Поврзете се со нас

Skopje Global

© Скопје/Глобал Сервис

Корона паника во Австралија

Австралиската полиција морала да интервенира во еден супермаркет, за да спречи поголема тепачка на повеќе жени, откако две од нив, се степале, грабајќи се за ролни од тоалет хартија. Расправијата започнала и дошло до тепање околу тоа која да ги земе последните преостанати пакети.

Инцидентот кој доби голем публицитет во австралиската јавност, но и со посредство на интернетот и низ светот, се случил во една од приградските населби во Сиднеј. Луѓето од супермаркетот повикале полиција кога се исплашиле дека тепачката може да добие поголеми размери.

Тепачка за тоалет хартија!

Во тепачката учествувале една 23 годишна и една 60 годишна жена. Нема информација која го извлекла подебелиот крај и која ги земала ролните тоалетна хартија, но двете биле приведени во полиција, а бидејќи интервенирале полицајците и двете се обвинети и предадени на суд.

Ваквиот необичен инцидент е последица на големата паника што во Австралија ја има предизвикано епидемијата со коронавирусот.

Во оваа голема земја-континент размерите на епидемијата се неспоредливо помали од оние во другите земји, посебно во Азија, Европа и Блискиот Исток, затоа што досега се регистрирани околу 65 заболени пациенти и има тројца починати.

Еден 82 годишен маж кој живеел во старечки дом во Сиднеј, друг 78 годишен Австралиец кој претходно бил евакуиран од со вирусот зафатениот брод-крузер „Дајамонд Принцес“ во Јапонија.

Човекот починал во болница во Перт, на западот од Австралија, а третата жртва на вирусот е една 95 годишна жена од Сиднеј, додека се лекувала во една локална болница.

Залихи од храна и лекови

И покрај ваквата состојба со вирусот, во домашната јавност е раширена голема паника, па луѓето се свртуваат кон самоизолација, криејќи се во своите домови и складирајќи храна и тоалетна хартија.

Полиците во голем број австралиски самопослуги и супермаркети се буквално „соголени“ од „ордите“ потрошувачи кои прават големи резерви во своите ладилници во домовите. Се купува секаков вид конзервирана храна, потоа замрзната, како и замрзнато овошје и зеленчук, потоа секакви препарати за хигиена и за чистење на становите и над се, многу тоалетна хартија.

Работите се дојдени до таму што некои самопослуги не дозволуваат да се купи повеќе од едно пакување ваква хартија, по човек.

Главниот шеф на полицијата во Нов Јужен Велс, каде припаѓа и Сиднеј, ги повикал луѓето „да се воздржат од панично купување“, порачувајќи им дека ниту доаѓа крајот на светот, ниту надоаѓа силен тајфун, а ниту Лудиот Макс (еден култен австралиски филм, од пред 30 години), за да луѓето се однесуваат онака како што се однесуваат, панично празнејќи ги продавниците и трошејќи пари.

Виновни лекарите?

Паниката, сепак, останува и натаму, а побарувачката на тоалетна хартија е голема како никогаш до сега во австралиската пракса.

Некои од Австралијанците, за ваквата ситуација ги обвинуваат дел од лекарите кои им порачуваат на луѓето дека најдобар начин да се заштитат од вирусот е да се самоизолираат во домашен карантин. Советот бил- направете резерви храна и обезбедите доволно лекови за две недели и останете со своите домови!

Луѓето тоа толку буквално го имаат сфатено и прифатено, па сега талкаат низ големите австралиски градови настојувајќи да се снабдат со што е можно повеќе храна и домашни потреби.

Во Бризбен на истокот од земјата, голем број луѓе изминатиот викенд останале дома, а со храна се снабдувале нарачувајќи преку интернет, додека рестораните можеле да издржат да примаат нарачки.

Големи штети за бизнисот

Бизнисот во земјата, меѓутоа, стравува од подолготрајни последици од вирусот и паничната реакција на австралиската држава.

Забранети се меѓународни патувања уште од пред еден месец. Сите кои службено биле во Кина не може да се вратат на работа, иако се во Австралија, во следните 14 денови. Универзитетите кои (материјално) многу зависат од кинеските студенти, стравуваат дека ќе претрпат големи загуби, затоа што од пред еден месец е забранет влезот на државјани од Кина, Јужна Кореја и Иран.

Големи загуби ќе има и целиот туризам, затоа што драстично е намалено патувањето од Азија, но и од другите делови во светот, како и вкупниот бизнис кој е блокиран од бројните забрани за да не се рашири коронавирусот во Австралија.

(Г.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе