Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Почина Хосни Мубарак

Homeros/BigStock.com

Почина Хосни Мубарак

Поранешниот претседател на Египет Хосни Мубарак (92) кои 30 години управуваше со оваа арапска држава, почина во една болница во Каиро, откако врз него била извршена една хирушка интервенција.

На власт дојде во 1981 година, веднаш по атентатот врз тогашниот претседател Анвар ел Садат, убиен од милитантната исламистичка организација Муслиманско братство, кое се противеше на договорот за мир што Садат го постигна со Израел и признавањето на израелската држава.

Мубарак кој беше потпретседател на државата и седеше до убиениот Садат на парадата на која беше извршен атентатот, среќно остана жив. Веднаш по тоа, беше именуван за наследник на убиениот претседател, покажувајќи и храброст и умешност за водење на државата во тие тешки моменти.

Тој продолжи да одржува добрососедски односи со Израел и со вешта политика, подржуван од Западот, не само што спречи изолација на државата, како што му предвидуваа сите други муслимански земји, туку успеа да го направи Египет да стане предводник на арапскиот свет.

Продолжи да војува со сите средства против исламскиот екстремизам и тероризмот, особено по тешкиот инцидент во Луксор, кога исламистите брутално убија повеќе десетици странски туристи, но на крајот успеа да обезбеди внатрешна стабилност во земјата, што го направи популарен кај Египќаните.

Долгото владеење предизвика Мубарак, од херој и спасител на Египет, да се претвори во автократ и да биде обвинуван за диктатура.

За да владее мирно, тој дозволи да се рашири корупција од големи размери, што се повеќе го зголемуваше револтот кај посиромашните слоеви во општеството кои му се свртеа на исламизмот.

Под притисок на масовните протести во Каиро, Мубарак во 2011 година се повлече од функцијата. На првите избори потоа, победија исламистите и претседател стана Мохамед Морси кој веднаш почна со исламизација на до тогаш секуларниот Египет, предизвикувајќи сега револт на секуларистите.

Мубарак беше уапсен и во 2015 година осуден на пет години затвор.

По тргањето на исламистите од власт, новиот шеф на државата Абдел Фатах ал Сиси овозможи ново судење на поранешниот шеф на државата, веќе сериозно заболен, на кое сите претходни обвинувања беа тргнати, па Хосини Мубарак беше ослободен.

Лондон го прикривал сексуалното насилство врз деца

Британските политичари со децении на ред го толерирале и го прикривале сексуалното насилство врз деца – покажуваат првите сознанија од една обемна и независна истрага чии резултати се појавија во јавноста.

Истрагата се однесува на периодот меѓу шеесеттите и деведесеттите години на 20 век и таа открила низа пропусти на државните институции и на Парламентот на Британија, на тој начин што не реагирале како што требало на јавните предупредувања дека постои сексуално насилство врз малолетни деца.

Станува збор за тоа дека, практично, сите британски власти во тие години, едноставно, не сакале да признаат и да прифатат дека тоа се случува. Било игнорирано насилството и не биле спроведувани никакви истраги за да се заштитат децата, а биле прикривани и обвинувањата.

Во извештајот се споменуваат Питер Морисон, поранешен личен секретар на премиерот Маргарет Тачер, како и Сирил Смит, за кои се вели дека се знаело дека се педофили и дека имаат склоност кон мали деца, но дека никогаш не биле санкционирани. Наместо тоа биле одликувани и обајцата станале носители на титулата сер.

Во нивните случаи целосно потфрлила правната држава, па обајцата биле заштитени од кривично гонење. Во тоа биле вклучени полицијата, обвинителството и политичките партии.

Крвави судири на Индуси и Муслимани во Њу Делхи

Најмалку тринаесет лица се убиени, а поголем број други се ранети во крвавите судирања што избувнале во околината на индискиот главен град Њу Делхи.

Судирањата се случувале во моментите кога на само 18 километри подалеку, во центарот на градот, американскиот претседател Доналд Трамп кој е во посета на Индија, разговарал со своите домаќини.

Тешкиот инцидент почнал како манифестација на поддршка на контроверзниот закон на владата за државјанство, на што веднаш, со протести реагирале противниците на законот. Владата се брани дека законот не е дискриминаторски кон никого, но муслиманите тврдат дека тој е насочен директно против нив, дека ги претвора во граѓани од втор ред и дека затоа е анти-муслимански.

Манифестациите се одржале во делови од градот каде муслиманите се доминантно население, што се смета за директна провокација. Собирањата околу законот, затоа, веднаш добиле верска заднина, по што избувнало крвавото насилство во кое меѓусебно се убивале припадници на хинду религијата и муслимани.

Ова се смета за еден од најкрвавите меѓу верски судирања во индискиот главен град, со децении наназад. Насилството експлодирало кога неколкумина Хинду Индуси се обидела да ја симнат полумесечината од минарето на една џамија.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе