Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Трамп одби да се поздрави, а Пелоси му го искина говорот

Доналд Трамп и Ненси Пелоси

Трамп одби да се поздрави, а Пелоси му го искина говорот

Годинешново, традиционално обраќање на претседателот на САД пред Конгресот, наместо по говорот што обично со внимание го очекуваат американските гласачи – како од редовите на републиканците, така и од редовите на демократите – ќе остане запаметен по инцидентот што го предизвикаа двајцата главни политички актери на домашната сцена – шефот на Белата куќа, републиканецот Доналд Трамп и Спикерот на Конгресот, демократот Ненси Пелоси.

Инцидентот се случи на самиот почеток, пред претседателот да му се обрати на Конгресот. Кога Пелоси стана од своето место, за да се поздрави со Трамп, пружајќи ја раката кон него, што е составен дел од протоколот, тој одби да ја прифати. Само ја остави копијата од своето излагање на пултот пред неа, правејќи се како таа воопшто и да не постои. Пелоси, пак, возврати на истоветен начин- ги зеде хартиите и мирно ги искина на ситни парчиња.

Инцидент без преседан

Целата оваа ситуација меѓу првиот и третиот по ранг поставен политичар во САД, без некое возбудување ја следеше потпретседателот Мајк Пенс, второ рангиран функционер во Америка кој седеше (како што е тоа редот, кога претседателот зборува во Конгресот) до Пелоси, но ја следеа и милиони Американци пред телевизорите, ширум САД, како и многу гледачи низ светот.

Според домашните аналитичари, немало ваков случај во американската политичка историја.

Постоеле и порано остри судири меѓу шефот на државата и спикерот, најчесто околу партиско-идеолошките, или либерално- конзервативните разлики. Но, двете страни, во ваквите прилики, а тоа е работа која се случува еднаш годишно, се труделе, јавно, да не ја покажат својата нетрпеливост и да ја одржат пристојноста во комуникацијата.

Меѓутоа, од доаѓањето на оваа американска администрација и влегувањето на Трамп во Белата куќа, а посебно по победата на демократите на „мид-терм“ изборите во есента 2018 година, по што тие ја презедоа контролата на Конгресот, пресметката на јавната политичка сцена меѓу двете страни, стана без малку вообичаена пракса.

Крајно затегнати односи

Сега работите се дојдени до работ на „зовриеност“ откако демократите во Конгресот, предводени од Пелоси, инаку ветеран во американската политика и меѓу тамошните демократи, со мнозинство гласови, само на конгресмените од оваа партија, изгласаа покренување на постапката за импичмент (за отповикување) на претседателот.

Меѓупартиските односи, а посебно односите на релацијата Трамп-Пелоси, уште повеќе се затегнати поради судењето на претседателот во Сенатот, па инцидентот меѓу нив двајцата, всушност, беше нивната прва меѓусебна средба откако е отпочнат целиот процес.

Некои во САД, затоа, и велат дека ова што се случи и не би требало посебно да изненадува.

Од Трамп се очекуваше да го искористи својот говор за да се пресметува со демократските конгресмени кои седеа во големата сала во Конгресот. Тоа беа тие што гласаа за тој да биде обвинет и суден – за злоупотреба на функцијата (околу барањето до властите во Киев, за да покренат истрага против Џо Бајден и неговиот син, ако Украина сака да ја добие веќе одобрената воена помош), како за попречување на истрагата на Конгресот, затоа што Белата куќа одби да ги испорача потребните документи и не дозволи било кој од персоналот, да сведочи во истрагата.

„Предизборен говор“

Претседателот, сепак, тоа не го направи и својот говор го насочи кон величање на неговите три годишни постигнувања, откако е шеф на државата, а се задоволи само да ја навреди и понижи Пелоси, која уште пред започнувањето на импичмент постапката, често знаеше да ја навредува и како жена и како политичар, на својот профил на Твитер.

Говорот за состојбите во државата започна во 03 часот по полноќ, по средноевропско време и траеше помалку од 1,5 часа. Во него Трамп го повтори она што изминатите три години многу често го зборува – дека „состојбата на нацијата никогаш до сега не била олку добра, посебно во економијата“.

Според претседателот, се отвораат нови работни места, се намалуваат сиромаштијата и криминалот, а расте довербата во Америка низ светот. Тој рече и дека оваа администрација инвестирала дури 2.200 милијарди долари во армијата на САД, вклучувајќи го и покренувањето на новиот род од војската – вселенските армиски сили.

Како свој успех, Трамп го наведе и тоа што ги натерал земјите-членки на НАТО да ги исполнуваат своите обврски кон Алијансата.

Неџентлменска постапка

Аналитичарите во Вашингтон на излагањето на претседателот на САД гледаат само како на „типичен предизборен говор“ за кој велат дека, во секој случај, ќе падне во сенка на инцидентот што го предизвика.

Неговиот гест, кон Пелоси, колку и да можат неговите поддржувачи да го бранат и да го одобруваат, не му доликува на претседателот на Америка – ниту како на политичар, а уште помалку како на џентлемен кон една жена, која уште е и постара од него.

Уште повеќе што е јасно дека Доналд Трамп останува претседател на САД, бидејќи речиси е сигурно дека Сенатот (гласајќи партиски, како и Конгресот, на почетокот од целиот процес) ќе ги отфрли обвинувањата на Конгресот во импичмент постапката.
Ќе остане само за историјата дека тој е третиот претседател кому му било судено.

А, тоа за еден длабоко суетен политичар каков што велат дека е Трамп, е работа која тој никогаш нема да и ја прости на Ненси Пелоси.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе