Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Подгорица и Белград (сега) се караат за туристите

toshket/BigStock.com

Подгорица и Белград (сега) се караат за туристите

Коронавирусот предизвика да се суспендираат црковните протестни литии низ улиците на црногорските градови, организирани од српската црква, а силно поддржувани од официјален Белград.

Иако од српската страна беа и се уште се прикажуваат како религиозни, во основа тие останаа само како орудие за силен политички притисок на Србија врз владата и власта во Црна Гора, па затоа и предизвикаа силни тензии во односите меѓу двете соседни земји.

Овие денови, коронавирусот предизвика да се обноват караниците и меѓусебните обвинувања, покажувајќи дека проблемите во црногорско-српските односи се многу подлабоки. Што ќе рече, законот за верските слободи, со кои се настојува српската црква (СПЦ) да се изедначи во позицијата со другите верски заедници во државата, низ попис на имотот на секоја од заедниците, е само обид на Белград да искористи едно внатрешно прашање за мешање на Србија во работите на една странска држава.

Отворање на границата

Овој пат, страстите се распалија околу изјавата на црногорскиот премиер Душко Марковиќ дека во рамките на постепеното отворање на државата по пандемијата и покренување на туризмот, владата планира да ја отвори границата за туристи од над десетина европски земји, во кои, меѓутоа, не беше вклучена и Србија.

Тоа веднаш предизвика гневна реакција на официјален Белград и започнување остра кампања против владата во Подгорица од страна на српските провладини медиуми.

Марковиќ ваквото решение го објаснува со, како што рекол, епидемиолошки причини и дека во тоа нема никаква политика. Тој вели дека владата (на предлог на епидемиолозите) се раководела според европскиот принцип – 25 или помалку заразени на 100 илјади жители на една земја – како критериум за да се дозволи слободен влез на гостите од тие држави. Србија, според овој критериум, не може да биде во тој прв пакет на потенцијални гости.

Без „чисти раце“

Но, Белград побрза тоа да го толкуваат како „напад врз Србија“ (!?). Белградските владини таблоиди почнаа (одново) да ја квалификуваат државата како „фашистичка и како расистичка“, објавувајќи при тоа написи кои, практично, значат повикување на расправии и шират омраза меѓу двата народа и двете земји.

Од своја страна, Белград и овој пат нема „чисти раце“, затоа што и онака подолго време води кампања против владата во Подгорица.

Според подгоричките медиуми, во една прилика, на пример, претседателот на Република Србија Александар Вучиќ има изјавено дека Црна Гора „ги лажира податоците за бројот на инфицираните со корона, за да може да привлече повеќе туристи“! После изјавата од Подгорица, Ана Брнабиќ, премиер на Србија одлуката на црногорската влада побрза да ја протолкува како доказ дека „српските граѓани сега може да видат дека НИЕ не сме пожелни во Црна Гора“!

Таа порача и дека Белград нема да воведува никакви реципрочни мерки, но само 24 часови подоцна, беше објавено дека црногорската авионска компанија „Монтенегро Ерлајнс“ нема да добие дозвола да слетува на белградскиот аеродром.

Грција пред Црна Гора

Во Подгорица реагираа дека тоа е само „вратка„и тврдат дека во белградската политичка и медиумска јавност е покрената вистинска хајка против нивната држава, која само се надоврзува на сето она што се случува во изминатите години.

Некои независни аналитичари во Белград забележуваат дека сегашната расправија преку границата ја потврдува констатацијата дека Белград, навистина, води медиумска кампања против Црна Гора, тврдејќи дека „српските туристи (таму) не ги сакаат“, дека наводно им се закануваат ако таму летуваат. А, всушност, одамна е познато оти туристите од Србија ги сметаат Грција и нејзиниот северен брег за своја најомилена туристичка дестинација – кога станува збор за соседството.

Ваквата ситуација потекнува уште од времето кога Црна Гора се раздели – отцепи од Србија и прогласи независност, предизвикувајќи шок во Белград.

Проблемите значително се зголемија по неуспешниот обид за пуч во Црна Гора, во октомври 2016 година, кога владата во Подгорица ги обвини Србија и Русија за вмешаност во пучот. Сето тоа се случување во времето кога Подгорица направи пресврт во својата геополитичка определеност – свртувајќи се кон ЕУ и НАТО, како и кон Западот, наместо кон Истокот, како што тоа го очекуваше и во што веруваше Русија.

Продлабочување на кризата

Се уште траат процесите против црногорските државјани обвинети дека биле дел од пучистичкиот план. Во меѓувреме, над една година двете земји се силно судрени околу т.н. „верски закон”.

Српската црква и власта во Белград тврдат дека тоа е „анти-српски закон“. Во Подгорица, пак, инсистираат оти зад однесувањето на СПЦ се крие „великосрпската политика“ кон Црна Гора, што ќе рече дека таа „била и останува српска земја“ а дека Црногорците како посебен народ не постојат.

Ваквата атмосфера само придонесува за натамошно продлабочување на кризата во односите меѓу Црногорците и локалната српска етничка заедница.

Затоа и градоначалникот на Херцег-нови, избран од редовите на просрпската, анти ЕУ/НАТО партија, која заговара блискост со Белград и со Москва, повика Србите да ја игнорираат одлуката на владата во Подгорица и да дојдат да летуваат – во овој приморски град.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе