Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Смртоносниот корона вирус се шири и убива

CandyBox Images/BigStock.com

Смртоносниот корона вирус се шири и убива

Новиот „супер“ корона вирус кој се појави минатиот месец во Кина, продолжува да се шири, откако тамошните власти потврдија дека расте бројот на луѓето кои се заразени, а се зголемува и бројот на починатите лица.

Според локалните медиуми кои се повикуваат на властите во Вухан, кинески град од 11 милиони жители, досега се заразени околу 450 лица, од кои над 300 пациенти се хоспитализирани.

Засега е потврдена смртта на седумнаесет лица.

Првично, здравствените власти во Кина, на појавата на вирусот реагираа како на епидемија на „обичен грип“ но од почетокот на оваа недела, работите околу овој нов вирус се третираат многу посериозно, како од властите, така и од здравствените служби. Од Вухан, вирусот се шири и низ други градови во Кина, а е регистриран и во главниот град – Пекинг.

Вирусот го шират луѓето

Во сите случаи на заразени и заболени од овој вирус во другите кинески градови, станува збор за лица кои претходно престојувале во Вухан и допатувале во своето постојано место на живеење од овој град.

Домашните епидемиолози во меѓувреме утврдија дека вирусот се шири преку луѓето, што ќе рече – од човек, на човек.

Две лица во јужната провинција Гуангдонг заболеле од овој најнов вирус, од членови на нивното семејство со кои биле во непосреден контакт. Потврда за тоа дека вирусот го пренесуваат луѓето е и веста што ја пренесе весникот „Чајна Дејли“ кој излегува на англиски јазик, за тоа дека и меѓу здравствените работници-лекари и медицински сестри – има заразени со овој вирус.

Епидемиолозите објаснуваат дека тоа ја усложнува борбата со него, затоа што многу полесно и многу побрзо може да се шири.

Прв случај на заболен во САД

Корона вирусот освен што брзо се шири низ Кина, веќе се има проширено и надвор од неа. Во Азија, случаи со овој вирус се регистрирани и во Северна Кореја, во Јапонија и во Тајланд, но се стравува дека набрзо ќе бидат зафатени и други земји од овој континент.

Реално е стравувањето вирусот да ги зафати и Австралија и Европа, континенти кои имаат широка комуникација со луѓе кои патуваат кон и од оваа земја, но засега се знае дека прв случај на заболен од корона вирусот, надвор од азискиот континент, има во САД.
Американскиот центар за контрола и превенција од болестите, соопштил дека првиот случај е регистриран во Сиетл, град во северозападниот дел на земјата, каде постои бројна кинеска етничка заедница.

Потеклото е од рибји пазар во Вухан

Стручњаците изјавиле дека новиот смртоносен вирус е сличен на вирусот САРС. Симптомите се – воспаление на белите дробови, зголемена температура, интензивно кашлање и проблеми при дишењето. Засега, не постои никаква вакцина против овој тип вирус.

Корона вирусот спаѓа во пошироката група вируси за кои епидемиолозите и вирусолозите сметаат дека потекнува од животински извор. Според некои извори, на кои се повикуваат светските медиуми, вирусот потекнува од еден пазар за риби во Вухан, но засега, нема потврда на ваквото тврдење.

Во меѓувреме, уште пред реакцијата на Светската здравствена организација (WHO), некои земји како Италија во Европа, или Австралија, веќе имаат преземено мерки за претпазливост. Патниците кои доаѓаат од било кој дел од Кина, се изложени на построга контрола уште на самите аеродроми.

Некои држави, пак, ги предупредуваат своите државјани да ги одбегнуваат патувањата во оваа голема азиска земја, доколку тоа не е премногу потребно.

(П.К.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе