Поврзете се со нас

Skopje Global

Македонија

„Економист“ – Македонија меѓу првите три држави на годината

stoyanh/Bigstock.com

„Економист“ – Македонија меѓу првите три држави на годината

Угледниот британски неделник „Економист“ во својот овогодишен, инаку традиционален избор на држава на годината, меѓу првите три во светот , за кои уредништвото смета дека најмногу напреднале и постигнале во изминатите 12 месеци,  ги определи Нов Зеланд, Република Северна Македонија и Узбекистан.

За Нов Зеланд се вели дека заслужува да се најде во ова друштво, поради енергичниот и одлучен одговор на земјата на масакрот во една тамошна џамија, што го изврши  белец- националист, убивајќи 51 муслимани, недолжни жртви на омразата и na расизмот кои во џамијата биле дојдени на молитва.

Забрадена Јасинда

Реагирајќи на бруталното злосторство, новозеландскиот премиер Јасинда Ардерн стави на главата марама, каква обично носат Муслиманките, објавувајќи им на сите Новозеланѓани и на целиот свет дека нападот врз муслиманите- верници претставува напад и врз сите кои живеат во Нов Зеланд.

Веднаш потоа, владата во Велингтон донесоа нов закон за чување и носење оружје, забранувајќи поседување на полу-автоматско оружје, што за оваа земја претставува радикален чекор напред, бидејќи со години на ред ваквата забрана не можеше да помине во Парламентот, поради отпорот во домашната јавност. По донесувањето на забраната, беа одземени неколку илјади парчиња вакво оружје што беше кај населението.

Според „Економист“ уште по импресивен е напредокот и она што го направи Северна Македонија.

Импресивен напредок

„Оваа земја се согласи да го измени и името, за да го промовира помирувањето со соседна Грција, која приговараше дека името Македонија  на државата ( без некоја географска одредница),  имплицира претензии кон територијата на грчкиот регион со истото име. Поради тоа, Грција со години на ред ги попречуваше евроатланските аспирации на државата – членството во НАТО и почетокот на преговарачкиот процес за влез во ЕУ“.

Пратениците во Парламентот во Скопје, како што пишува весникот во својот уводник во најновиот број,  „ ја проголтаа својата гордост и гласаа за новото име на земјата“. Промената стапи во сила во февруари оваа година.

„Од тој момент, односите меѓу двете соседни држави и меѓу Скопје и Атина се многу потопли. Изворот на сите несогласувања беше тргнат од овој, инаку „чувствителен регион“. Тоа помогна, Република Северна Македонија , практично, веќе годинава да стане дел од Северно- атланската алијанса. ( Се чека само уште на ратификацијата на договорот меѓу Македонија и НАТО од страна на Шпанија, која досега тоа не го направи, затоа што земјата поради нејзината внатрешна, политичка криза со месеци немаше Парламент, а државата функционираше само со техничка влада).

Вето на Макрон

Меѓутоа, датумот за старт на преговарачкиот процес (уште еднаш) се одложи поради ветото на Емануел Макрон, претседател на Франција, земјата што на истата оваа листа,  неделникот „Економист“ ја има прогласено за држава на годината во 2017 година. Најмногу токму  поради изборот на младиот и тогаш малку познат политичар, за нов шеф на француската држава.

Во случајот со Македонија, Макрон остана сам, иако тој сега настојува да ја уверува европската јавност дека не бил осамен во блокадата.

Тој тврди дека не станува збор за казнување на Скопје. Сега признава и дека Македонија ги има исполнето сите услови и барања на Брисел. Ветото, пак,  го брани и го оправдува со потребата од реформирање на ЕУ,  пред да продолжи процесот на ширење на Унијата. Според француското (неговото) толкување на работите,  требало да се реформира системот на влегување во ЕУ и целиот пристапен процес, пред Париз да даде „ зелено светло“ за Скопје.

Сите другите во Унијата го уверуваат дека ветото е непотребно и штетно за самата Унија, пред се. Ставот и на старата и на новата Европска комисија е дека давањето датум за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ и реформите за кои зборува Макрон не се исклучуваат и можат да течат паралелно, Уште повеќе што владата во Скопје објави дека се согласува со новите стандарди (што допрва треба да се усвојат и со системот на ревирзибилност). Макрон, меѓутоа,  останува и натаму против, практично, казнувајќи ја Македонија.

Страв од француските гласачи

Според лондонскиот неделник, блокадата за македонското пристапување кон ЕУ, не е толку од принципиелноста на Париз и инсистирањето за реформирање на Унијата- од надвор и од внатре- колку што е во прашање стравот на францускиот претседател од домашните гласачи. Тој се плаши дека „приемот на уште една балканска држава би можело да ги иритира француските гласачи“- посочува „Економист“.

Лондонскиот весник, затоа, се определува победникот, односно државата на годината, овој пат, да го бара меѓу две досега деспотски и диктаторски земји кои во оваа година, успеаја после многу години да се ослободат таквата власт.

Едната земја е Судан, каде по масовните протести на луѓето, беше соборен од власта Омар ал-Башир еден од најнасилните тирани во светот. Неговиот исламистички режим има убиено и затворано без судење, илјадници Африканци, што во 2011 година предизвика една третина од оваа најголема по површина земја во Африка , да се отцепи за да се создаде државата Јужен Судан.

Новата власт во Картум организира и судски процес против Башир, обвинет за корупција и за злоупотреба на власта, но малку е веројатно дека Суданците ќе го екстрадираат за да му суди и Меѓународниот кривичен суд, за извршениот геноцид во Дарфур. Сето тоа ја прави државата и натаму да делува нестабилна, со закана за враќање на стариот режим со друг човек и со откажување од навестените демократски реформи.

Менувањето  на Узбекистан

Втората земја- кандидат беше поранешната советска република Узбекистан, која беше долго заборавена од светот, зашто беше управувана од пост-советската диктатура на еден човек што ја направи целосно изолирана. Неговиот режим со исклучителна бруталност се има пресметувано со политичките противници и дисиденти. Постојат обвинувања дека луѓето биле фрлани живи во зовриена вода , како и за тоа дека илјадници мажи, жени и деца биле присилувани да работат на памучните полиња под ужасно тешки услови.

Tashkent, Uzbekistan – July 8, 2019: Big theatre of Uzbekistan

Редакцијата на „Економист“ поради тоа, годинава, се определила  токму Узбекистан да биде држава на годината, затоа што конечно , го укинала ропството.

Кога во 2016 година, диктаторот Ислам Каримов почина, откако 27 години беше на власт, за наследник беше определен дотогашниот премиер Шавкат Мирзијојев. На почетокот, ништо во земјата не се случувало, што би било различно од претходните три децении. Но, кога во 2018 година бил сменет шефот на узбекистанската тајна служба, новиот лидер отпочнал да ги менува состојбите.

Укината присилната работа

Во најголем број, неговата влада ја укинала присилната работа. Најпознатиот по зло работен логор-затвор  бил затворен, земјата се отворила за странските новинари, а државната бирократија морала да престане да ги казнува луѓето во малите бизниси, барајќи постојано од нив поткуп.

Многу стари и нови гранични премини биле отворена. Узбекистан се отворил кон светот, па сега владата повикува странски експерти да и помагаат на домашната запоставена економија. Сето тоа, претставува огромен напредок во менувањето на ликот на оваа држава.

Лондонскиот неделник се согласува дека уште многу големи и тешки реформи и промени се потребни за да земјата целосно го измени својот стар лик. Но, за весникот е многу важно што луѓето повеќе не стравуваат дека среде ноќ ќе бидат  одведени од тајната служба. Затоа во „ Економист“ веруваат дека ниту една друга држава во светот, во 2019 година, нема отидено далеку како Узбекистан, оправдувајќи го така своето решение  кој да биде прворангиран.

(С.Г.)

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Македонија

Горе