на судење и прогласен за виновен, па осуден. Тој е и единствениот во сите овие скоро 3,5 децении кој се соочил со правдата. Полицијата и обвинителството го обвиниле Петересен откако сопругата на Палме, во улогата на сведок изјавила дека тој е убиецот на нејзиниот сопруг.

Пресудата, меѓутоа, била соборена во жалбената постапка, затоа што истрагата немала други докази против Петерсон, освен сведочењето на Лизбет Палме, затоа што не биле посочени други докази. Во 2оо4 година тој починал од природна смрт, како слободен човек.

Без цврста позиција за мотивот

Во текот на изминатите 34 години, полицијата има испрашувано над илјада лица. Повеќе од стотина се прогласени како сомнителни.

Во истрагата како „сомнителни“ биле посочувани и странски држави и странци и разни организации. Биле осомничени домашни ултра-десничари, како и поединци кои дејствувале како „осамени волци“, незадоволни и револтирани од разни причини.

Сега излегува дека виновникот е човекот кој од почетокот полицијата го испитувала и кого го има сметано како сомнителен.

Стиг Енгстром во ноќта на убиството бил до доцна во ноќта во својата канцеларија која е непосредно до местото на атентатот на премиерот, ја има излажано полицијата во истражната постапка, бил сосема блиску до локацијата каде е убиен Палме, имал финансиски проблеми и важел за алкохоличар. За обвинителството е важно тоа што тој бил обучен да ракува со разно оружје и непријателски расположен кон тогашниот премиер на Шведска.

Обвинителството, во секој случај, ниту сега нема цврста позиција за вистинскиот мотив Енгстром да пука во премиерот на државата и да го убие, на брутален начин, среде улица во центарот на Стокхолм. Неговиот син, сепак, има изјавено дека ја прифаќа одлуката на обвинителството, иако, како што рекол, жали што не е најдено оружјето и што нема ниту ДНК податоци.

Харизматски социјал-демократ

Сегашниот премиер Стефан Лофвен за локалните медиуми рекол дека отсуството на виновник за убиството на Палме во изминати 34 години, претставувало „отворена рана“ за сите Швеѓани која тој верува дека сега (конечно) ќе може полека да се залечи.

Улоф Палме (59) беше харизматски социјал-демократски политичар кој ја надгради политичката линија на неговиот политички „татко“, Таге Ерландер која им овозможи на социјал-демократите да управуваат со државата половина век.

Но, на домашната сцена беше во постојан судир со високиот бизнис и со бизнисмените воопшто, поради своите социјални реформи. Беше остар противник на нуклеарното вооружување. Остро го нападна тогашен СССР за воената интервенција во Чехословачка, но и САД за бомбардирањето на Северен Виетнам.

На локално ниво тој има предизвикано гнев во бизнис заедницата кога обелоденил дека најголемата шведска фирма за оружје „Бофорс“ дала поткуп во Индија за да ја добие големата зделка за продажба на шведско оружје на оваа земја, кога индиски премиер беше Раџив Ганди.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе