Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Борисов: Дачиќ треба да се извини!

Belish/Bigstock.com

Борисов: Дачиќ треба да се извини!

Во Белград велат дека секогаш кога српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ ќе отвори уста да зборува – ќе направи дипломатски инцидент. А како одминува неговиот мандат, како шеф на дипломатијата, станува погруб во настапите. Помалку налик на предводник на дипломатијата, а повеќе налик на луѓе кои седнати на кафеанска маса, “бистрат“ политика, користејќи како “аргументи“ навреди и дисквалификации на се и секого, уверувајќи се себе си дека така се поголеми патриоти.

Кавгаџискиот тон е редовно присутен кога станува збор за Косово, прашање кое Белград мора да го затвори доколку, навистина, сака влез во ЕУ и тоа на тој начин што, фактички, ќе мора да признае дека на просторот на некогашната југословенска и српска покраина, десет години егзистира нова, балканска, независна држава.

Нервозниот српски министер

Таков груб инцидент Дачиќ има направено и на неодамнешната меѓународна конференција во полскиот град Познањ. Досега на удар беа највисоките државни претставници на БиХ и на Црна Гора. На удар во одреден момент се најдоа и Хрватска и Македонија, но овојпат српскиот министер се нафрли врз бугарскиот премиер Бојко Борисов, грубо реплицирајќи му на неговата претходна дискусија во расправата – околу преговорите за Косово.

“Бојко има да го почитуваш ставот на ЕУ (за Косово), а не да му држиш – лекции на (Јосеп) Борел. Па, на што тоа личи. Па, тоа е безобразие! Најмногу од се ме нервира лицемерието. Доста со тоа….А, да не споменувам дека (Бојко) има добиено наше (српско) одликување“.

Така според белградските медиуми зборувал шефот на дипломатијата на Република Србија, кога повисокиот по ранг од него и според позицијата, бугарски премиер, како државник од земја, членка на ЕУ се осврнал на потребата, побрзо да се изнајде решение за косовското прашање, низ механизмите на Унијата и преку нејзината посредничка мисија во дијалогот Приштина-Белград. Таа задача досега ја имаше Федерика Могерини, како раководител на “европската дипломатија“, а од 1 октомври ќе ја преземе сегашниот шпански министер за надворешни работи, Борел кој е предложен на нејзиното место.

Остра реакција на Софија

„Вината“ на Борисов била во тоа што во еден момент рекол дека наследникот на Могерини, Шпанецот Јосеп Борел ќе треба да ја следи заедничката политика и позиција на ЕУ (за Косово), а не позицијата на владата на Шпанија која се уште ја нема признаено косовската независност. Во својата реакција, Дачиќ тврди дека Унијата не го признала Косово како независна држава, што не е точно. Од 28 земји членки, 23 одамна го сметаат Косово за независно, само пет- Шпанија, Словачка, Романија, Грција и Кипар, секоја од свои внатрешни причини, се имаат определено да не ја прифатат заедничката одлука на Унијата.

Шпанија, на пример, затоа што се соочува со сепаратизам во Баскија, а од скоро и во Каталонија. Романија поради Трансилванија, Кипар, затоа што островот е 47 години поделен, а Грција од стравот дека некои нејзини делови би можеле да “излезат“ од државата, што е повеќе плод на грчките историски заблуди врзани за Балканот.

Но, како и да е, големото мнозинство европски држави ја има прифатено новата балканска реалност. Тоа сега треба да го направи и Србија, ако не со формално признавање, тогаш со меѓународен и правно обврзувачки договор за границата (на новата држава).

Официјална Софија остро реагираше на инцидентот и на тонот на обраќањето на српскиот шеф на дипломатијата. Во бугарското МНР бил повикан српскиот амбасадор кому му е изразен остар протест. Во посебно соопштение, бугарското министерство забележува дека “коментарот на Дачиќ кон Борисов е целосно неприфатлив“. Софиските медиуми, по тој повод забележуваат дека на конференцијата во Познањ, Борисов зборувал како европски политичар, дека ако некој треба да реагира тоа би требало да бидат официјален Мадрид и самиот Борел, додека за српскиот министер пишуваат дека настапот му бил “крајно неумесен, невоспитан и груб“.

„Извини Бојко“

Премиерот на Србија Ана Брнабиќ и самиот Борисов, се обидувале уште на самата конференција да ја смират целата работа, иако е јасно дека таа, како премиер, нема никаква контрола врз својот министер, па се вклучил и Александар Вучиќ. Од Белград тој има речено дека „Србија има моментална криза со Бугарија, иако односи на двете соседни земји се одлични“. Според него, причината за инцидентот била во тоа што Софија го признава независно Косово, а Србија-не. „Тука се разликите“ – рекол српскиот претседател.

Бугарскиот премиер, во Белград беше на големо пофалуван за улогата што ја одигра како претседавач на ЕУ, минатата година, силно залагајќи се за земјите од Западен Балкан и за нивното приклучување кон ЕУ, па доби и српски орден, без разлика што Софија и тогаш го имаше признаено Косово. Сега, Борисов му порача на министерот Дачиќ, да се извини. “Нека каже- извини Бојко-не разбрав правилно за што зборуваше. Па, потоа да продолжиме понатаму“ – со добрососедството и со соработката.

Независни аналитичари во Белград не веруваат дека овој министер, како и било кој друг во сегашната српска влада е способен да го направи тоа. Да собере храброст и јавно да се извини, како што вели и Борисов – па притоа и нека се сокрие со објаснувањето дека не разбрал што зборувал бугарскиот премиер. На Србија и тоа како и се потребни пријатели во соседството, зашто не може постојано да се крие зад Москва. Потребен и е, затоа, и гласот на Софија во ЕУ, не само за Косово, туку и за натамошното движење по европскиот пат.

Особено што на тој пат, Србија е ставена не според реформите и нејзината европеизација, туку за да стави крај на косовскиот јазол. Во таква ситуација, Белград мора да го измени односот кон своите соседи, со кои со сите, освен со Унгарија на Орбан, е во некаква постојан расправија. А. во расправијата, српската страна, еднаш се прикажува како “жртва“, но многу почесто се поставува себе си, како некаква “голема сила“ во регионот, која кон државите од екс ЈУ ќе се однесува онака како што Москва се однесува кон поранешните советски републики.

Прекинување со лицемерието

Затоа ова е време, кога актуелната српска власт ќе престане да произведува проблеми и нервоза во соседството и во регионот. Посебно, ако сака трајно да го реши проблемот со Косово. Секако, тоа е нејзина работа, која ќе треба да ја направи заедно со косовските власти, но соседите може да и се најдат при рака и да помагаат, ако Белград во добрососедство настапува без лицемерие. Дачиќ има право само во една работа – време е да се престане со лицемерното однесување.

Во српскиот случај тоа значи нема ништо само од декларирање “добрососедство“, додека во исто време, српското разузнавање активно работи на внатрешната дестабилизација на соседната држава.

Во целата оваа работа околу инцидентот што го предизвикал српскиот министер во Познањ, има и нешто друго. Тоа е нервозата на Белград дека ја губи и пропагандната битка за Косово, што ја започна со помош на Москва, вршејќи притисок, дополнет со соодветно ветување за некаква награда, врз некои држави во Африка, Централна Америка и на Пацификот, да го повлечат еднаш веќе направеното признание на косовската независност.

Таквата офанзива започна откако минатото лето, кога, онака, како “од небо“, тој и претседателот на Србија почнаа да зборуваат за “разграничувањето“ меѓу Србите и Албанците (мислејќи на оние на Косово).

Потоа, разграничувањето прерасна во цртање карти и во повлекување нови граници (на косовска територија) и сето тоа се заокружи со идејата за размена на територии (северот на Косово, за делови од прешевска долина, која е дел од територијата на Република Србија). Дачиќ и српскиот државен врв немаа храброст да и кажат на домашната, се уште националистички настроена јавност, како и на ЕУ и на светот дека “нафрлената идеја“, всушност, е “компромисниот предлог“ на Белград за трајно решавање на косовското прашање.

Пробен балон

Замислата очигледно беше во текот на летните месеци, да се пушти “пробен балон“ за јавноста во Србија и за тамошната црква, која инаку е силно вклучена во домашната политика, како и за Европа и за САД за да се почувствува и види нивната реакција. Тие, пак, реагираа некоординирано и со позиции кои му оставија простор на Белград сето тоа да го толкува како што нему му одговара.

Прво, американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон изјави дека Америка ги подржува “сите решенија“ што ќе ги договорат Приштина и Белград. На таа линија “се залепи“ и Могерини, а Франција и Макрон, во нивни стил, го одмолчеа понуденото од српската страна, но Берлин и Лондон, остро се спротивставија.

Во белградската “формула“ за компромис (со косовските Албанци) германскиот канцелар Ангела Меркел виде закана- за самото Косово, за регионот (пред се за БиХ), но потенцијално и за Македонија, како и за низа други невралгични точки на континентот, доколку етничкото чистење на Дачиќ и новите граници- добијат “зелено светло“.

Сега, човекот кој ја предводи српската дипломатија стравува дека ако не сите, некои од оние пет преостанати членки на ЕУ, би можеле да стават точка на процесот за признавање на косово во Европа. Доскорешниот грчки премиер Алексис Ципрас, велат, дека бил на пат тоа да го направи, по договрот од Преспа.

Наследникот на Могерини, Шпанецот Јосеп Борел, секако, не ќе може да седи на две столчиња, па еден аршин да има за Шпанија, а друг за ЕУ, колку и да му е тешко на Мадрид да ги усклади работите поврзани со косовската независност. Во Познањ, Бојко Борисов доби јавна “лекција“ на српски начин, затоа што му ја предочи на Ивица Дачиќ реалноста со која се соочува Белград.

(Б.Д.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе