Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Принцот се повлекува во „илегала“

By Northern Ireland Office - https://www.flickr.com/photos/niogovuk/14649728080/, CC BY 2.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=34554333

Принцот се повлекува во „илегала“

Британскиот принц Ендрју, вториот син на кралицата Елизабета, објави дека се повлекува од јавниот живот и од сите свои јавни должности како член на кралското семејство, поради секс скандалот поврзан со американскиот милијардер Џефри Епстајн, обвинет во САД за шверц на постари малолетнички и млади девојки кои потоа биле користени за сексуални услуги на богати клиенти.

Ендрју и порано и сега, категорично демантира дека бил во сексуална врска со жената која го обвинува за тоа дека кога имала 17 години, била натерана од Епстајн да го задоволува принцот.

Тоа било во времето кога тој веќе беше разведен од својата сопруга Сара Фергусон. Девојката која сега е во средината на своите триесетти години, меѓутоа, тврди дека секс со принцот имала уште неколку пати.

Контроверзно интервју

Американецот кој пред десет години, еднаш веќе беше во затвор, за истите обвинувања, но беше ослободен по само девет месеци. Ова лето, меѓутоа, тој беше одново уапсен и изврши самоубиство во затворот во Њујорк, каде очекуваше ново судење, сега обвинет за сексуално насилство врз малолетни девојки.

Британскиот принц признава дека се има сретнато, одново, со Епстајн, во 2010 година, по неговото тогашно пуштање од затвор. Иако вели дека тоа било само еднаш, во Њујорк, за што постои и снимка, како се шетаат низ њујоршкиот Централ Парк, сега вели дека било тешка грешка.

Тоа откритие, пред девет години предизвика Ендрју да мора да се повлече од својата тогашна државничка функција – промотор на британскиот бизнис и извоз низ светот – именуван на таа позиција од владата во Лондон.

Сегашната одлука на синот на кралицата доаѓа по неговото интервју за Би-Би-Си кое предизвика бурни реакции во британската јавност и осуди во медиумите, затоа што во разговорот нема ниту покајување, ниту жалење за она за што се има доведено, а преку него во што е вовлечено и целото семејство. Најмногу јавноста му забележува што Ендрју ниту еднаш не покажува сочувство за девојките кои биле разнесувани со приватни авиони, на разни богати клиенти за сексуално задоволство.

Кралицата го одобрила повлекувањето

Во интервјуто тој и натаму се брани себе си, тврдејќи дека немал ништо со младата девојка, но прифаќа да и помага на истрагата доколку тоа биде потребно и доколку тоа од него биде побарано.

Во посебно соопштение тој го објави своето повлекување, што е крајно невообичаен потег за еден волку висок член на кралската куќа. Во објаснувањето Ендрју вели дека целиот скандал околу аферата Епстајн предизвикала „метеж“ во редовните активности на кралското семејство и посебно се одразило врз хуманитарните организации во кои тој е вклучен, а кои сите се под патронат на кралицата Елизабета и кралското семејство.

Низа угледни донатори на средства за овие организации се повлекоа, или најавија повлекување од финансирањето, поради присуството на принцот.

„Затоа и побарав од нејзиното височество (кралицата) да дозволи да се повлечам од сите такви активности и од сите јавни обврски што ги имав како припадник на кралската куќа. Таа се согласи со тоа„ – рекол принцот Ендрју во своето соопштение.

Некои од лондонските и американските медиуми објавија дека Ендрју бил „набркан“ и дека, всушност, е казнет од неговата мајка, но Бакингамската палата категорично ги отфрли таквите пишувања како измислени и неточни.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе