Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Во Грција на одмор – со тест и надзор!?

Miniloc/BigStock.com

Во Грција на одмор – со тест и надзор!?

Грција навестува дека би можело да ја отвори годинешнава туристичка сезона од 1 јули – изјавил за Си-Ен-Ен грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

„Ние работиме на тоа и се надеваме, во најдобар случај, тоа и да го постигнеме во следните педесетина-шеесетина денови“ – рекол грчкиот премиер.

Според неговото толкување, владата и домашните туристички работници веруваат дека оваа сезона и покрај се, би можела многу и да не се разликува од претходните, но за тоа премиерот, сепак, поставува некои предуслови. А тоа е, туристите да бидат тестирани на коронавирусот и да имаат надзор (лекарски).

Засега, не е јасно каде треба да се обезбеди (и плати) тестот и посебно – не е јасно што е тоа со лекарскиот надзор.

Олабавување на карантинот

Според сегашните услови, патниците кои доаѓаат во Грција, уште на аеродромот се тестираат и веднаш одат во карантин. Таму остануваат додека не бидат познати резултатите од тестот. И ако е тој негативен, патникот-намерник мора да остане следните две недели во самоизолација.

Грција рано, уште во првиот налет на коронавирусот врз Европа и ударот во Италија, ги има регистрирано првите случаи на пандемијата. Но, по тоа, оваа земја со над 10 милиони жители остана далеку зад бројот на заболените во Србија, Хрватска и Словенија, на пример кои се помали од неа. Според последните официјални податоци, во земјата има 146 мртви и околу 2700 инфицирани лица.

Од 4 мај, во земјата се почна со постепено олабавување на строгите мерки на карантин кои траат 42 денови. Луѓето сега ќе можат да излегуваат од своите домови без да мораат да испраќаат пораки и да чекаат властите да им дозволат за престој на отворено. Полека се отвораат и некои бизниси, а определени фирми почнуваат да работат, што би требало да биде знак за постепеното заживување на домашната економија.

Со лекар на одмор?

Туризмот е мошне важна стопанска гранка за Грција. Меѓу 20 и 25 отсто од домашниот Бруто национален производ (БНП) се остварува од туризмот, но најавите на грчкиот премиер за тоа како се замислува годинешнава туристичка сезона предизвикуваат разни контроверзи.

Не е познато дали до 1 јули ќе се укине обврската за карантин и изолација, за што веројатно се чека на т.н. „корона пасош“ за кои се размислува во целата ЕУ. Освен тоа  има нејаснотии и околу надзорот од лекар, до цинични коментари за тоа дали гостите ќе треба да си носат лекар со себе, или да си обезбедат (и платат) лекар во текот на престојот во Грција, доколку сакаат да се одмараат на Егејскиот, или на Јонскиот брег.

И, најважната дилема – дали под вакви услови некој, воопшто, би сакал да тргне на летување, надвор од својата земја.

(Г.А.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе