Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Србија продава оружје за ИД во Јемен?

anas alhajj/BigStock.com

Србија продава оружје за ИД во Јемен?

Меѓународниот портал Армс Воч (Arms Watch), во неколку продолженија има објавено написи за тоа дека оружје произведено од српската фабрика “Крушик“ од Ваљево завршило кај припадниците на џихадистичката Исламска држава (ИД) во Јемен.

Во зделката посредувала фирма регистрирана во САД, а трансферот на оружјето одел преку Авганистан. Според пишувањето на порталот, неговите новинари имале обезбедено официјални документи од „Крушик“ од кои излегува дека гранатите видени кај припадниците на ИД, всушност, ги има купено Министерството за одбрана на Саудиска Арабија.

Станува збор за 517 гранати произведени во оваа фабрика во Србија.

Татко и син

Армс Воч тврди дека како посредници во целата зделка биле вклучени членови на потесното семејство на високи владини функционери во Белград.

Тамошните медиуми, пак, откриваат дека извозот на гранатите за џихадистите во Јемен одел преку српската приватна фирма ГИМ на локалниот бизнисмен Бранко Стефановиќ. Тој инаку е татко на министерот за внатрешни работи на Србија Небојша Стефановиќ, еден од најлојалните министри на актуелниот српски претседател и лидер на владејачката Српска напредна странка (СНС) Александар Вучиќ.

Порталот во меѓувреме се огласи со посебно соопштение во кое обвинува дека интернет страницата Армс Воч сега е изложена на силни хакерски напади, кои доаѓаат од Србија.

Тие се појавиле веднаш штом порталот го објавил третото продолжение за зделката на „Крушик“ за јеменските џихадисти.

Министерството за одбрана на Србија демантира дека е точно сето она што го објавува порталот. Но, Армс Воч не само што останува на тврдењата и на откритијата до кои има дојдено, туку и дека сега е изложено на постојани српски хакерски напади.

Армс Воч сега може да се следи само преку користењето на т.н. VPN софтвер.

Страда цивилно население

Српската опозиција ги искористи написите во овој портал за да ја нападне власта во Србија, но ситуацијата во Јемен останува сложена и изгледа нерешлива, откако во граѓанската војна која трае веќе неколку години, од почетокот има силно мешање од надвор.

Преку политичката и воена поддршка за завојуваните страни, преку тајното и илегално продавање оружје и со директната странска интервенција.

Во јеменската војна, во која најмногу страда цивилното население, директно се судираат двете, длабоко спротивставени секти на исламот – сунитската и шиитската.

Сунитите ја имаа власта во Сана, кога избувна бунтот на шиитите, кои тврдат дека се третирани како население од втора категорија, целосно обесправено во државата. Тие лесно стекнаа воена предност во судирањата и навлегоа во главниот град.

Антишиитска алијанса

Сунитите и Западот кој ја подржуваше власта, откако Јемен некако ги преброди настаните од т.н. арапска пролет, тогаш го обвинија Иран дека не само што ги подржува локалните шиити, туку и дека воено ги помага. Техеран беше обвинуван дека и во овој судир на Блискиот Исток во кој се судираат интересите на двете секти, настојува да наметне своја доминација во регионот.

Тоа ја предизвика власта во Ријад, која себе си се смета како заштитник на сите сунити, да интервенира и да не дозволи инсталација на Иран во неговото јужно соседство. Саудиска Арабија формира сунитска воена алијанса од пет заливски и блискоисточни држави кои со своите (воздухопловни сили) се вклучени во борбените операции против јеменските бунтовници.

Главните воздушни напади, сепак, ги спроведува авијацијата на Судиска Арабија, а независни странски аналитичари тврдат дека во таквите напади многу често се бомбардираат села и градови кои се под контрола на бунтовниците- шиити, во кои страдаат жени, деца и стари луѓе.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе