Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Сопругата на Трудо излечена од Ковид-19

Presidencia de la República Mexicana (https://commons.wikimedia.org/wiki/File:Sophie_Gregoire_2017.jpg), „Sophie Gregoire 2017“, https://creativecommons.org/licenses/by/2.0/legalcode

Сопругата на Трудо излечена од Ковид-19

Сопругата на канадскиот премиер Џастин Трудо е излекувана од Ковид-19 – соопштено е од канцеларијата на претседателот на владата. Сопругата Софи Грегори беше заразена од коронавирусот на 12 март, кога добила зголемена температура и кашлала, откако се вратила од Лондон, каде учествувала во работата на една меѓународна конференција.

Заразата што била во полесна форма, првата дама на Канада ја има „фатено“ додека престојувала во Британија, во време кога владата во Лондон се уште не преземаше никакви мерки за заштита од вирусот, иако Европа веќе војуваше со него.

Поради заразената сопруга, во самоизолацијa до нејзиното излекување, мораше да останат и канадскиот премиер, како и нивните три деца. Тие биле исто така тестирани, но кај нив не бил откриен вирусот. Во соопштението на Трудо до канадската јавност, се вели дека и покрај излекувањето на сопругата тој и натаму ќе остане во изолација и ќе продолжи да ја предводи владата, како и досега, од дома.

Ваквата одлука на премиерот доаѓа откако ситуацијата со глобалната пандемија во Канада останува неизвесна за тоа како натаму ќе се развива.

Земјата има долга граница со САД, која досега беше широко отворена, а тоа, во сегашните услови во соседната држава, каде коронавирусот се шири со голема брзина, претставува закана за земјата. Веќе 140 илјади Американци се заразени, а без малку 2500 се починати, што ги плаши канадските власти, па тие преземаат опсежни мерки за да се заштитат.

Провинцијата Онтарио, која е најнаселена во Канада, прва донесе одлука за ограничување на собирањето на луѓето на јавни места на само пет, наместо досегашната можност до 50 лица. Таму се ограничува и бројот на луѓето кои може да присуствуваат на погреб- на само до десет лица, а како и во Европа, од Канаѓаните се бара да одржуваат меѓусебно физичко дистанцирање, не приближувајќи се на помалку од два метри.

Франкофонската провинција Квебек, пак, од понеделник (30 април) целата е со контролни пунктови (чек-поинтс) на излезно-влезните патишта во оваа провинција, не дозволувајќи влез на оние кои таму не живеат.

Во цела Канада, држава која по површина е поголема од европскиот континент, бројот на регистрираните заразени со коронавирусот до сега изнесува 6300 лица. Починати се 63, што е неспоредливо ниска бројка наспроти она што се случува во САД, но и во Европа.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе