Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Камерон признава – погрешив со референдумот за ЕУ

palinchak/BigStock.com

Камерон признава – погрешив со референдумот за ЕУ

Поранешниот британски премиер Дејвид Камерон за прв пат признава дека погрешил организирајќи референдум за ЕУ во јуни 2016 година, кога тоа никој од него не го бараше, предизвикувајќи го Брегзит и сето она што се случува во Британија, во последните три години.

Во мемоарската книга заглавена како “Официјално“ (“For the Record”) чии делови објавува весникот „Тајмс“, Камерон признава дека сето тоа што се случува околу Брегзит, како и последиците со кои се соочува земјата поради напуштањето на ЕУ, ќе ги „има на душа“ до крајот на неговиот живот, жалејќи притоа што не успеал со неговата стратегија околу т.н. „европско прашање“ (односите на Лондон со Брисел).

Побуна на десничарските ториевци

Камерон го почна својот втор премиерски мандат во мај 2015 година, откако на изборите успеа да извојува убедлива победа, па за разлика од првиот мандат, кога со либералдемократите на нивниот тогашен лидер Ник Клег мораше да прави “неприродна“ коалиција, за да може да создаде влада и да стане премиер, овој пат тој и неговите конзервативци сами формираа владин кабинет.

Тоа требаше да му ја олесни работата околу средување на состојбата во партијата, пред се, со нејзината десница и со тврдите антиевропејци кои почнаа да се бунтуваат уште во времето на претходната влада.

Во тој период Клег и либералдемократите (како и лабуристичката опозиција) беа категорички против отворање на прашањето за состојбите и односите со ЕУ, па тоа ниту можеше да се покрене, а ниту да се изведе без владина криза.

Кога ториевците останаа сами по мајските избори во 2015 година, конзервативната десница отвори фронтален напад, користејќи ги проториевските лондонски таблоиди, плашејќи ги Британците со “мигрантите“ од ЕУ (што тие не се тоа, затоа што во целата Унија имаат статус на државјани на ЕУ), притискајќи врз Камерон, во Брисел и меѓу земјите членки, да го покрене прашањето за менување на Лисабонската спогодба и на некои од основните правила врз кои се темели Унијата, како и да издејствува “независност на британското судство“, само затоа што Европскиот суд на правдата поништуваше некои од пресудите на судовите во Британија, оценувајќи дека се антиевропски.

Фараж го исплаши Камерон

Во мноштвото од, главно, изнасилени и претерани тврдења за европските „мигранти“ кои беа обвинувани за се и за сешто, иако огромниот дел од нив не беа “социјалци“, туку имаа работа, плаќаа данок на британската држава, внесоа свој личен капитал во неа, што го трошеа купувајќи станови и имот во Британија, главното орудие за плашење на Камерон, беше малата, маргинална десничарска и антиевропска партија УКИП, чиј лидер Најџел Фараж, бегалец од ториевските редови, на сите страни агитираше против Унијата, таква каква што е сега уредена.

Партијата во меѓувреме, практично, престана да постои, зашто Фараж, за кого се вели дека секогаш ги извршува валканите работи за некој друг, сега има создадена друга партија (Брегзит партијата) и одново како и до сега е евро пратеник, за висока европска плата, но пред четири и нешто повеќе години тој се закануваше дека ќе ги подели конзервативците и дека десницата од партијата ќе се префрла во тогашниот УКИП (Партија за независност на Обединетото кралство).

Камерон, очигледно, се исплаши и подлегна на притисокот на тврдата партиска десница која го уверуваше дека ако не преземе нешто се Брисел може да предизвика расцеп, а потоа и пораз на наредните парламентарни избори. Тогашниот британски премиер започна преговори со ЕУ за да “се стави ред во миграцијата“ мислејќи на тоа да се ограничи приливот на луѓе од другите земји-членки, што е спротивно на основното правило на ЕУ за слободното движење на луѓе низ Унијата.

Арогантна одлука

Стана јасно дека проблем за Британците и за оние антиевропски сили кај ториевците, не беше тоа што во Британија работеа и живееја околу 450 илјади Французи, туку силниот наплив на луѓе од Источна Европа – далеку најмногу од Полска, над еден милион.

Британскиот премиер наиде на делумно разбирање и ЕУ прифати определени селективни мерки во деловите каде Британците обвинуваа дека “се злоупотребува слободното движење на луѓето низ ЕУ“, затоа што цели семејства од Истокот на Унијата доаѓаат да живеат во Британија, само за да ги користат бенефициите од тамошниот социјален, здравствен и образовен систем.

Но, тоа што го постигна Камерон и што можеше да се надградува, не им се допадна на антиевропејците кои гледајќи ја неговата исплашеност, бараа повеќе.

Тогаш тој самоуверено и политички арогантно, објави дека за идните однос со ЕУ ќе одлучат британските гласачи, на референдум, определувајќи се за останување на земјата во ЕУ, затоа што тоа е стратешки интерес на Британија.

Погреши и во проценката дека мнозинството (очекуваше поддршка за ЕУ меѓу 60 и 65 отсто), ќе бидат за неговата опција, за останување во ЕУ. Но, за тоа се определија 48 отсто од гласачите, наспроти 52 отсто кои беа за Брегзит. Тие и поверуваа на антиевропската пропаганда и на лажно наметнатиот страв дека “Турци и Балканци ќе ја преплават Британија, откако претходно ќе ги препливаат Ламанш“.

Натурализираните Британци за Брегзит!

За Брегзит гласаа дури и оние Европејци кои веќе станаа британски државјани, а меѓу нив и повеќето од тамошните Македонци кои станаа Британци, затоа што претходно веќе беа бугарски државјани, земајќи бугарски пасоши и прифаќајќи дека имаат бугарско етничко потекло.

За напуштање на ЕУ, на референдумот се определија и повеќето британски Индуси и Пакистанци, кои се најбројната етничка заедница од Азија, затоа што стравуваа дека источноевропејците ќе им ги поматат сметките во нивниот бизнис и позиција во општеството.

Камерон замина од Даунинг стрит 10 и од политиката, оставајќи и на Тереза Меј да ги заврши работите околу Брегзит.

Во својата мемоарска книга сега открива дека побарал од своите политички сојузници во партијата и во владата да ја подржат Меј и да и помогнат, но излезе дека ни тоа не му успеа. Меј беше грубо тргната од премиерската функција, со партиски пуч на десницата која го одбра Борис Џонсон за да ја заврши нивната работа – излегување од ЕУ без договор со Брисел, длабоко верувајќи дека Британија е доволно голема за да може сама, без ЕУ, да оди во иднината, онака како што тоа било можно во времето на кралицата Викторија, во 19 век!?

Борис менува страна

Џонсон кој со Камерон е другар уште од средношколските денови во аристократскиот колеџ Итон и во текот на студиите во Оксфорд, на почетокот од овој процес беше на страната која беше против напуштање на Унијата, иако како ториевец е традиционален евроскептик. Поранешниот премиер во својата книга го потврдува тоа, презентирајќи ја пораката на Џонсон што му ја упатил веднаш по одлуката за референдумот.

“Сега сум несреќен поради таквата твоја одлука” – му напишал Џонсон на Камерон.

Но, другарите и некогашните политички сојузници, дефинитивно се разделија кога Џонсон направи целосен пресврт во политиката, определувајќи се да ги предводи најтврдите партиски десничари, антиевропејци и брегзитери. Камерон вели дека тоа го направил само од политички интерес, за да дојде до функцијата што сега ја има.

Открива притоа дека на Борис Џонсон му испратил куса порака:

“Требаше да се врзеш за мене, другарче“ – напишал Дејвид Камерон.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе